Кога робовите се бијат меѓусебе

Нашето општество не успеа да изгради услови за соживот помеѓу етничките заедници. Колку и да звучи клише, постојано историјата се повторува и како трагедија и како фарса. Флоскулите дека за бајрам јадеме баклава, а за велигден јајца, се токму простодушноста на партикуларните искуства и судови кои никогаш нема да добијат своја генерална важност. Не барем во нашево општество.

Не треба многу, баклавата и јајцата да ги снема како стереотип за фризиран „соживот“ и да дојдеме до ситуацијата дека не се поднесуваме и дека не пропуштаме можност да се „исчистиме“ едни со други. Ова никако не можам да го поврзам со смртта на Никола Саздовски, кој после повеќе од една недела испушти душа, за жал на сите нас, првенствено на неговите блиски.

Многу се површни препукувањата по социјалните мрежи (што е и една од причините зошто се пасивизирав од коментари на тоа место) околу природата на проблемот кој очито е доста есенцијален за нашето општество.

Дебатите главно се водат на линија опозиција – позиција. Опозициски настроените протагонисти ја обвинуваат власта дека се обидела да прикрие убиство со минимизирање на сите можности за актуелизирање на овој грозоморен чин, со нетранспарентни процедури и со забошотување во јавноста на овој проблем.

Од друга страна поддржувачите на власта обвинуваат за малодушност и за претенциозност на сите коишто од овој проблем сакаат да направат „од конец ортома“.

Има и такви коишто проблемот го сведуваат на едноставна констатација– албанци VS македонци. Најлесниот пат до една редукционистичка конклузија. Тој беше македонец, напаѓачите се албанци и тука завршува целата приказна.

Да не се лажеме, и жртвата, но и напаѓачите се на возраст којашто значи експлозија, креативен потенцијал, живот, ама навистина живот. Без намера да релативизирам, со овој чин четири животи се урнисани. Оној на Никола, кој за жал го извлече подебелиот крај и заврши со смрт. Но, тука се и животите на останатите тројца, за кои се знае дека двајца се во притвор, а останатиот е во бегство.

Имаме пример за четири семејства кои го живеат својот пекол, својата скрб, да не расправаме за кататонијата, за различниот вид на психози и трауми низ коишто ќе поминат семејствата, но и самите напаѓачи. На крај она низ коешто помина жртвата но и неговото семејство.

За жал, наместо овој случај да не’ освестува како општество, овој случај не’ впикува подлабоко во дупката во којашто живееме.

После толку многу т.н. иницијативи, протести, еманципациски движења, дрдорења, анализи, проекти, судски монтирани и немонтирани случаи, грабеж на државата и на граѓаните, приватизации, ускратување на можностите за реализација на генерации, смена на власти и партии и различни покондирени олигарси, нашево општество никако не може да почне да мисли низ т.н. еманципаторни категории и концепти. Нашето општество е отуѓено од се’ што е напредно, од се’ што може да значи еден нов сон, нов свет, па ако сакате нека биде и нова надеж, нова утопија. Ни недостигаат Блохските деривати во едно општество во коешто се’ е фрагментирано и разгниено во сопствениот скапеж и смрдеж.

После толку препелкања со еманципирачките концепти, кои божем сме ги разбрале, гледаме дека во првата прилика да дојдеме до ситуација како оваа, веднаш обременоста со најлесната варијанта на НИЕ-ВИЕ, станува мост низ којшто поминуваат нашите отчитувања на реалитетот. Колку е тоа просто и еднозначно мои драги универзитетски професори (пред се’).

Некои велат дека правното санкционирање ќе доведе до правда. Се сложувам дека од некаде треба да започне нашиот опит со правдата, па макар и доколку истата ја чувствуваме врз нашиот грб, но кога треба нашиот стомак да почувствува правда, таа е многу далеку, мноогу, некаде во некој паланечки ресторан, измрсена со многу лој и со многу ребра, прстења и нокте на малото прсте – ипостас на сељакот правораздавач во Македонија.

Бујрум, терајте правда, нема проблем. Дали тука ќе престане се’. Јас мислам не.

Устројството на државата, што формално, што содржински едноставно е така ујдисано да младите во оваа држава немаат перспектива. Социјалната структура е многу моќна во својата поставеност и истата тешко се помрднува. Социјалната нестабилност, сиромаштијата, скудниот живот, лошото образование, мрцварењето на државата со површни приоритети на идентитетска унификација и регрутација во име на нацијата и на вредностите, се само компоненти коишто го градат тој мозаик на младиот во Македонија.

Се сеќавам на Зијадин Села, во кампањата за локалните избори, еден од аргументите којшто репетитивно го спомнуваше по дебатните емисии беше: „младите албанци во Македонија кога излегуваат на улица на крајот на улицата треба да влезат или во џамија или во кладилница/казино“. Бесперспективноста важи и за сите останати млади, за кои веројатно Села во политичките повици не нашол за сходно и расположба да ги повика, меѓутоа принципот како форма, па и како содржина важи за сите.

Кои се младите во оваа држава? Што прават тие? Кои се нивните проблеми? Освен тоа што партијата (која и да е) ги врбува на секаков начин, и чувството за припаѓање ги магнетизира во навивачки групировки. Што сакаат младите? Што им недостига? Зошто првата опција во животот им е да станат регрути во редовите на нацијата? Кој е тој систем кој ги насочува во таква структура?

Сметам дека не е проблемот во тоа дека постојат (етно)националисти и луѓе кои не се националисти. Со цела опасност да ги релативизирам и да ги инфантилизирам односите, особено на националистите, го зборувам ова. Мислам дека национализмот е последица на сериско малтретирање на граѓаните кои во забот на сиромаштијата и бесперспективата, се гушат во кичот на животот којшто е сервиран преку достапните механизми и тортура на потребата да се биде со некого во заедница. Што е најсмешно, национализмот никако не се практикува низ формите и концептите на грижа за државата и нејзините правни и демократски процедури, туку претставува некаква апстрактна атракција кон нешто преполно со митови и со нејасни контури. Затоа најчесто националистите се крајно деструктивни во нивните секојдневни односи кон државата, општеството и природата. Поставено така национализмот е всушност најсуров акт на шовинизам, омраза на оној кој не го познавам, но исто така е вреден во редовите на нацијата, повикан е да биде таму.

Модерните концепти, особено (пост-)кантовските, ја наметнуваат должноста да се биде морален, односно одговорноста како субјект во граѓанскиот либерален модел на партиципација во општеството. Во овој случај, тоа го немаме. Одговорноста е само кон митоманскиот топос кон кој стреми растрепереното срце на младиот човек во Македонија. Непријателот си го знае, најчесто тоа се луѓето коишто не го чувствуваат трепетот на истиот повик, но и оние другите коишто припаѓаат на друг некој повик.

Откако повеќе од 25 години го тероризираа општесвото со етно-националистичките митови и апели, прашање како досега сме останале здрави и прави како единки. Откако знам за мене лично, знам за омразата кон македонците, знам за името, знам за промената на знамето, знам за натепаните другари на школо поради фактот што биле од другата етничка заедница, знам за сиромаштијата, знам за неинклузивноста, знам за финансиските афери, знам за политичките кризи.

На крајот, смешно и гротескно е да зборуваме за вина на индивидуи, особено не во овој наш контекст. Персонализација на вината, мислам дека значи и деполитизација. (етно)национализмот е чекорот кон најголемата деполитизација во оваа држава.

Три децении не можеме да ги осознаеме оние кои го вршат вистинскиот политички геноцид врз граѓаните. Три децении сме војници на концептите од 19 век. Три децении биеме туѓи битки, битки на оние коишто за нас постојано решаваат. На оние чиишто домови се крајно безбедни, чиишто бизниси се крајно сигурни и преку кои ја зголемуваат постојано сопствената моќ. Три децении, а можеби и повеќе, сме робови кои се тепаат меѓусебе, обесчестени и обесправени, смалени и редуцирани на цуфки.

Колку и да е претенциозно, сепак контекстот во кој живееме е доста јасен. Фактот дека значаен дел базичните културни и образовни институции низ коишто поминуваат младите во Македонија се навивачките групи. Тука е жариштето на целото општество, тука се изучуваат сите вредности и перформанси на постојното. Мачоизмот, хиерархијата, насилството, исклучувањето на друиот и различниот, некаква провизорна и површна пракса на солидарност кога станува збор за односите со полицијата и репресивните органи, хомофобијата, и сите останати фобии поврзани со другоста.

За жал, сведочиме борба помеѓу робовите, а не борба помеѓу владеаните и владетелите. Уште една историска фарса. Фарса во која сите сме регрутирани да се бориме против замислените непријатели.

Од друга страна, а пред се’ парадоксална, е што бизнисот си тече сигурно и без проблем. Капитализмот отвора врати надвор од мочуриштето, но само за малкумина. Децата на политичарите и капиталистите (читај: олигарси) живеат во Монако и во Виена. Елитните населби се нивните домови. Нивната борба не е борбата на задоените со национализам во државата во која невработеноста на младите е 50% и во која јазот помеѓу богатите и сиромашните кои живеат со помалку од два долари на ден е највисок во Европа.

|2018-07-10T12:13:58+00:0010 јули 2018|Актуелно, Став|