Јули беше најжежок месец во човечката историја

Климатската катастрофа не доаѓа. Таа веќе е тука.

Јули 2019 година сега е најжешкиот месец во забележаната историја, потврдија Обединетите Нации овој четврток.

На прес-конференцијата во Њујорк, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш објави дека месецот јули го достигна нивото од 1,2 целзиусови степени над прединдустриското ниво, бројка која „во најмала рака го изедначи, ако не го надмина најжешкиот месец во забележаната историја“, според податоците објавени од Светската метеролошка организација. Информациите за температурата за јули сѐ уште доаѓаат, но првичните податоци покажуваат дека топлината на минатиот месец е на нивото, а можеби ќе биде и малку повисока од претходниот рекорд во јули 2016 година.

Во градовите ширум светот, рекордните високи температури ги надминаа рекордно ниските температури во сооднос од речиси 3:1 во текот на јули, нагласувајќи го фактот дека оваа криза се чувствува речиси насекаде, речисо од секого.

Но има едно додатно лудило на оваа криза. Во својот годишен статистички преглед за енергијата во светот, објавен пред неколку недели, глобалниот нафтен гигант „Бритиш Петролеум“ потврди дека во 2018 година светот изгоре повеќе фосилно гориво отколку во која било друга година во историјата. Накратко: нашата зависност од фосилните горива сѐ повеќе се влошува, иако планетата станува сѐ потопла.

„Ако сега не преземеме мерки во поглед на климатските промени“, кажа Гутереш, „овие екстремни временски настани се само врвот од сантата мраз.“ Броејќи ја 2019 година, петте најжешки години во забележаната историја се токму петте последни години.

Жан-Ноел Тепо, челникот на климатската служба на Светската метеоролошка организација, за „Ролинг Стоун“ кажа дека новиот рекорд е „многу вознемирувачки“.

„Како граѓанин, јас сум загрижен како и сите други во врска со она што се случува“, кажа Тепо. „Моите деца доживуваат екстремни временски ситуации, кои не постоеја кога јас бев на нивна возраст.“

Сегашните климатски политики на светот водат кон иднина во која нема да може да се живее. Научниците сѐ повеќе се убедени дека доколку затоплувањето се зголеми преку 1,5 степени, каскадните еколошки и метеоролошки пресвртни моменти можат да ја загрозат стабилноста на човечката цивилизација. Сегашното ниво на делување, ако остане исто, ќе резултира со глобално затоплување од околу 3,3 целзиусови степени до крајот на векот и ќе ги надмине критичните 1,5 степени веќе во 2030 година.

Застрашувачката нова прогноза доаѓа среде навалата на екстремни временски услови во јули, кои, во некои случаи, нанесуваат трајна штета врз околината:

Во Гренланд, кој моментално го доживува својот најлош топлотен бран во забележаната историја, милиони тони растопена вода се слеваа во океаните во текот на јули, трајно повишувајќи го нивото на морињата.

Во Европа, нови национални рекорди во температурата беа утврдени во Британија, Германија, Холандија, Белгија и Франција – при што Париз достигна запурни 43 целзиусови степени.

Сателитските податоци покажуваат дека дефорестацијата на бразилскиот Амазон се забрзува под власта на претседателот Жаир Болсонаро, туркајќи ги шумите уште побрзо до иреверзибилната пресвртна тока што може да доведе до широко-распространето изумирање на незаменливи екосистеми.

Во Индија, годишните монсуни се тетераваат кон колапсот, при што во 74 проценти од деновите се регистрирани дождови пониски од нормалното ниво – а што го доведува во опасност опстанокот на стотици милиони фармери.

Во САД, доаѓањето на ураганот „Бери“ значеше нови, без преседан, ризици од поплави од реката Мисисипи во Њу Орлеанс, при што за прв пат пролетната сезона на поплави навлезе во сезоната на урагани.

И ширум Арктикот, топлото време во текот на јули беше вчудовидувачко, особено во Алјаска, Скандинавија и Сибир. Во Арктичкиот Океан, тој месец морскиот мраз достигна нов најнизок рекорд.

Со овој вид смртоносни, насилни временски настани кои веќе се случуваат во текот на најжешкиот месец во човечката историја, не е јасно уште колку дополнително затоплување нациите во светот можат да поднесат. Гутереш ќе ги свика лидерите од светот на вонреден самит за климата во септември во Њујорк во надеж дека тие ќе ги удвостручат своите напори за брзо надминување на фосилните горива.

За Александија Виљасењор, 14-годишна демонстрантка поради климата, која прави неделни демонстрации пред седиштето на ОН од декември минатата година, тој дополнителен напор да се реши клучниот проблем на нашето време едноставно не може да дојде прерано.

„Одиме кон катастрофа. Не разбирам зошто сите не го гледаат тоа“, Виљасењор кажа за „Ролинг Стоун“. „Мислам, што ќе правиме? Ќе поставуваме нови рекорди секоја година додека не стане неможно да се живее на нашата планета? Мислам, кога завршува тоа? Завршува тоа кога ќе ги намалиме емисиите или завршува кога ние конечно ќе дојдеме до крајот? Арктикот е во пламен, видовите изумираат со стапка која не е видена во текот на ерата на луѓето, децата мора да бидат на улиците буквално секоја недела.“

Новиот рекорд е особено загрижувачки за научниците, зашто се случува во отсуство на силен „Ел Нињо“, периодично природно затоплување на Тихиот Окенан што има тенденција да ги повишува температурите ширум светот. Претходниот рекорд, во текот на јули 2016 година, беше поставен во текот на еден од најсилните „Ел Ниња“ кој било кога бил измерен.

Тоа што новиот рекорд е постигнат без овие екстремни услови „дополнително покажува дека незапирливиот марш нагоре на глобалните температури е поттикнато од човечките емисии на стакленички гасови“, според Зик Хаусфадер, климатолог од Универзитетот на Калифорнија – Беркли, кој води независно мерење на глобалната температура во однос на она на Светската метеоролошка организација.

За научниците кои ги посветија своите кариери на утврдувањето и јасното објаснување на ризиците од егзистенцијалната криза, новиот рекорд е очајна потврда за продолжителниот бавен напредок.

„Рекордот во топлотијата не ме изненадува, тоа е токму она што науката го предвидува“, кажа Сара Мир, климатолог и извршен директор на Институтот „Роуан“, организација која се фокусира на правдата и рамноправноста во климатските решенија. „Насилните и медиокритетски кариеристи, менаџери и политичари профитираат на страдањето на децата ширум светот, особено на децата и семејствата од глобалниот југ. Зошто продолжуваме повеќе да се изненадуваме од рекордите во топлотија отколку од пакосното и некомпетентно неделување на јавните водачи?“

Најтоплиот месец во историјата треба да го направи кристално јасен влогот на нашето време: или ќе промениме сѐ или последиците од планетарното затоплување ќе го направи тоа за нас.

Извор: „Ролинг Стоун

|2019-08-05T11:38:54+00:005 август 2019|Актуелно, Вести, Свет|