(Иво Босилков) Логиката на прогресивниот бојкот

Најголемата лага во триесет години на политичката сцена во Македонија не е дека ќе влеземе во ЕУ ако го смениме името. Не е ниту дека не прислушкуваат странски служби. Ниту дека Тајван ќе ни даде милијарда долари. Ниту дека ќе има по еден вработен од семејство. Ниту дека ќе има економска преродба. Ниту дека ќе биде пронајден октоподот.

Најголемата лага во овие три децении е дека постоењето на политичките партии гарантира натпревар на идеи, чиј објективен квалитет граѓаните го вреднуваат на избори. Најголемата лага е дека изборниот процес резултира со општествен напредок. Најголемата лага е дека имаме функционална демократија.

Мнозинството граѓани продолжува слепо да верува во оваа догма, иако е континуирано незадоволно од политичката понуда и правецот во кој се движи државата. За него невозможно е да замисли дека постои нешто труло во самиот институционален дизајн што континуирано води до истите субоптимални исходи. „Не, дизајнот е добар, само ние не знаеме да го максимизираме неговиот потенцијал“ тврди догмата.

За жал, нам поудобно ни е да веруваме дека од добро владеење секогаш не дели само една нова партија, со добра програма и чесни и паметни лидери. Како да не продефилираа десетици и десетици партии низ годините со секакви можни идеологии, и како сите тие почетно добронамерни дами и господа да не се искомпромитираа во моментот кога станаа политичари.

Што е тоа што го претвори Павле Богоевски од револуционер во безгласна буква во парламентот, Крсто Мукоски од патриот во предавник, Лилјана Поповска од екологист во бирократ, Никола Груевски од реформатор во диктатор? Најлесниот одговор е дека тие, и уште еден куп други отсекогаш биле алчни, себични и расипани. Никогаш не сме се запрашале дали можеби постои нешто поголемо, заедничко за сите нив, што ги прави да преминат на темната страна тогаш кога ќе дојдат до функција.

Обидувајќи се да го најдеме вистинскиот одговор, никогаш не сме застанале да помислиме дали можеби поставуваме погрешно прашање. Да се бара индивидуална одговорност е секогаш полесно отколку да се бара системска одговорност. Реториката на секоја партија е дека другите партии се виновни за состојбата. Ниту една од нив не го доведува во прашање самиот општествен поредок, затоа што тоа со тоа директно ќе ја доведе во прашање смислата на сопственото постоење.

Во овој контекст, демократијата и борбата за подобро општество се сведуваат на перформативен ритуал на секои четири години, каде милиони се фрлаат на кампањи со различна форма, но иста суштина: другите се полоши од нас, дајте ни ја моќта нам и ние ќе владееме добро. Никој не се дрзнува да го предизвика консензусот за структурата и организацијата на моќта. Тоа никому не одговара. Наместо тоа, секоја партија ветува дека може да направи повеќе или подобро од другите во рамките на постоечката структура и организација, но не ветува поинакви рамки. Левица срамежливо навестува некакви социјалистички полумерки, како да знае дека целосно застанување зад социјализмот во неговата испробана форма е откривање на топла вода. Новата “Твоја” партија ја базира својата кампања на укинување на привилегиите на функционерите.

Сето ова е само козметика. Темелите остануваат исти. Ниту Левица, ниту Твоја, ниту која било друга партија нема радикални идеи за демократска иновација, затоа што когнитивната матрица им е ограничена на циркуларниот модел: избори-институционализација-избори. Ова е катастрофален модел од две причини, кои се тесно поврзани. Првата е што процесот на институционализација подразбира материјален комодитет, бирократизација, матни дилови зад затворени врати, и лобирање на “големите играчи”. Ова е формулата за корупција, под која потклекнаа Павле, Крсто и компанија, и ќе продолжат да потклекнуваат и сите други во иднина.

Втората причина е што во овој интервал, партиите и политичарите неизбежно стануваат засебен, самоодржлив екосистем, без никаква допирна точка со оние кои би требало да ги претставуваат. Кога политичката агенција на граѓаните се сведува на нивниот глас на избори, тогаш меѓу циклусите политичарите немаат никаква потреба од нив. Задачата на граѓаните е пасивно да примаат информации, и за четири години да го реевалуираат својот “избор”, во меѓувреме препуштајќи се на катарзата преку социјалните мрежи и меѓусебно отуѓување, како последица на фрустрацијата од множењето со нула. Конечниот резултат на ова кај граѓаните е вкоренување на трибализмот и менталитетот да се победи по секоја цена, само за да се спречи другиот да победи.

Тука станува јасно зошто партиите не се залагаат за целосно редефинирање на политичката арена, иако како главни политички актери, нивен прв приоритет треба да биде килавиот институционален дизајн. Партиската изборна демократија е лукративна професија за политичарите, чија задача е на електоратот да му приредуваат спектакл во предизборниот период, правејќи му да се чувствува релевантно и понатаму да го вкоренува својот трибалистички идентитет.

Изборите и предизборните кампањи во парламентарната демократија се циркус за наивната публика. Тие се илузија на слободна волја и оттаму, ужасен заговор на општествената елита, според девизата раздели па владеј. На долг рок, партиските ривали всушност никогаш не губат. Тие владеат заеднички, по принцип на ротација, онака како што во Орвеловата 1984 Океанија, Евроазија и Источна Азија глумат меѓусебен конфликт, а вистинскиот непријател им се нивните граѓани.

Свесното политичко битие има морален императив да го отфрли овој лажен избор. Тоа мора постојано да размислува за тоа како да го делегитимира овој шаблон, како да го “скрши тркалото”, и да издејствува алтернативна демократска артикулација. Избирање на помалото зло е во целосна спротивставеност со овој пристап. Тој е воден од идејата дека повторување на истото и очекување на различен резултат е дефиницијата за лудило.

Почетокот на промената мора да биде бојкот на парламентарните избори. Евентуална ниска излезност ќе ги отвори очите на уште повеќе граѓани дека е потребен поинаков модус на демократско изразување од сегашниот, кој почнува и завршува со избори. Ваквиот бојкот ги надминува димензиите на националистички мотивираниот бојкот за една употреба, како тој на референдумот за Преспанскиот договор. Овој нов и сеопфатен бојкот не треба да биде ориентиран кон исходите, туку кон процесот. Да се занимава со болеста, а не со симптомите. Во колективната имагинација тој треба да активира “бреинсторминг” за поинаков начин на водење политика, кој ќе го врати значењето на поимот “демократија”, обезвреднет од сегашниот систем.

Овој поинаков начин ја завршува приказната на партиите еднаш засекогаш. Партиите се истрошен концепт, создаден во друго време, кога начинот на организација, комуникација и идеологија имале сосема друга форма. Денес постојат граѓански движења, преку кои е можен ангажман за сите прашања од јавен интерес, и експерти кои имаат знаење да ја насочуваат јавната дебата. Постојат интернет технологии кои ја елиминираат потребата од собири, делегати, комисии и еднонасочни информациски кампањи.

Најважно од се, постои народ кому му припаѓа суверенитетот и кој несвесно е во потрага по вистински канал за континуирана партиципација во носењето на политичките одлуки, а не само еднаш во четири години. Преку бојкотот, несвесното постепено ќе стане свесно. Ова е конечната цел, а не резултатот на овие избори, или следните, колку и да сакаат партиите да не убедат дека тоа е важното. Триесет години агонија е доволен доказ дека таа теза е лага.

Иднината на политиката е комбинација на виртуелни политички заедници, технократија со советодавни карактеристики, и непосредно одлучување на граѓани, избрани по случаен пат да ги претставуваат нивните сограѓани. Овие избраници постојано би се менувале во флуидни институции, без можност да се ухлебат, и по делиберативен пат, транспарентно би носеле информирани одлуки. Ваквиот пристап, познат како “сортирање” е компатибилен со таканаречениот муниципализам, кој го наоѓа главниот фокус во практичните локални проблеми – животната средина, урбанизацијата, здравствените услуги, малите бизниси. Во иднината нема место за партии. Како диносаурусите, време е за партиите да изумрат.

Автор: Иво Босилков

|2020-06-28T10:53:17+00:0028 јуни 2020|Актуелно, Некатегоризирано, Став|