Кога ќе го решите овој проблем, драги наши властодршци?

Тринаесет дена по ред работници од текстилната фабрика Веибо Груп протестираат, блокираат и се надеваат дека некој во оваа држава ќе наиде на слух да ги чуе нивните барања. А нивните барања се исплаќање на трите месеци работа. Плата, за да однесат дома леб, да ги нахранат нивните деца, за да можат истите да пораснат здрави и живи и да продолжат со придонес кон општеството. Бараат и придонеси, затоа што имаат право да се лекуваат кога ќе се разболат во вакви времиња-невремиња во кои воздухот, којшто е политичка ствар, се решава со профилактички методи на плукање под мишки и „чукање во дрво“. Протестираат и за пензија, затоа што својата младост ја оставаат под бичот на чуждите интереси. Фактот дека „обичните“ работници од Македонија немаат видено одмор со „очи“, зборува за процентот на конзерванс во културата и во политиката и зошто конзервативните созерцанија претставуваат основен политички сенс во оваа држава.

Легитимно е прашањето: „Кога ќе го решите овој проблем, драги наши властодршци?“

Воздухот во Скопје и во цела Македонија со месеци е со високата стапка на загаденост. Централните и локалните власти се во блага креативна парализа. „Што да се прави?“ Сигурно не прошетки низ балканските држави на градоначалникот на Градот Скопје. Ваква е алармантна состојбата во каква што живееме, во која неколку години со ред се споделува информацијата дека, годишно загадениот воздух си зема данок во облик на човечки живот, односно смрт, по над 1000 „глави“ годишно. Арно ама, капацитетите се вложуваат во спријателувањето на градовите, иако луѓето во истите се соочуваат со смртоносни тешкотии. Изборот им е да дишат за да умрат, или да не дишат за пак да умрат. Некои егзистенцијалистички циници на ова ќе кажат: „Секако сите ќе умреме!“ Можеби и се во право.

Во насока на загадувањето на животната средина и можноста да живееме во еден еколошки минимум треба да го мислиме како акт на еден избор, на една автономија или самоопределување. Особено доколку се земат предвид нахалните дневно политичките превавања за спорот со името и потребата да останеме независни и автономни во процесот на самоопределување. После насилничкото отворање на рудниците во југоисточна Македонија, големиот број на т.н. странски инвестиции, различните конфекции и текстилни фабрики, дури и интрузијата во македонскиот политички реалитет на различни надворешни фактори, тешко дека самоопределувањето и независноста ни’ останува аргумент со кој ние би можеле да „куландрисуваме“ во вака тешки времиња. Особено постојаното приватизирање коешто не одбира ни партија ни власт, па ни држава, ја раскринува и не ја остава да дише секоја сувереност и демократска волја на една заедница.

Годишната програма на министерството за култура го покажа индолетниот однос и институционална организација на оваа држава. Имено, неподготвеноста на една власт да се справи со проблемите, да прави радикални резови и да ги усвојува претходните принципи формални и содржински во егзекутивната перскептива на моќта. Порталот СакамДаКажам објави текст во кој, според авторот, одредени членови на комисиите во составот на министерството за култура во исто време оценувале проекти и аплицирале за државни ресурси. На крај, своите проекти ги добиле, секако не со првично предвидената сума, ама тоа не е битно, сепак ги добиле. Следуваше серија на комични демантирачки писма во кои инволвираните со неверојатни каскади само ги покажаа сопствените инволутивни постапки и небрежноста во однос на одговорноста што ја носи една јавна функција, па макар тоа било и членување во комисија за којашто истите се платени. Изгледа народецов во државава не сфатил дека вени на нозеве испуштивме протестирајќи за тоа дека претходната власт и нејзините кадровски решенија, да прднеа – се наоѓаа во конфликт на интереси.

Отпорот кон таа власт, сетиќи беше да ги смениме нив, а не правилата на игра. Правилата на игра бе другарчиња треба да се коректни и конкретни. Сите во оваа држава, се заменливи, па дури биле и оние потомци на славните црвени бирократи. Иако на крај се добива впечаток дека новава власт „страда“ од немање ниту кадровска политика ниту кадар, којшто ќе умее да ги презема работите во свои раце, којшто има политички и културен сенс за внесување на нови перспективи во рамките на институциите, и со тоа да се подобри квалитетот на тие институции. Смешни се прашањата од типот „Што правеа 12 години во опозиција, зошто не создаваа кадри коишто ќе обмислуваат нови институции и нова политичка структура на државава“, иако заклучоците со еден благ common sense сепак се сведуваат на тоа дека ниту тие во опозиција имале идеја за нова политика, ниту откако ја презедоа моќта во раце истата сакаат да ја редистрибуираат, ниту пак во државава има способност и инвентивност, пред се“ интелигенција во духот на некаков напредок да може да сонува, мисли и да живее нови институции.

Кога сме кај културата, со која и би сакал да завршам, една манипулативна конзервативна прдешка се шета по ходниците на нашево информативно и заглибено во предмодерниот период, држава. Станува збор за петте илјади евра, наменети за Прајд настаните кои со години ги организира Коалицијата Маргини и други активистички организации од овој вид. За да биде какофонијата уште поголема, крутата логичка консеквенција на фрустрираниот обичен граѓанин, завршува со реченицата: „Со парите за парадата може да се лекуваат деца од рак“. Логикава вирее низ социјалниве мрежи и се шири со брзина на светлината. Особено е штетна кога пренесува информација која не е точна, а неточноста на информацијата е дека не станува збор за парада, туку за манифестација која опфаќа различни видови на современи културни, теориски и активистички аспекти поврзани со уметноста на феминизмот и на квир активизмот.

Очигледно, нашите револуционерни манифестации во минатото, не обезбедија пренос од праксата која ја живеевме и која беше солидарна во одредени есенцијални сегменти, да ја претвориме во логика со која ќе го отчитуваме светот, пред се’ односите во општеството. Петте илјади евра, наменети за настани кои одбележуваат накакви карактеристики на оваа заедница се многу малку во однос на целокупната тортура што се извршува врз овие луѓе во сите политички и културни обрасци во државава.

Наеднаш, забораваме дека социјалната правда, за која сите ние грлество се „деревме“ стана само една викотница којашто своето ехо го загуби во јазлите на трасферот на режимот и новата власт. Забораваме дека здравството, водата, воздухот, традицијата, името, идентитетот, историјата, општеството, државата пред се’, се во постојан диктат на политичките и економски апетити на грст луѓе во државава. Невиденото приватизирање коешто продолжува со неуморливо темпо, сведочи дека политичката власт камуфлирана во пароли за социјална правда, го продолжува орото на режимот. Главните творци на политиките во Македонија не се партиските конвенции и состаноци на извршните комитети, туку крупните богаташи коишто „револуционерната“ власт ги назначува за гаранти на еден општествен и економски развој.

На крај, другари и другарки, не не’ онадуваат парадите, туку богатите и политичарите, коишто цела држава ја уредуваат по мера на нивните интереси.