Кукаст крст испишан на спомен-обележјето на Јосип Броз Тито во Куманово

Ноќта спроти 25 мај на годишнината од Денот на Младоста одбележуван во поранешна Југославија како роденден на Јосип Броз Тито, на кој во негова чест му се предаваше штафетата на младоста, непознати сторители испишале погрдни графити и нацртале кукаст крст на неговата спомен плоча на градскиот плоштад во Куманово.

Според градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој го осуди чинот преку социјалните мрежи, ова не е првпат да се сквернават споменици од НОБ.

„Ваквите нечовечки акти нема да не’ поколебаат да ги негуваме придобивките на партизаните од НОБ и Јосип Броз Тито кои се бореа против најголемото зло на човештвото – фашизмот и ни’ овозможија ние денес да живееме во слободна и независна држава – Република Македонија“

Според МИА, од МВР потврдиле дека случајот бил пријавен во кумановската полиција 50 минути по полноќ и дека се преземаат мерки за целосно негово расчистување. Ден подоцна, по барање на Општината Куманово екипи на јавните претпријатија излегле на терен и ги исчистиле чкртаниците од споменикот и плочникот.

Само за потсетување, токму владата на СДСМ, на чело со премиерот Заев многупати досега го фалеше македонско – бугарскиот договор во кој ќе се избршат „лагите“ од македонските учебници – дека не постоел „бугарски фашистички окупатор“ на територијата на Македонија. Тогаш се поставува прашањето: против кој се бореле Тито и НОБ, и зошто нема реакција на функционерите на СДСМ токму за овој договор во кој фашизмот е рехабилитиран и первертиран.

|2018-05-28T05:28:36+00:0028 мај 2018|Актуелно, Вести|