Левица пред Собранието испрати порака до владата, опозицијата и Столтенберг: „Во НАТО ниту под уставно име“

СКОПЈЕ, 18.01.2018 – Политичката партија Левица денес со анти – НАТО транспаренти пред собранието на Република Македонија (РМ), во пресрет на обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред пратениците, испрати силна порака како до владата, така и до опозицијата: „Во НАТО ниту под уставно име“. На само неколку метри од овој протест друга група на граѓани, исто така протестираа, меѓу кои и поранешната пратеничка Солза Грчева, а со извикувања и транспаренти упатуваа националистички пораки, дека се против влез во НАТО, доколку се смени името на државата. Неколку медиуми објавија неточни информации, кои ја збунуваат јавноста, дека Левица протестира заедно со Солза Грчева.

Левица е единствената политичка партија во Македонија, која има јасен анти – НАТО став. Тие јавно истакнуваат дека, НАТО е воен пакт, односно реликт од студената војна, а не безбедносен сојуз, како што го нарекуваат апологетите на овој воен пакт.

„Левица денес излезе на протест пред Собранието на РМ со цел да изрази незадоволство од сите парламентарни партии кои сакаат, на еден или друг начин, да ја внесат државата во НАТО воениот сојуз. Денес бевме сведоци на поданичкиот, потчинет однос на пратениците, членовите на Владата, и претставниците на останатите државни институции, видно од тоа што, сите до еден, се поклонија пред генералниот секретар на НАТО. НАТО не е гарант за стабилност, демократија и просперитет. НАТО е воен пакт кој убива недолжни цивили и непрестано води војни за профит. На граѓаните на Р. Македонија не им е потребен НАТО, туку напротив, на НАТО и треба нашата земја за да изгради бази за идни војувања во кои ќе гинат наши војници за туѓи цели и интереси. Долу НАТО, долу империјализмот!“, потенцираат од Левица.

Членовите и подржувачите на Левица со транспаренти на кои пишува, „Во НАТО ниту под уставно име“, „Против војните за профит“, како и со скандирање „Капитализам – долу!“, „Империјализам – долу“, „СДСМ – долу“, „ВМРО – долу“, „ДУИ – долу“ и слично, упатија силна порака до власта и опозицијата дека, Македонија по никоја цена не смее да влезе во воениот пакт НАТО.

„Нашата алтернатива не е НАТО, туку пред се’ е сузбивање на национализмот, не само во Македонија туку и на Балканот. Најголем поттик на национализмот на Балканот и во Македонија е сиромаштијата“, истакна на завчерашната дебата за НАТО на ТВ 24 Зоран Василески од Левица.

Според Левица, треба решавање на суштинските проблеми во државата, а тоа се сиромаштијата и невработеноста, а не треба народот, како што велат, да биде замајуван со лажни приоритети, како зачленувањето во НАТО.

 

Ова не е прв левичарски анти – НАТО протест во Македонија. Пред десет години иницијативата „Не пиеме нафта“ и други антикапиталистички и анти милитаристички организации, како што е Движењето за социјална прадва „Ленка“, организираа серија настани околу интенциите на македонските политички елити, државава да ја внесат во воениот сојуз.

Во јули минатата година, за време на изложбата на оружје и воени реквизити на американската војска во близина на плоштадот во Скопје, четири лица беа насилно приведени од страна на полицијата, додека сакаа да истакнат транспарент на кој пишува: „Против војните за профит“. Тие со лисици беа задржани околу половина час. Тројца од приведените се членови на Левица.

Денес пред собранието, освен членовите и подржувачите на Левица, на само неколку метри од нив протестираа и друга група на граѓани заедно со поранешната пратеничка, Солза Грчева. Тие упатија националистички пораки, како што се, „Едно име имаме“, „Еден јазик сакам јас, нејќам јазици два“, „Предавници“ и.т.н.

Некои од медиумите објавија збунувачки и неточни информации дека, Левица протестира заедно со Солза Грчева.

Авторка: Сенада Ибраимова

|2020-05-21T15:33:24+00:0018 јануари 2018|Актуелно, Вести, Видео / Фотографија|