Истражување: Како Романија се бори против своите „рудници на смртта“

Пишува: Јордан Шишовски

По масовните протести против изградба на рудници за злато во Росија Монтана, Романија го блокира проектот. Сега компанијата ја тужи државата за 3,8 милијарди евра

Изградбата на рудник на канадската компанија Gabriel Resources наиде на масовна мобилизација, можеби најмасовна по протестите во 1989 година што го соборија режимот на Чаушеску. Властите попуштија под притисокот на јавноста и ја блокираа изградбата на рудникот. Канадската компанија на ова возврати со тужба, искористувајќи паралелен легален систем за странски инвеститори. Заради „загуба на профит“ компанијата ја тужи Романија во вредност од 2% од вкупниот државен бруто домашен производ, односно 3,8 милијарди евра. Зад компанијата стои и хеџ-фондот Tenor Capital Management од Волстрит кој се бори за својот дел од пленот. По сè изгледа, владата ќе биде присилена да го отвори рудникот.

Алчноста за профит уништува

Ако се изгради рудникот, тогаш штетите по околината ќе бидат огромни: 1346 хектари ќе бидат експлоатирани, од 2388 хектари, за кои компанијата поседува лиценца, 300 хектари ќе бидат покриени со токсично езеро со тешки метали и цијанид, што трајно ќе загрози повеќе од 6.000 луѓе од соседните области, 4 планини ќе бидат целосно уништени, 975 куќи ќе бидат урнати, од кои 41 куќа се сметаат за национално наследство, 7 цркви ќе бидат уништени, разнесени или опфатени со цијанидното езерце, 11 гробишта ќе бидат преместени, 12.000 тони цијанид ќе се користи годишно (од вкупно 240.000 тони цијанид), а ќе бидат создадени само 634 работни места во период од 17 години.

Отворањето на работни места се наведува како главен аргумент за изградба на овие рудници. Но, истражувањата недвосмислено докажуваат дека иако рудниците на злато отвораат привремени работни места, долготрајните социо-економски ефекти за заедницата се најчесто негативни. Алчноста за профит на големите компании се обидува преку аргументот за работни места да ги подели заедниците и да ја поттикне алчноста кај поединци за краткотрајна заработка пред одржливоста и здравјето на целата заедница. Селаните велат: „Нè поделија. Во еден момент брат со брат се разделија, и децата и родителите беа во кавга.“

Силата на народот

Законот за експлоатирање на рудникот беше донесен во 2013 година, тивко, за време на летните годишни одмори, од страна на тогашниот премиер Виктор Понта. Законот беше критикуван како противуставен и дека е во колизија и со Европското и меѓународното право. Контроверзниот закон им врачи бездруго неограничена власт на компаниите да заобиколуваат процедури, да избегнат издавање дозволи, како и моќ да бидат протерани од своите домови локалците што нема да се согласат со тоа.

По ова избија масовни протести со подршка од голем број институции и организации. Како резултат на притисокот од јавноста, во 2015. година романскиот парламент го поништи законот, а министерството за култура ја впиша заедницата Росија Монтана во листата на заштитени објекти од културно наследство. Во 2017. година владата поднесе барање до УНЕСКО за впишување на Росија Монтана во листата на места од светско наследство.

Бизнис интересите и корупцијата

Уште од самиот почеток компанијата се обидува да ги придобие на своја страна локалните политичари, новинари и интелектуалци преку поткуп. Еуген Давид, локален фармер кој стана истакнат активист на организацијата Alburnus Major против рудниците за злато, истакнува дека:

„печатот се држи на краток поводник преку големите договори за рекламирање на компанијата. Дали онлајн или со објавување на свој весник и проширување низ цела Романија, луѓето на некој начин треба да слушнат поинакво мислење, а не само истата фабрикувана приказна што ни’ ја објавува ПР-от на компанијата преку медиумите.“

Еуген, исто така, тврди дека некои тактики на рударските компании се подобро прилагодени кон минатото комунистичко време.

„Рударската компанија плаќа за протести во корист на рудникот тука во Росија Монтана, тие носат луѓе со автобуси секогаш кога се појавуваат политичари или новинари. Росија Монтана има 3000 жители, а само мал број од 250-300 луѓе доаѓаат на протестите организирани од рударската компанија, од кои многумина доаѓаат од далеку”, истакна тој.

И покрај масовната корупција на локалните и национални политичари, поткуп на медиумите, скоро комплетното покривање на интернет-пребарувањата со реклами „кажете ДА за рудниците“ и исценираните „протести“ (астротурф), компанијата сепак ја изгуби легалната битка.

Капиталот и демократијата во „отворена врска“

Праксата покажува дека, демократијата и капиталот одат заедно само додека интересите на капиталот се поклопуваат со оние на мнозинството. Кога интересите на заедницата ќе се разидат со интересите на капиталот, капиталот жестоко го возвраќа ударот, нанесувајќи и’ штета на демократијата.

Во случајот со Росија Монтана, канадската компанија реши да употреби една контроверзна легална алатка, наречена „Решавање на спорови инвеститор-држава“ (Investor-State Dispute Settlement – ISDS). Оваа алатка служи за „дисциплинирање“ на народите – демократиите, од страна на авторитарните компании, чијшто единствен интерес е максимализација на профитот за своите акционери, дури и на сметка на јавниот интерес. Преку овој вид на алатки се заобиколуваат локалните судови и закони за да се „одбранат правата“ на инвеститорите, осносно – за да се одбранат интересите на капиталот кога тие се во судир со интересите на заедниците. Особено е токсична оваа легална алатка кога станува збор за спор помеѓу моќна интернационална компанија и држава со слаби институции и висока корупција.

Капиталот жестоко го возвраќа ударот

Од 2015. година, компанијата Gabriel Resources ја тужи владата на Романија поради прекршување на меѓувладините договори за реципрочна заштита на инвестициите. Целата тужба е тајна и недостасува суштинска транспарентност која е неопходна за едно демократско општество што го почитува владеењето на правото.

Секогаш кога интересите на капиталот се доведени во прашање, тој се организира и групира во кластери за да го возврати ударот. Па така и во случајот со Росија Монтана, зад канадската компанија Gabriel Resourses застана хеџ фондот од Волстрит – Tenor Capital Management. Оваа компанија, според спогодбата, го плаќа целиот судски процес, како и скапите адвокатски тимови, а за возврат на оваа „инвестиција“ би добила дел од пленот. Овој фонд, имено, веќе е длабоко навлезен во „бизнисот“ на одмаздата на Капиталот кон „непослушните“ заедници. Во еден друг случај, фондот учествува во тужба на друга канадска компанија – Crystallex International Corp. против Венецуела, во која приватната компанија бара 1,4 милијарди долари по иста основа.

Според истражувањето на BuzzFeed, веќе може јасно да се исцрта цел систем и методологија во која моќни компаниии ја употребуваат алатката за Решавање на спорови инвеститор-држава (Investor-State Dispute Settlement – ISDS) против фрагилни држави со цел профитирање, односно, ограбување на слабите држави. Целта на оваа тактика може да се срочи во мотото:

„Ајде да ги осиромашиме за да се збогатиме!“

Дури 30-40% од овој вид на спорови завршуваат со спогодба. Затоа многу е веројатно дека и владата на Романија ќе биде притисната во ќоше. Преку таа спогодба би било силно наштетено на локалната заедница, на демократијата и владеењето на правото, за сметка на максимализација на профитот на мала група „инвеститори“ – современи пирати во скапи костуми.

 

|2017-09-06T09:56:52+00:005 септември 2017|Актуелно, Свет|