Хипокризијата на Европска банка за обнова и развој: после фијаското со браната во Маврово и патот на Галичица, следи рудникот Иловица-Штука

На официјалната страница на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) стои дека таа е единствена меѓу развојните банки која не финансира енергетски централи на јаглен поради нивното влијание врз животната средина. Понатаму, се истакнува дека во 2018 година, 42% од инвестицијата на ЕБОР е во економија со мали еколошки ризици, поради поддршка на климатските цели кои се зацртаа со Парискиот договор

Исто така, пред 8 месеци, во декември 2017 година, на интернет страницата на ЕБОР можевме да прочитаме вест со наслов „ЕБОР и групата на глобалните градови го зголемуваат финансирањето на урбано зеленило“.   Во истата вест, се објаснува како ЕБОР планира тоа да го изведе.

„Специфичниот бизнис модел на ЕБОР за зелени градови вклучува директен ангажман со локалните власти и локалните претпријатија и се обидува секогаш кога е можно да го ангажира приватниот сектор во финансирањето и работењето на инфраструктурата.“ се вели во веста.

Но, ако се земе предвид која е поврзаноста на ЕБОР со концесионерот Еуромакс Рисорсис кој стои позади рудникот Иловица-Штука, залагањето за чиста животна средина  и „зелени градови“ изгледа фарсично или пак можеби не важи за периферните земји како Македонија. Имено, ЕБОР во декември, 2014 година стана сопственик на 19,99% од издадениот и нераспределен акционерски капитал во канадско-британската компанија Еуромакс Рисорсис. Таа со ваквото учество во компанијата, денес во рудникот Иловица-Штука истовремено се појавува и како доверител и како акционер.

И додека во останати проекти низ Македонија и низ Балканот, ЕБОР инвестира или дава кредити со многу мали камати, преку ко-сопствеништвото во Еуромакс, ЕБОР како и секоја друга компанија која инвестира сака инвестицијата да си ја врати со добивка. Дури и директорот на Еуромакс Рисорсис, Стив Шарп,  ја наведува ЕБОР како „солидна потпора“ за овој проект. Додека самите претставници на ЕБОР, очекувано, овој проект го презентираат како добронамерна помош за македонските граѓани.

“Проектот ќе помогне за понатамошен развој на македонската економија и во исто време ќе донесе иновации. ЕБОР е горда што работи со нови приватни инвеститори и ги диверзифицира можностите на пазарот “, рече Анка Јоана Јонеску, шеф на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, веднаш по станувањето дел од Еуромакс во 2014 година.

Од друга страна пак, Еуромакс Рисорсис констанстно го користи учеството на ЕБОР во компанијата, како гаранција дека ќе бидат испочитувани највисоките стандарди за зачувување на животната средина и здравјето на жителите до рудникот.  Тоа се разбира го истакнуваат и самите претставници на  ЕБОР или поточно – портпаролката на ЕБОР, Викторија Квартли.

„Ние двапати бевме на лице место да ги разгледаме еколошките и социјалните аспекти  и ги разгледавме тековните активности на компанијата. Врз основа на ова, можеме да констатираме дека проектот во моментов е во согласност со нашите побарувања и е дизајниран и развиен во таа насока. Ова е услов на ЕБОР што е добро разбран и одобрен од компанијата“, истакна Квартли во 2016 година.

Но, хавариите со рудниците што се случија во Романија, затворањето на сличен рудник во Трн, Бугарија, опортунизмот на македонските олигарси, клиентелизмот и сервилноста на нашите политички елити и општо – односот на глобалниот капитализам врз земјите како Македонија, кадешто имаме брутална пенетрација на уставниот поредок и корумпирање на институциите кога се работи за сериозен профит на помоќните земји, не оставаат нималку простор дека планираната шеста највисока брана на планетата на хидројаловиште со висина од 276 метри во рудникот Иловица-Штука ќе дотрае, или дека останатите аспекти од рудникот ќе се безбедни и неконтаминирачки како што тврди портпаролката на ЕБОР.

Контроверзни проекти на ЕБОР не се ништо ново во Македонија

Причина плус да не и се верува на професионалноста и објективноста на ЕБОР е самата историја на контроверзни проекти во Македонија.

Во 2011 година, ЕБОР и одобри заем на ЕЛЕМ од 65 милиони евра за изградба на брана на Бошков Мост, која би била дел од хидроцентралата во Маврово. Но, комитетот на Советот на Европа, користејќи ја Конвенцијата за заштита на животинскиот див свет и нивните природните живеалишта, побарал итно прекинување на проектот затоа што со планираната брана се ставаше во опасност комплексната биолошка разновидност на областа и нејзината важност како основна репродуктивна област за балканскиот рис, кој е еден од најзагрозените цицачи на планета. Во јануари 2017 година, ЕБОР го откажала заемот.

Во друг случај, во 2015 година ЕБОР се јави како инвеститор на експресен пат Охрид-Пештани. За реализација на експресниот пат, беше предвидено отстранување на досегашниот степен на заштита на најранливите подрачја на националниот парк „Галичица“, поради тоа што површината на предлог-проектот се протегаше на 324,62 хектари, од кои 310,46 хектари беа заштитена површина на Националниот парк. Но, комиетот при УНЕСКО во јули во 2017 година, побара целосно запирање на планираниот пат. По 6 месеци, како и во претходниот случај, Македонската влада го прекина овој проект и парите ги пренамени во други инфрастуктурни проекти.

Со ваквите примери, лесно може да се види дека честопати ЕБОР не се води од демократски принципи, нема слух за потребите на локалното население, екологијата и одржливиот рзвој, и за крај –  тоа што е водена од 70 земји, не мора да значи дека има поголема хуманa или солидарна димензија.

После фијаското со браната во Маврово и патот во Галичица, следува рудникот Иловица-Штука. Тука го нема Унеско или Советот на Европа да реагира, но народот од Струмичкиот регион нема друг избор освен со сите расположливи сили да му се спротистави на т.н. рудник на смртта кој е антипод на балансиран еколошки и економски развој.

|2018-08-09T16:48:29+00:009 август 2018|Актуелно, Вести, Економија|