Македонците, Албанците и заедницата

На македонците и албанците им е судено да живеат заедно, во иста држава. И едните и другите делат слични негативни својства. И двата народа го „кркаат“ од „своите“ политичари, што ги прави жртви на политичарите. И двата народа не знаат да се организираат политички. И двата народа страдаат од исти работи, за кои сме зборувале и сме го повторувале истото со години.
Некои сакаат да остават впечаток дека државата е на македонците, тие ја имаат тапијата на куќата и тие некому даваат или земаат некакви права. Тезата е сосема неточна. Далеку од тоа дека државата е нечија, особено македонска или албанска, уште па помалку на другите помали етнички заедници. Македонците кои живеат на маргините, а нив ги има многу, особено ако се земе како референца рамката на некои западноевропски држави во „сопствената“ држава живеат како робови на политичките партии, на сопствениците со македонско етничко потекло (Камчев, Мијалков, Минчо итн.), на сопствениците од балканскиот регион (Грчки, Турски), и на сопствениците од светот (фамозните странски инвестиции). Македонците не го добиваат здравството за коешто плаќаат, не го добиваат образованието што го плаќаат, не го добиваат односот од државата што го плаќаат, не ги ползуваат бенефициите од тоа што се Македонци.
Уште индикативно за тезата којашто ја застапувам е тоа дека македонците ниту одлучуваат на избори кој ќе управува со државата. Најчесто тоа се самите политички партии преку различни злоупотреби на јавни и приватни институции и медиуми – кои тврдат дека се на страна на обичниот граѓанин. Сведоци сме дека странски амбасади со години и децении претставуваат главен фактор на медијација и на митигација помеѓу македонските, но и албанските политички фактори. Тоа повторно говори за неспособноста на овие народи да создадат лидерство коешто ќе знае да влезе во дијалог и да создава здрав политички и социјален однос. Нештата во светот се толку комплицирани што дури и случајот со Грција е пример колку можеме да очекуваме револуционерност од наши политичари кога економските и гео-политички позиции во светот се така поставени, што за најслабиот никогаш нема простор за влијание.
Високата средна класа и високата класа составена од богати, често корумпирани, но богати поединци, ги нема предрасудите околу етничките стереотипи и создавање на митови на нетрпеливост. Припадници на повисоките класи на една етничка заедница, речиси никогаш немаат проблем со припадници од високите класи на друга етничка заедница (хомолози), дури и да влезат во брачна заедница. Бизнис релациите се секогаш темел на нивните односи, но и бизнис амбиентот предизвикува чувства на привидна еманципација, тие луѓе ретко следат вести и многу поретко се инфицирани од дневнополитичките агенди на политичките партии. Политичките партии често за да останат и бидат на дневен ред преку медиумите и другите канали на комуникација, го матат јавното мислење, додавајќи елементи на параноја, ксенофобични приказни и страв од урнисувањето на модернистичките митови. Сите знаеме дека модернистичките митови се нужност на една државна митологија, вкомпонирана во една историска и политичка нарација, со осмислени државни институции. Што е државата ако не само една приказна чии корени стојат во предмодернистичкиот период, чија реализација започнува со раѓањето на идејата за истата и мобилизацијата на истата. Секоја држава градена врз духот на модернистичката катехеза, има нарација на „ослободување“ и проширување на идејата за таа држава, за претците, за мартирите, за староста на генот, за засебноста на идејата којашто на крај преку државата станала реалитет.

Од друга страна, државата не е на албанците, поради истите и слични причини кои ги набројав погоре, но и поради дистанцата којашто се напластувала во последниве неколку децении. Бројни се причините за тоа зошто албанец не ја чувствува државава како своја, а многу често и оправдани низ историјата на овие три децении „независност“.
Килави се дебатите околу различни дневно политички прашања поврзани со јазикот и со уставот. Како левичар, сметам дека се’ може да се промени, како устав, така и граници на држави, така и закони, така и секојдневна култура на однесување и организирање. Стојам на ставот дека се’ додека постојат граници тие ќе се менуваат. Хегеловиот одговор на замерката на неговиот студент: „Тоа не е во согласност со фактите“, е маркантна, но и доста супстанцијална. „Дотолку полошо за фактите“, односно за вистината, односно вистината и фактите ги прилагодуваме на нашите потреби, а во име на квалитетот на живеење ако треба и ќе ги промениме. Уште доколку ја додадеме на сето ова Марксовата теза дека во „ова општество работниците немаат своја татковина“, на јасен начин ќе ја разбистриме присутната хегемонија на еден идеал. Какви приказни ви раскажуваат такви приказни знаете, таков е јазикот на комуникација, така вие го поимате светот.

Како човек кој доста се занимавал со темата на национализмот, можам слободно да констатирам дека во Македонија, не постои национализам во една организирана политичка и државна рамка. Политичарите постојано си се договараат едни со други, и додека во јавноста постојано вирее духот на разјадувањето на државата, а знаеме дека државата е правен гарант, но и идеолошки осифициран модел. Ако ја нема државата, велат тие, ќе ги нема и Македонците, нешто што историјата го побива со двете раце. Македонските политичари, од која и да е етничка заедница, немаат доволно националистички мотиви во политиката, доколку би ги имале, тие би биле националисти, а со тоа и би изградиле институционална хармонија со граѓанинот. Македонските политичари се само шовинисти, а шовинзмот е својствен за оние профитерски ајлази кои немаат идеја за државност. Оттаму и сите манипулации со јавноста за и околу нацијата, државата, името, презимето, албанците/македонците, различните платформи и.т.н.

Да се вратам на првата реченица од која се’ друго произлезе на оваа моја експозиција. Сметам дека, во идентитетот на Македонецот, недвосмислено и незаобиколно влијае идентитетот на Албанецот. Помеѓу Македонецот и Албанецот има однос кој втемелува идентитетска релација. Јасно е тоа дека денес ниту Албанецот ќе каже дека е Македонец, ниту Македонецот ќе каже дека е или се чувствува како Албанец. Особено кога секој мисли дека некому нешто му допушта или нешто му дава, или па другиот нешто му зема, а како што погоре видовме не го ни поседува тоа што смета дека го дава или го допушта.
Јас припаѓам на македонската прогресивна мисла и прогресивно милје, па оттаму фактот зошто 95% од моите пријатели се македонци, 99% од моите постови и статуси се на македонски, оттаму и причината зошто над 90% од моите телевизиски гостувања биле на македонски телевизии, оттаму и зошто образованието сум го завршил на македонски јазик и.т.н. Односнот на албанец кон македонскиот идентитет бил недвојив од мојот живот. Односно, македонскиот идентитет бил дел од мојот исто како и албанскиот идентитет. Меѓутоа, тука не застанува идентитетската композиција. Дел од мојот идентитет бил и ромскиот, поради искуствата со ромите во Битола, па и во Скопје, турскиот, босанскиот, српскиот и.т.н.
Ќе бидам до крај хегелијанец и ќе кажам дека без другиот, не постои ниту идентитетска платформа и самопоимање како засебна клетка во организмот. Другиот не учествува во нас само како идентитетска хетерологија и хетерогеност, туку и како референца на диференцијација, на крај како сублимат на квалитативни и прогресивни нанеси. Кога ќе кажам дека сум албанец, јас мислам дека сум македонец, односно, србин или влав. Односно, мојот идентитет претставува сноп на многу елементи кои „се разбираат“ по пат на една краткотрајна денотација на името албанец, или македонец. Накратко, идентитетот претставува тоталитет проектиран врз различни режими на говор, режими на држење на тело, режими на концептуално когнитивно дизајнирање, отчитување и вчитување на светот и државата – но и на другиот, режим на стратификација на нагоните, на вкус за убавина и уметност, режим на комуникација и суштествување и.т.н.
Другиот ја обезбедува нашата смисла и функција, на крај нашата слобода како една метонимија за признавање и љубов. Во односот со другиот ние стануваме Јас, но и другиот. Другиот е можност за трансценденција и нужност за растегнувањето на границите на Јас. Јас не претставува само празна форма на логика на смисленост, туку отаде границата на Јас, се добива смислата, преку вживувањето во другиот, во постојаната спрега со другиот како темелен чин на сопствено непрекинато творење во сегашноста и иднината. Затоа познавањето на јазикот на другиот, претставува темелна оска на вчувствување на сите капацитети. Затоа не може да се препее поезијата без во истата да се вживее, уште повеќе, секое препејување значи вчувствување на тропотот на дргуиот. Од другиот не можеме да се изолираме, можеме само да изгубиме можност да се ослободиме.

Хегел смета дека самопознанието претставува оптика кон бескрајот. Меѓутоа, самопознанието не претставува онтичка аперцепција на јас-Мариглен. Туку, јас Мариглен(албанецот, македонецот, влавот, турчинот, бошњакот, љубителот на бетовен, љубителот на Спиноза, љубовникот на Нина, братот на Риним, најдобриот другар на Вангел, партискиот другар на Здравко, другарот на Џоџо и на Аце и.т.н., човек чија омилена боја му е сина…), екстензивна концепциска градација – за ова подетално ќе прочитате кај Кант „Kritika cistoga uma“, во поглавје Трансцендентална Естетика. Јас, е синтеза на елементи со кои јас градам култура на праксис, а со тоа и историја на идентитет. Крајот на историјата, за Хегел значи, идеја која сама себе си се познава во колективна смисла (аперцепција). Хегел претставува еден од основоположниците на идејата за реализација на идејата за нација. Крајот на историјата, претставува крај на развитокот на една идеја, а нејзиното реализирање е во државата.
Битно прашање е, дали ние и колку се самопоимаме како македонци во една широка перспектива на хетерогеност и мултиетничност. Мотивите за преселба од Македонија, укажуваат на многу бездни во развојот на идејата, а со тоа и непомирливи ситуации во државноста. Сакам да кажам дека Македонците и останатите етнички заедници, не се задоволни со односот на државата кон нив самите, затоа истите се преселуваат. Сакам да кажам, дека, односот на Македонец кој е на власт или во подобра социјална положба не е пропорционален и еманципирачки во однос на македонецот кој не е на власт, односно во непривилегирана позиција. Сакам да кажам дека македонецот, а со тоа и албанецот, се познава себе си како бескрајно безнадежен субјект кој во однос со другиот треба комплетно да исчезне, а не да ги размени најдобрите својства. Тоа е така поради неверувањето во своите квалитети, тоа е така поради аверзија кон себе си. Уште понеразбирливи се аверзиите кон останатите кои претставуваат можна закана за нешто што не го ни поседува самиот тој.

Нашето општество, заглибено во игнорирањето на другиот и во негово непризнавање, со чести тенденции за дехуманизација, во последниве триесет години, но и пред тоа, не успеа да изгради приказна заедничка на македонците и албанците – и на останатите. И двата народа паразитираат на предмодернистичките и модернистичките митови кои и симболички не им овозможуваат културно и онтолошко премостување и синтетизирање. Одбивноста за автентична релација, го одлага искуството чијшто принцип ќе ги внуши во себе екстензивните елементи, чијшто исход ќе биде тоа што го говорев погоре.
Затоа, мислете на другиот, кога мислите на себеси, само така ќе имате/имаме општество за сите и веројатно, би биле и посреќни луѓе.

Автор: Мариглен Демири

|2017-09-12T08:34:07+00:009 септември 2017|Актуелно, Став|