(Интервју) Ирена Поповска: „ПРКОС (ќе) работи на пробивање нови хумани патеки кои ќе ги поврзуваат сличните и различните…“

Ирена Поповска дипломирала филозофија на Лондонскиот Универзитет, додека пак магистрирала во областа на Социјална и културна теорија Стафоршир Универзтитетот во Лондон. Таа е претседателка на Здружението Пркос, кое воедно е и центар за поддршка на лица со попреченост. Во 2014 година ја напиша колумната „Јас имам АЛС“ за порталот окно, во период во којшто вирееше кампања за подигнување на свеста за лицата заболени од Амиотрофичната латерална склероза (АЛС).

Гласник: Ирена, ти си претседателка на здружението Пркос, здружение коешто беше формирано неодамна и имаше успешна промоција. Која е целта и заложбата на ова здружение?

Ирена Поповска: Јас неколку години ја развивав идејата за основање институт и студии за попреченост. Но, таа се покажа како преамбициозна за остварување во сегашните општествени констелации. Па, така моите другарки Наташа Данилоска и Даниела Бавчанџи ми сугерираа попрактична варијанта и со здружени сили го создадовме ПРКОС. Значи, Центарот за поддршка на лица со попреченост постои веќе пет месеци, а го формиравме со една и единствена цел: да правиме мали добрини за луѓето со големи проблеми. Секако, мислам на состојбите кои ги покрива чадорот на поимот „попреченост“, и кои го праваат секојдневието исклучително тешко, како за самиот поединец, така и за неговото семејство. Бидејќи најчесто станува збор за трајни, хронични и неизлечиви процеси/дијагнози, единствено што може да се стори е да се ублажат нивните последици. Токму во оваа насока се и нашите заложби: делување со ситни по размер чекори, реализирање локални микро проекти и организирање конкретни, мини акции, кои, всушност значат живот. И се многу покорисни од некакви грандиозни зафати на зборови и хартија, кои нема никогаш да се остварат.

Еве, на пример, за 21 јуни (денес) подготвуваме импресивно филмско патување низ животот на актуелниот и трикратен светски шампион во адаптирано сурфање, параплегичар. Овој документарец ги раскажува личните падови, мрачни мигови, искушенија, но, и наоѓањето нова и повторна смисла во постоењето преку страсното поврзување со океанот. Филмот е искрена, топла и приемлива човечка сторија, чија траекторија прво ќе ве спушти на дното, па, со челичната воља на главниот лик, ќе ве крене на површината на светлината.

Овој навидум минорен настан може повеќекратно да ги мотивира лицата со попреченост. Прво, да излезат конечно од дома, што многу значи. Второ, да се социјализираат и стекнат нови пријателства, што е бесценето. И трето и најбитно, да ја повторат суштинската лекција дека животот не застанува или престанува кога ќе ви се случи попреченост. Напротив, може да стане мошне благороден и продуховен ако има помош од опкружувањето.

Гласник: Каков е статусот на лицата со попреченост во нашето општество? Има ли нашето општество изградено механизми и пракси на вклучување на лицата со попреченост во секојдневниот живот, функционираат ли институциите?

Ирена Поповска: Генерален е заклучокот дека од сите општествени маргиналци, лицата со попреченост се најдлабоко изолирани, неинформирани, дискриминирани, исплашени и бескорисни. И дека талкаат низ институциите на системот, и не знаат или нема кому да се обратат за било каков совет, информација и помош. Но, оштопозната е и констатацијата дека попреченоста не е само проблем на поединецот, туку и на целата заедница, која е едноставно должна да ја третира и ситуира како очекувана човечка инаквост. Сепак, инертните системски политики како само да ги мултиплицираат тешкотиите на лицата со попреченост во магепсаниот круг во кој се веќе затекнати. Немањето личен асистент, мачното секојдневие, нискиот степен на образование, невработеноста и многу често незавидната финансиска состојба – сите овие неприлики водат кон се` поголемо отуѓување, оддалечување и исклучување на оваа ранлива група од главните општествени текови. Перцепиран по однапред сервирана матрица од забетонирани верувања и предрасуди, феноменот попреченост се` уште е енигма за најголемиот дел од граѓанството. Затоа, ПРКОС (ќе) работи на пробивање нови хумани патеки кои ќе ги поврзуваат сличниот и различниот ученик, студент, работник, сосед, роднина, другар, партнер, родител. За општото добро. За среќата на сите. За-едно.

Гласник: Кои се предизвиците за вас како здружение коешто се занимава со прашањата поврзани со оваа група на граѓани, која е заборавена од општеството?

Ирена Поповска: Предизвиците, се бројни, да не речам безбројни. Попреченоста е жива и динамична област на мултидисциплинарна интерсекција. Тоа што ја прави особено интересна е и фактот што таа е истовремено и обемно поле на научни истражувања, и широк терен за политички и граѓански активизам. Заради тоа што се занимава со исклучително комплексна и чувствителна проблематика која директно засега 10 – 15 % од популацијата, и следствено,целото општество, попреченоста и како академска дисциплина успеа за само три децении да се наметне и позиционира на самиот врв на општествените, социолошките и хуманистичките науки.

Покрај теренски, на есен планираме да почнеме да делуваме и електронски, преку нашиот портал – прв од овој тип на нашите простори, кој (ќе) е наменет и специјализиран за лица со попреченост и нивните блиски. Преку овој портал сакаме да допреме до сите, кои од било каква причина се натоварени со проблемите на попреченоста, со цел да ги олесниме. Тоа значи дека ќе тежнееме кон создавање силна дигитална заедница, која би се самоорганизирала онлајн. Првичната и основна верзија на порталот е веќе поставена. Идејата и желбата е да го развиеме во вистинска интерактивна база на сите засегнати и заинтересирани (како во целиот цивилизиран свет), со голема фреквенција на посетители и корисници. Амбицијата е да стане платформа за соработка и поддршка на многу лица со и без попречености; со форум, чет, можност за коментирање, детско катче, нудење асистенција, отворена телефонска линија за информации и совети, онлајн курсеви, корисни линкови од институции, помошни технологии и слични содржини.

Бидејќи јас сум корисник на количка и добро знам што значи намалена мобилност, а покрај емпиријата, навлезена сум и во теоријата од проблематиката, ве уверувам дека портал од ваков тип ќе биде значаен и корисен не само за оваа ранлива популација, туку и за целото општество.

И за крајот на годината, подготвуваме гостување на еден мултимедијален спектакл, кој би сакала да биде изненадување.

Гласник: Во една ваша колумна, напишана за порталот окно, велите дека не користите често јавен превоз поради непријатните искуства коишто ги доживувате за време на секое возење. Причините за тоа се пред се’ технички, но и безбедносни за лицата со попреченост. Што мислите, како гледа современиот македонец на лицата со попреченост? Има ли култура на солидарност?

Ирена Поповска: Причините зошто не користам градски превоз за жал се (НЕ)човечки, а не технички. Рампите на автобусите на јавното сообраќајно претпријатие Скопје работат, но возачот не` изложува на додатно малтретирање (и, следствено, откажување) само затоа што го мрзи да соодветно го позиционира автобусот и притоа притисне едно копче за спуштање/дигање на рампата. За каква солдарност, прашувате, кога луѓето, во случајот шоферите, не си ја вршат должноста, а не нешто повеќе?

Но, колку и да е случајот нехуман, суров, па дури и бесмислен, тој е само силна рефлексија на не/приликите на системот во кој живуркаме. Исто како што и неговата ерозија се одразува, или, поточно, го предизвикува самиот дефект. И нереално би било тој да се анализира изолирано. Можеби некој ќе рече дека во време кога ни се случуваат општествени дефекти со огромни размери и последици, овој со рампата се чини минорен. Но, не е. Настрана фактот што со него законски се кршат елементарните човекови права и слободи на патниците со посебни потреби, она што повеќе (ме) растажува е отсуството на неопходните атрибути т.е. општопознатите морални обврски кои го прави човекот – човек. За жал, тука легислативата не може се` да стори. Да, работникот може формално да биде казнет за несоодветно извршување на работната задача, ама што суштински ќе смени тоа е – друго прашање.

Гласник: Неодамна, во селото Тимјаник во Неготино, поради најавено градење на мал групен дом за деца со попреченост од специјалниот завод Демир Капија, имаше драматичен собир и протест на жителите на селото. Негодуваат поради отворањето на ваква установа. Неколку вакви протестни собири во државава во минатото се случувале, особено кон оние маргинални заедници кои се и најранливи како лицата со попреченост и ромите. Каде ја гледате споната на одговорност но и можност за еманципација? Страдаме ли од неинформираност? Кои се шансите за отпор но и за еманципација?

Ирена Поповска: Случајот Тимјаник сериозно ме вознемири и замисли. Па, така, додека тие „здравите и правите“ дење протестираа, јас ноќе не спиев. Се обидував да ги разберам тие луѓе или можеби и донекаде и оправдам? Дури бев подготвена да им простам за првичната сурова и сирова реакција, заради општата по овие прашања неинформираност, неукост и необразованост. Но, кога се случи и вториот уште пожесток и помасовен протест поткрепен со еден ужасно ксенофобичен повик, бев целосно поразена. Да се кренат на таков бунт и толку многу арслани против згрижување на пет (!) тотално безопасни и беспомошни деца во мала, похумана, локална установа во „нивното“ село е настан кој длабоко трогнува, загрижува и пред се` алармира.

Тезата дека селаните имаат многу почиста душа и побистар ум од граѓаните ми се стопи како коцка мраз во жешка вода. Всушност, само се потврдува спротивната поставка дека и урбаните и руралните луѓе се најчесто и еднакво нелуѓе кога ќе се размрда нивниот застоен еквилибрум. Така што, мислам дека клучниот збор што овде очајно недостасува е емпатија. Вие можете да научите некого на дисциплинираност и послушност, ама не и на сомилост. Чувствата, емоциите, па ако сакате и инстинктите, се имено, некакви нетаксативни надкатегории детерминирани од природата, од космосот, од универзумот. Еве поткрепа.

Пред некое време, кај мене во двор падна едно чавче. Беше мало, скоро испилено, со повредено крилце и не можеше да полета. За 15ина минути, тревникот буквално поцрне од јатото чавки кои долетаа да му помогнат. Гракаа панично и со клуновите нежно се обидуваа да го придвижат. Спасувачката акција траеше околу пола час и птиците го однесоа своето потомче на сигурно и безбедно.

|2018-06-21T09:42:29+00:0021 јуни 2018|Актуелно, Вести, Став|