Македонија меѓу сонот и јавето на транзицијата (2001 – 2011)

 

Војната/конфликтот во 2001
(Наместо Македонија во НАТО, НАТО влезе во Македонија)

Денес сме сведоци на авантуристичкиот дух на македонската надворешна политика. Препреката за влезот во НАТО е името на државата. Владата предводена од СДСМ треба час поскоро, пред НАТО самитот во јуни годинава, да договори решение за спорот со името, коешто ќе биде прифатливо за Грција. Владата предводена од СДСМ сака по секоја цена, круната на Планот 3-6-9, да биде влезот на Македонија во НАТО.

Сепак, влезот на НАТО во Македонија, беше задача за првата влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Задачата ја реализираше Васил Тупурковски, лидер на Демократската Алтернатива (ДА) која беше дел од владината коалиција. Признавањето на Тајван, беше претставено како едноставна политичко-економска компензација на македонската надворешната политика, ветени беа две милијарди долари инвестиции во слободните економски зони во Македонија. Во јануари 1999, Александар Димитров, министер за надворешни работи од редовите на ДА, воспостави дипломатски односи со Тајван и го посети Тајпеј.

Очигледно, извршувањето на зададените задачи на авантуристички начин, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ го реализираат преку коалиционите партнери, без оглед дали е тоа преку партиски кадровик на коалиционен партнер (Александар Димитров од ДА), или кадровик на самопрогласени групации ( Никола Димитров на т.н Амстердамска тројка). Уште поочигледно, за да биде срамот помал и вината за лошиот исход на авантурата да се префрли на тело или индивидуалец, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ си имаат по еден Димитров за една употреба.

После воспоставувањето на дипломатски односи на Р. Македонија со Тајван, членот на Советот за безбедност на Обединетите нации, НР Кина ги прекина дипломатските односи со Р. Македонија и стави вето на продолжувањето на мандатот на УНПРЕДЕП во Македонија.

Заменувањето на мисијата на Обединетите нации во Македонија со НАТО силите, се одвиваше во две етапи, во временскиот период од крајот на 1998 до крајот на 2001 година, и тоа:
– Во декемри 1998 година,  Владата на РМ донесе одлука за доаѓање на НАТО силите во Република Македонија во функција за извлекување на верификационата мисија на НАТО во Косово.
– Во август 2011 година претседателот на Република Македонија и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП го потпишаа Рамковниот договор за разрешување на политичката и безбедносната криза во земјата. Согласно со Договорот, до крајот на 2001 година следеше НАТО мисијата „Жетва“, а 2002 година на територија на Р. Македонија дејствуваше НАТО мисијата на „Килибарните лисици“. За прв пат, во пресрет на парламентарните избори во 2002-та година, македонските политичари го поврзаа останувањето на НАТО мисијата со потребата од безбедни, фер и демократски избори.

СДСМ – ДУИ (2002 – 2006)

Законот за амнестија, беше дел од пакетот на Охрискиот рамковен договор. На политичката сцена се појави ДУИ, додека од истата исчезна преку ноќ дотогаш непобедениот во албанскиот блок, ПДП.

Во владината коалиција на СДСМ влезе ДУИ, чие лидерство го сочинуваа командатите на поранешната ОНА. Од 15 септември 2002 до денес (со мала пауза меѓу 2006 – 2008) ДУИ ќе биде незаменлив дел од власта. СДСМ имаше за задача командантите да ги внесе во власта, додека ВМРО ДПМНЕ ја доби задачата да ги амнестира во 2008-та година, кога македонскиот парламент реши да не се процесуираат 4-те хашки случаи.

„На 15-ти Септември, овој народ, ќе обзнани, ќе прослави, една голема победа, победа за Македонија!“ беше гласно изговорената реченица со која ги завршуваше своите говори Бранко Црвенковски во предвечерието на изборите од 15-ти Септември 2002 година. На власт повторно дојде СДСМ, колку поради незадоволството на граѓаните од владеењето на ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски, толку и поради големите ветувања на СДСМ дадени во предизборниот период.

„По еден вработен од семејство“ – не видовме. Видовме три влади предводени од Бранко Црвенковски, Хари Костов и Владо Бучковски, влади кои ги продолжија распродажбите на државниот имот. Ако ДПМНЕ ги продаде Стопанска Банка, Окта и Македонски Телеком, СДСМ го отвори банкарскиот сектор за останати странски банскарски корпорации и ја продаде дистрибутивната мрежа на ЕСМ.

Второто доаѓање на месијата Бранко заврши со негово бегство во претседателската функција. Владите на Костов и Бучковски очигледно немаа идеа што да прават со власта, а паралелно со тоа, нивните влади и воопшто нивното владеење, го тресеа низа корупциски скандали.

ВМРО во меѓувреме, се соочуваше со внатрешна криза, дури и насилства при целосното префлрање на раководењето на партијата од рацете на Георгиевски во рацете на Груевски, во хотелот Панорама во 2004 година. Лошото владеење на СДСМ го поплочи второто доаѓање на власт на влада предводена од ВМРО ДПМНЕ.

„Портокаловата револуција“ на новото ВМРО ДПМНЕ

Владата на Владо Бучковски ги загуби парламентарните избори во 2006-тата година. СДСМ не само што ги загуби изборите, туку и доживеа мал расцеп, со формирањето на НСДП на Тито Петковски, партија која стана дел од новата власт. ВМРО ДПМНЕ по втор пат доби шанса од народот, поддршка добиена врз база на јасна неолиберална политика која новото ДПМНЕ ја спакува во флоскулата „економски патриотизам“. Овој „патриотизам“ значеше целосно ставање на македонската економија во служба на странските инвеститори и кредитори. Имено, Македонија воведе рамен и најнизок корпоративен данок (данок на добивка) во Европа. Македонија стана бизнис рај за странските корпорации, а остана работнички пекол. Со плати најниски во регионот, врз македонскиот работник се префрли сиот товар за пополнување на буџетската дупка поради воведениот рамен данок. Овој товар денес се’ уште го носат граѓаните. Законот за Додадена вредност, чија цел е, на крајот на краиштата, оданочување на крајниот корисник, граѓанинот, до скоро се реализираше преку индиректното оданочување на потрошувачите. Денес ова оданочување стана директно, поради тоа што ДДВ-то ги опфати и физичките лица со релативно повисоки примања од просекот. Буџетот на РМ за 2018 е предвидено да се полни 44% од ДДВ, а само 12% од данокот на добивка наменет за оданочување на профитите на корпорациите. И наместо од корпорациите преку прогресивен данок, буџетот на РМ последните 10 години непрестано се полни и преку непрестаното задолжување на државата пред странските кредитори, пари кои на крајот на денот, повторно мора да ги враќаат македонските граѓани.

Почетниот занес од новиот начин на практикување на власта на новото ВМРО ДПМНЕ, заврши по само 2 години. Портокаловата револуција беше само предизборен маркетинг, исто како што по се’ изгледа ќе испадне дека е, и шарената револуција која ја доведе на власт СДСМ.

Економскиот патриотизам заврши во историски ревизионизам. Неолибералната подлога на македонската економија не даваше изгледи за одржување на митот за економскиот патриотизам на новото ДПМНЕ, без се’ поголемото задолжување и нудење сирова националистичка реторика. ВМРО ДПМНЕ појавно, го прегрна национализмот повторно, но на гротексен начин, преку антиквизацијата на историјата и центарот на Скопје.

Зад завесите, распределбата на сферите на интерес меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ се одвиваше беспрекорно. Имаше привиден мир во земјата. Задоволни беа партиските кадри на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Задоволна беше и Меѓународната заедница видена во светлото на западните дипломати. Тие воопшто не беа загрижени што Груевски ја зацврстува власта применувајќи инстиуционални и вон-институционални насилни методи.
Иституционалното насилство Груевски го спроведуваше преку закажување предвремени избори, секогаш кога е сигурен дека победата му е загарантирана.
Од вон-институционалните насилни методи, за прв пат почна да се применува концептот на контра-протести со тепањето на демонстрантите од „Плоштад слобода“ против обезличувањето на центарот на градот. На предвремните избори одржани во 2011 година, славата на ВМРО ДПМНЕ беше поматена од смртта на нивниот млад активист, Мартин Нешковски. Тогаш ВМРО градеше мит на безгрешна власт, и реши да го скрие ова убиство. Сепак тоа се покажа како фатална грешка на режимот, што ги разбуди од дводецениски сон македонските граѓани, особено младите.

Започнаа протестите против полициска бруталност, како еден вид подготовка за идното политизирање на граѓаните преку улични протести. Оваа традиција, уште тогаш поттикната меѓудругото, од невладиниот сектор и слободното граѓанство, ќе кулминира со т.н шарена револуција која, на крилјата на т.н бомби (прислушкувани разговори) ќе даде особен придонес во симнувањето од власт на 11 годишното владеење на ВМРО ДПМНЕ на Никола Груевски.

 

Автор: Зоран Василески

| 2018-01-30T12:24:12+00:00 30 јануари 2018|Актуелно, Некатегоризирано, Став|