Класна критика на референдумот

Лицето Д.Н. се соочува со материјална иднина во затвор за депонирањето потпис на спогодбата со Грција, кадешто полицијата којашто ќе го чува има основица за плата од 13000 денари.  Затвор според студијата за стратешката анализа за секторот на конкурентност, трудови релации, пазарни и капитални дефамации, полезни инвестиции, структурна циркулација на затворскиот комплекс и друго. Коректно е да напишам дека само глупавите луѓе паѓаат во затвор во капитализмот.

Лицето Р.Е. кажа дека македонските работнички ќе шијат воени кошули за фашисти, исплатени во НЕТО крв. Фашистот во Р.Е., еуфемизиран со зборот граѓанин, пишува за структурно разлачување на јазични структури и приспособување на нормалноста и нормалното комуницирање во интегративните процеси и процесите на приближување кон структурите на пазарните механизми и слободната трговија и циркулацијата со маркетинг стратегии за структурно реформирање на пазарните механизми, динамики, односи и временска анализа.

Лицето М.Ж. со годишна плата од 2 и пол милиони евра (2.500.000,00 евра) има среднорочен план преку динамичко доближување со прилагодување на пазарот на трудот во меѓународно опкружување без механичка поправка на срце, истакнување на компаративните предности и насочување на новите технологии со роботичко процесирање на процесите со истражување на потенцијалите на пазарот врз база на заклучната студија за артеријски системи со флексибилни механизми за интегрално значење на трудот и неговиот динамичен развој.

Лицето К.Ј. се соочува со побарувања на ненаплатен структурен долг од Република Македонија, којшто во јазикот не е третиран со комплетна конфискација на цел движен и недвижен имот, без демократско реформирање со целосно прифаќање и интегрирање на европскиот систем за вредносно одвреднување без навреди, со мериторна анализа за динамичко прилагодување и искористување на европските фондови и имплементирање на европската легислатива и стандардите од НЕТО референдумот.

Лицето И.Љ. конфискација со национализација на телевизија, банка, рудници, имот, земја, блокирање на сите сметки поврзани со сите од фамилијата.

Кој ќе ги осуди груевистите од Министерството за смрт или од Министерството за телепортации или од Министерството за внатрешни работи и Државна безбедност, коишто оваа власт не знае како да ги инсталира по затвори?

Јазикот на пазарите на труд, со структурните реформи коишто ќе го подобрат подоброто искористување на образовните потенцијали за одговорноста којашто не произлегува од Уставот, постепеното прилагодување и усогласување со структурни, нови развојни фондови за максимално приближување со анкетни листови за лични инвестиции, капитални фондови, ангажирање на производна структура со прединвестициони студии со структурно прилагодување, според тоа; судени и осудени од идната власт со помош на јазикот. Иницијативата на Европската унија за градење на капацитетите и подобрување на вештините на професионалците и работниците е со цел да ја подготви и нашата земја во делот на расквалификација. Преку активности во рамки на Проектот ќе се иницира прифаќање на надградените вештини од страна на пазарот преку остварување соработка со различни групи. Една од задачите е поттикнување на потребата од користење квалификувана сила со предлози за корекција на легислативата, во насока на исполнување на стандардите зацртани со Правилникот.

Каков е овој јазик? Што јазик е ова?

Во време на Груевски беа снимени филмови, продукти на ослободената фантазија, а базичниот парадокс на уметноста е да не ги проектира фантазиите директно. Биолошката стратификација на груевизмот е сѐ уште меѓу нас, но задоволството од репетитивниот карактер во естетизацијата на фантазерските и идијотски естаблишментски режисери коишто два пати беа на власт и два пати ја однесоа Македонија во војна, во 2001 и 2015, останува како „створ“, како нешто што се повторило два пати, значи тука е со нас, како темно петно на кое мора да внимаваме и да го зауздаме, обезмоќиме, одомаќиниме, смириме, вакцинираме.

Не постои љубов, туку либидо. Либидото е задоволството на либидалната енергија. Либидото има потреба од илузија за да се структурира и оддржи. Либидото се структурира и одржува во јазикот како груевизам, како материјализираниот Груевски и диференцијалот од груевизмот, одвратноста на заевизмот.

Материјалноста на јазикот покажува кон капиталистичките политики. Структурата на значења на јазикот е во траумата од искуството со јазикот, во животот во јазикот, во куќата на битието. Куќата на битието е јазикот, а за да дојдеме до значењата од јазикот и до вистината мора да го цедиме и мачиме, тортурираме јазикот.

Воведување на примена на информациско моделирање како ново правило за јавни набавки во доменот на индустријата, преку иницирање широка акција за подигање на свеста кај сите засегнати страни, компаниите, работниците и инвеститорите и одговорните владини институции, како и крајните корисници, преку низа активности, работилници, семинари и други промо настани. Јазикот ја крие тајната во рамки на демократските реформи како потребност од целосно прифаќање и интегрирање на европскиот систем на вредности.

Како се вика овој јазик? Дали е ова македонскиот јазик? Кој го разбира овој јазик? Што произведува овој јазик? Што крши коски? Колку години овој јазик?

Ова не е македонскиот јазик. Ова е класен јазик, јазик на капиталистичката класа. А ако не е македонски, тогаш како е можно во рамките на македонскиот јазик, група фашисти да пишуваат за признавање на јазик без јазичната препознатливост на македонскиот антифашистички јазик? Дали овие кои го користат овој јазик се само едни така обични безлични и баш необични фашисти?

Прашањето на „името“ не е прашањето на материјална безбедност, туку илузија од структура во имагинарен простор, интегрирано институционализирано имплементирано вграденa реа. Според тоа, ова дефинитивно не е македонскиот јазик, затоа што јас не го разбирам, а можам да ги „читам“ буквите во формации и формативни структури, а не го разбирам затоа што ова не е можно да биде или некогаш да бил јазикот на којшто јас вечно пишувам и говорам. Според тоа, непријатното влијание на јазикот како класна територија и критика на референдумот, мора да се отвори, деконструира и деструктурира во форми кои што прават смисла, значења, суштина во суперструктури, класни антагонизми, културни структурации.

Класниот јазик е јазик на капиталистичката класа во којшто се комуницираат и организираат илузии. Репродуцирањето на овој јазик, го гледаме во ефектите од последните 27 години. Оваквиот јазик произведува класни раслојувања, затоа што ова не е јазикот на социјалната трансформација, ова не е јазикот на праведното општество, ова не е јазикот на солидарноста и емпатијата кон болните и обезмоќените. Овој јазик со сигурност не произведува класна свест, ниту класна подсвест, туку антагонизам на огорченост, а продуцира, послушност, субмисивност, субординација, терен за пљачка, овој јазик произведува идеолошка купола на суперего кое бомбардира со невозможни барања, а последното е одвратното фашистичко барање за НЕТО крв.

БРУТО фашизам. Агитирањето за промена на име во формативната структура на јазикот и класното антагонизирање, нема абсолутно никаква врска со имотот на газдите, зарем не?

Кој ќе каже дека даноците на неолиберализмот се проблем? Кој ќе каже дека референдумот е класна територија на газди? Кој ќе соопшти дека капитализмот е проблем? Кој ќе каже дека работничката и средната класа не се претставени на референдумот? Политика на репрезентации во претставничка демократија, кој кого претставува? Кој ќе каже дека 199 евра е социјална категорија, а не плата? Кој ќе ја дигне РЕВОЛУЦИЈАТА? Кој ќе ја сруши газдинската класа? Кој ќе каже дека „името“ нема абсолутно никаква врска со тоа како се собираат даноците и како се делат и како се формира праведно општество со поделба на материјалот поеденакво на сите. „Името“ нема никаква врска со лековите, со образованието, со тендерите, со корупцијата, со екологијата, со иселувањето, па добро, како е можно на природата да и е потребна екологија.

Капиталистите ја девастираат биосферата и ја уништуваат работничката класа. Го уништуваат јазикот. Го градат овој јазик 27 години и во оваквиот капиталистички јазик не се создава ништо. Капиталистите ги намалуваат платите и ги укинуваат социјалните трансфери, газат по рамниот данок, додаваат машини и роботи место луѓе во фабриките, ставаат во робство жени и ги плаќаат дупло помалку од машка работна рака во иста дејност.

Според тоа, да се вратиме на кризата на јазикот којшто создава илузии за масата којашто нема куповна моќ. Поточно, газдите во илузорната бизарност на јазикот просто и строго не сакаат да вратат од вишокот, кон системот којшто им овозможува да се богатат. Јазикот на референдумската камапања е илузија. Камапањата во Македонија ја води Маргарет Тачер: there is no alternative.

Суштината на пазарот е принудата. „Мораме“ да сме во сојуз, под принуда, со изговорот за „слободен“ пазар, развој и одбрана на државата. Слободен пазар е регулиран пазар. Богатите држави се здружуваат за малтретирање на сите останати кои не се под чадорот.

Сојузите на европските земји се субјекти кои штитат пазар, коишто се заштитени под воена купола. Трамп е гневен што Америка „ја чува“ Европа од Сатаната, а притоа не троши соодветно. Европа од друга страна не троши, затоа што Америка има ѓубре од непотребни продукти, не затоа што технологијата на стелт воздухоплови се гледа на сите радари низ Европа уште пред триесет години, туку затоа што тенковите, радарите и ракетите не се јадат.

Невидливите дилови на НЕТО референдумот со мафијашки картели, десничарски хунти, ликвидации на левичарската опозиција и Аљенде, економски ембарга и малтретирање на сите народи во Латинска Америка, тортура на Источна Европа по падот на ѕидот, континуирана војна на Блискиот Исток, војни во Азија, удар врз Хирошима. 1 милијарда луѓе во Централна и Латинска Америка ја мразат Америка. Мнозинството Муслимани ја мразат Америка, Кинеската доминација преку 1,3 милијарди Кинези од гранката Хан мрази. Македонија љуби.

Економските блокади на НАТО врз трети земји, ги тераат третите земји да ги компензираат загубените пазари со прокси војни во територии како Блиски Исток и Украина, Балкан и Венецуела, Јужна Кореја и Иран, Тимор и Судан, Никарагва и Конго. Светска шаховска табла за војни компензирани преку забрана за продажба на продукти на пазарот кадешто доминира НАТО, суперегото на американскиот сенат.

Газдите, а не работничката класа се за НАТО, работничката класа нема да добие ништо од НАТО. Работничка војска ќе гине низ светот за потребите на газдите како робовска маса без право да одлучува ЗА плати од 1000 евра врзани со прогресивни даноци, ЗА ова, ЗА она.

Секоја индустрија е политика, но не секоја индустрија е партиска политика како партискиот референдум. Ако градиме соодветна индустрија, мора да изградиме соодветни политики. Врската меѓу индустријата, политиката и јазикот од друга страна е и политика на соодветен јазик, јазикот којшто не толерира дезидентификација и изгубеност низ лавиринтите на класниот јазик со „There is no alternative“. Алтернатива секогаш има.

Швајцарците консумираат како да има уште 3 планети за грицкање. Планетата е затворен систем, а штом сме во затворен систем, ќе мора сите да го добијат својот дел или правдата од глобалното затоплување ќе ја редистрибуира моќта кон сите на оваа јадна, мала и неправедна планета. Мора да мериме еколошки отисок. Отисокот по глава на жител на планетата се мери во таканаречени, „глобални хектари.“ Тоа се вкупен број на жители на планетата, поделено со бројот на хектари којшто отпаѓа на секој жител на планетата во текот на една година, а коишто планетата има способност да ги регенерира. Се нарекува и биокапацитет. Денес, глобалниот биокапацитет е 1,7 глобални хектари по човек. Биокапацитетот на Швајцарија е 4,85 глобални хектари по човек, што значи дека Швајцарија троши 2,9 пати повеќе од тоа што планетата може да произведе. Врз основа на оваа бројка за Швајцарците, Швајцарија ја потроши дозволената граница по број на жители со капацитет за консумирање и уништување на животната средина во 126 ден од оваа година, на крај на април 2018. Значи, Швајцарија, за само 4 месеци, го потроши биокапацитетот за оваа година. Нема да може така. Ќе мора секоја земја на оваа планета да троши во рамки на биокапацитетот на регионот во којшто живеат поединците и ништо повеќе. Или да го вратиме Груевски, м? Еколошкиот отисок мери, колку побарувачка имаат луѓето од биосферата. Стандардот и мерката е глобален хектар (global hectares – gha). Денес, да заокрижуме тоа се 2 хектари по човек. Толку и ништо повеќе. Тоа се 2 хектари, од кои ќе мора да се организира цел репродуктивен живот, според бројката на жители на планетата, сега. Ако бројката на жители се зголеми, а ќе се зголемува до 12,5 милијарди луѓе, тоа значи, автоматско намалување на глобалниот хектар по човек, попрецизно, пропаст за глобалниот север. Нуклеарна војна, можеби. Океаните се пластифицирани, скиселени и личат на светска канализација, а во канализација не живеат желки, лебеди и риби, корали и ракчиња. Следната војна веќе се води за цената на водата во океаните, водата за пиење и дождовницата, цената на воздухот, за биокапацитетот на планетата како commons.

#degrowth #openhardware #opensource

Знаеме да населуваме, градиме и одржуваме регенеративни системи. Фундаментално, проблемите како хумани сме ги решиле, како домување и градба на куќи и згради, градовите се транспортни коридори со инфраструктура за железница и патишта, со регенерација на благородната електрична енергија од ветарогенератори и фотоволтаици, репродукција на храна, имаме универзитети, интелектуални знаења и иновации кои се споделуваат на класната територија на интернет. Но се чини, во секојдневиот живот, плодот од трудот во сите полиња не е достапен за сите. Робувањето за плата e робување кај газда, лишување на нашите луѓе од повеќегенерацијскиот вграден труд којшто го наследуваме во сите објекти и јавни работи, во воздухот, во енергијата, во ѓубрето, во маргинализираните групи кои се културно опресирани. Границите меѓу сите коишто ги студираат дисциплините како еволуција, економијата, политички науки, психологија, антропологија, се бришат, а крајот на историја значи крај за капитализмот. Верба во наука. Идеологија. Храната е новото платежно средство. Антикапиталистички систем. 40 машини за цивилизација. Вмрежување човек со човек. Грасрутс. Поддршка за бегалци од сите војни. Борба за јавни простори на сите фронтови, од Водно и југоистокот, до депониите, загадениот воздух и вода, движења за ослободување на животните. Ентузијазам за ререверзибилен инженеринг. Ненасилни методи понекогаш, но не секогаш. Активизмот не е доволен во Европа. Јас не сум активист. Урбани борби и перманентна култура како пермакултура. Блокови на грассрутс движења. Интелигенцијата на роевите, осилата, групите. Духот на времето денес е дух на кооперативното општество коешто ужива во генерираното знаење од универзитетите на планетата од стотици генерации. Општествата се трансформираат во рекреативни општества базирани на знаење. Мораме да се вратиме на кооперативно солидарно општество, општество кое секогаш дава повеќе за сите. Тотална глупост е да се пљачка како што тоа ни го прават либералите 27 години. Подобро е да се биде доволно интелигентен за да се икористи и направи толку колку што е очигледно дека постои во континентална европска македонија, за да нема потреба ништо да се граба.

Автор: Кирил Минанов

*Ова е последниот од низата од 5 текста кои ги напишав од потпишувањето на спогодбата со Грција до референдумот на 30 септември 2018 за гласник.мк

Будали од Илинденска 
Трудот прави продукт, вишокот создава НАТО
Капитализмот е некомпатибилен со физиката на планетата
Порнографија без референдум 
Класна критика на референдумот
|2018-09-26T12:43:37+00:0026 септември 2018|Став|