Левица го замрзна членството во партијата на Бранимир Јовановиќ, сегашниот советник на министерот Тевдовски

Економскиот советник Бранимир Јовановиќ и министерот за финансии, Драган Тевдовски

СКОПЈЕ, 29.01.2018 – Политичката партија Левица објави дека, на седница од 26 јануари президиумот донел одлука за замрзнување на членството на Бранимир Јовановиќ, актуелниот советник на министерот за финансии, Драган Тевдовски. Пред да добие функција во новата влада предводена од СДСМ, Јовановиќ освен член на Левица, беше и член на Централниот Комитет на оваа партија, како и координатор на Програмски сектор Економија.

Левица објави соопштение со кое ја информира јавноста дека, президиумот на партијата го замрзнува членството на Бранимир Јовановиќ. Тие наведуваат дека, причината за ова е последниот развој на настаните поврзани со носењето на серија, како што велат, „штетни економски одлуки, кои не беа предвидени ниту во предизборната програма на владејачката коалиција“.

„Президиумот, согласно интерниот Правилник за дисциплинска одговорност на членовите, одлучи привремено да го замрзне членството на Бранимир Јовановиќ во Левица, поради јавно застапување политики и ставови кои се суштински спротивни на нашата идеологија и на најважните основачки акти на партијата: Статутот, Платформата и Политичка програма на Левица“, се вели во соопштнието.

За донесување на ваквата одлука од партијата, како клучни владини мерки, во чие донесување ресорното министерство имаше најголем удел, од Левица ги наведуваат, „Отворената законска ’дупка’ за манипулација при испалатата ан минималната плата, преку нерегулирањето на нормираниот учинок“, „Предлог-Буџетот на министерството за финансии за 2018, којшто структурно не се разликува од буџетите на Режимот, кога министер за финансии беше Зоран Ставрески“, Зголемувањето на ставката за патни трошоци на пратениците во Собранието на РМ и на другите избрани/именувани јавни функционери“, „Зголемувањето на цената на горивата, преку зголемување на акцизата“, „Намалувањето на т.н. еко-буџет за заштита на градовите од аерозагадувањето и за зачувување на животната средина и на природата“, „Укинувањето на даночните ослободувања на ситните земјоделци“, „Воведувањето на физичките лица во најголем број прекарни работници и хонорарци, како ДДВ обврзници“ и други.

„Левица бара од министерот Тевдовски и од неговите советници, доколку себе си се’ уште се декларираат за социјалдемократи, да пренесат да ги празнат џебовите на работниците, за сметка на невоведувањето прогресивен данок со кој би ги опфатиле енормно високите приходи на олигарсите и на богатите“, порачуваат од Левица.

Инаку, Јовановиќ минатата година поднесе неотповиклива оставка од сите партиски функции во Левица, односно координатор на Програмски сектор Економија и член на Централниот Комитет (ЦК) на партијата, по што ја прифати понудената функција – советник во Кабинетот на министерот за финансии во новата влада предводена од СДСМ.

ЦК на Левица ја прифати неговата оставка и пасивизација, но наместо да го санкционира само продолжи да ја следи неговата работа во новата влада.

|2018-01-29T09:10:25+00:0029 јануари 2018|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|