(Видео) Левица: „Законот за јазиците го разгорува национализмот и омразата помеѓу народот“

СКОПЈЕ, 20.03.2018 – Политичката партија Левица денес на прес конференција го искажа својот став за Законот за јазиците. Тие сметаат дека еден ваков закон го разгорува национализмот со којшто се служат владеачките партии СДСМ и ДУИ за свои политички интереси. Според партијата, треба да се донесе закон со којшто во службена употреба ќе се воведат јазиците на сите етнички заедници. Тие исто така сметаат дека треба да се смени законот за образование, за да биде образованието сплотувачко, а не разединувачко.

Како класно ориентирана, надетничка и интернационалистичка партија којашто има членови од сите етнички заедници, Левица се залага за унапредување на правата на сите етнички заедници. Според ставот на партијата во службена употреба треба да се воведат јазиците на сите етнички заедници во државата.

„Тоа било случај во СРМ (Социјалистичка Република Македонија) кога албанскиот и турскиот јазик имале статус на службен јазик и тоа воопшто не го загрозувало употребувањето на македонскиот јазик“, истакна Џејлан Велиу, член на президиумот на Левица.

Од партијата сметаат дека политичките елити, коишто во изминатите 30 години се на власт, служејќи се со националистичка реторитка работат на поделба на народот врз основа на етничка припадност.

„Пример за ова е Охридскиот рамковен договор (ОРД), којшто реално не доведе до никакво унапредување на правата, односно социјалните и економските права на етничките заедници, напротив тоа доведе до поголема гетоизација на етничките заедници во нивната етничка група“, потенцира Велиу.

Ставот на партијата е дека, ваквиот начин на донесување на Законот за јазици само го зголемува јазот меѓу етничките заедници, особено меѓу албанската и македонската етничка заедница.

„Ние сметаме дека со вакви закони односно само со еден закон за употреба на јазиците не може да се намали национализмот, напротив тој може да се зголеми, бидејќи етничките заедници во оваа држава се вештачки поделени“, вели таа.

Според партијата проблемот со оваа вештачка поделба настанува уште на училиште, затоа што албанските и македонските деца се поделени во различни училишта, или во смени, така што се зголемува национализмот бидејќи тие деца растат гетоизирани во нивните етнички заедници и не се познаваат меѓу себе.

Како друг горлив проблем во спроведувањето на законот, односно стекнувањето на граѓански права во државата според Левица е процентуалната застапеност.

„Според овој пример кај нас права се стекнуваат врз основа на бројноста на една етничка заедница. Тоа не е логично ниту демократски, бидејќи што ќе стане ако утре албанците паднат на 19%, дали албанците ќе ги изгубат сите досега стекнати права, или пак што станува со останатите етнички заедници кои не го достигнале процентот, односно 20%“, објаснува Велиу.

„Ова со право ни дава да мислиме дека македонската и албанската етничка заедница се супериорни во оваа држава и се привилегирани наспроти останатите етнички заедници“, додава таа.

Од Левица сметаат дека реториката на новата власт предводена од СДСМ и ДУИ е националистичка, а оттука видлива е омразата помеѓу двете етнички заедници, што пак укажува на тоа дека овој закон не придонесува за намалување на национализмот, туку на негово зголемување.

Тие исто така сметаат дека преку овој закон ДУИ сака да се наметне како спасител на албанците со тоа што сакаат да си ја вратат довербата, односно видливо изгубените гласови од последните парламентарни избори. Додека пак СДСМ исто така се надева на албански гласови, затоа што неминовно е губењето на македонски гласови по евентуална промена на името на државата.

Според Левица владеачкото парламентарно мнозинство треба да изготви закон со којшто во службена употреба ќе се воведат сите јазици на етничките заедници. Тие исто така сметаат дека треба да се изготви нов закон за образование, со цел да имаме образование кое сплотува, а не образовани кое сегрегира и разединува.

Исто така, Велиу нагласи дека најважна е борбата против национализмот, спомнувајќи ја фразата од Народно ослободителната борба, „Смрт за фашизмот – слобода за народот“ на албански, таа рече дека денес оваа фраза треба да гласи: „Смрт на национализмот – слобода на народот“.

Савески: „Го осудуваме прекршувањето на уставните правила од страна на новата влада“

На новинарско прашање во врска со неуставно донесениот Закон за јазици, односно дали овој закон може да помине со потпис од претседателот на собранието, Талат Џафери, Здравко Савески од Левица цитирајќи го Уставот нагласи дека во овој случај кога претседателот на Македонија не го потпишува законот, истиот треба да се врати во собраниска процедура на разгледување и потоа откако ќе се изгласа претседателот е должен да го потпише.

„Она што ние го видовме во собранието е дека не беше отворена дискусија за законот и автоматски тоа значи дека е прекршен Уставот на РМ, т.е. членот 75“, рече Савески и додаде:

„Она што ние го осудуваме е прекршувањето на демократските и уставни правила од страна на новата влада и леснотијата со која тие тоа го прават. Ги потсетуваме СДСМ дека се боревме против режимот за враќање на демократијата, она што сега гледаме е дека и нив како претходно на ВМРО – ДПМНЕ законските норми им се празно слово на хартија во нивната желба да го владеат и да го крадат овој народ без разлика на етничката припадност“, заклучи тој.

 

Носењето на Законот за јазиците, односно начинот на кој самиот закон беше протнат предизвика покачување на тензиите врз етничка база во јавноста. 35те илјади амандмани не беа разгледани на собрание, со ова беше прекршен Уставот којшто налага разгледување и расправа по сите предложени амандмани, така што Талат Џафери насилно го прогласи за изгласан. Претседателот на државата Горѓе Иванов изјави дека нема да го потпише овој закон, со што тој фактички е противуставен. Ваквиот начин на носење на закон кажува за состојбата со парламентарната демократија, односно владеачките парламентарни партии, СДСМ и ДУИ работат недемократски кршејќи ги законските норми и непочитувајќи го Уставот на државата. Додека опозициската ВМРО – ДПМНЕ се однесува неконструктивно бидејќи нивната цел не е расправа за подобрување на законот, туку негово недонесување. Со оваа реторика на собранието само се поттикнува етничка тензија и раст на национализмот, притоа заборавајќи на социјално класно раслоеното општество и огромната сиромаштија.

Авторка: Сенада Ибраимова