Грчката антиквизација од 19 и 20 век наспроти македонската од 21 век, или етничко чистење наспроти дизниленд

 

1830 – 1913 година

Минатонеделниот текст со наслов „Иредентизмот на антиквизацијата (План или груба небрежност?), кај мал број читатели побуди условен рефлекс на самоодбрана, и тоа одбрана на правото слободно да го определат своето потекло, како античко, средновековно или нововековно. Иако таквото повикување не е во согласност со дефиницијата на нацијата создадена врз основа на просветителстовото, сепак е во согласност со балканската дефиниција на нацијата, која остана заложник на далечното минато на славни антички и средновековни кралеви и цареви.

Мнозинството грци, доколку денес ги запрашате „од  кога постои грчката нација“, со сигурност ќе ви одговорат дека, таа пoчнува длабоко во антиката, поточно прво беа атињаните, спартанците и античките македонци, па наследниците на Александар, па следуваше 1000 годишната историја на Византија во која официјален јазик бил старогрчкиот. По падот на Константинопол, грчкиот народ западнал под турско ропство, за на крајот да се ослободи во 1830 година, со создавањето на грчкото кралство.

Затоа уште на стартот ќе потенцирам: правото на македонецот денес слободно да се повикува на своите антички корени, е сосема легитимно право на секој поединец. Но, овој македонец денес, на кого не му е доволен идентитетот изграден врз стабилната основа на Илинденската епопеја и партизанското движење, треба да знае уште нешто. Имено, востаниците на ТМРО кои дејствувале во Егејска Македонија во почетокот на 20-тиот век, антиквизацијата и повикувањето на Алексансар Македонски, ја сметале за грчка пропаганда, што и навистина била, за што сведочи и примерот на костурскиот војвода Васил Чакаларов, кој се борел против андартските чети и нивната пропаганда после задушувањето на Илинденското востание.

Повикувањето на далечната славна историја е дело на национал-романтизмот. Современите нации се нови творби. Инжинерингот во создавањето на балканските нации во 19-тиот век, се одвивал според црковната припадност. Тоа подразбирало асимилација на посебните народи во една нација и распределба на еден ист народ во две или три нации на новонастанатите балкански држави.
Експанзионистички тенденции на новите балкански држави имале потреба победоносен мит. А тоа е најчесто историски лик, кој во одреден временски период владеел со поголем дел од Балканот.

Повикување на антиката и средновековието како државна политика на Балканот

Прашањата: „Чиј е Александар?“ (грчки, или македонски) и „Чиј е Самоил?“ (бугарски, или македонски), водат до опасното прашање: „Чија е територијата на денешна Македонија?“.

Таквото опасно прашање може да произлезе само од национал-шовинистичката кујна на малите империјалисти од Балканот, односно балканските држави, кои ја опкружуваат најмладата балканска држава – Република Македонија.  Имено, територијалните претензии спрема Македонија не ги судрија случајно меѓу себе членките на Балканскиот сојуз (Кралството Грција, Кралството Србија и Царството Бугарија) за време на Балканските Војни и Првата и Втората светска војна. Национал-шовинизмот и територијалните претензии на овие држави се потхрануваа и спремаа уште со самото нивно основање.

Имено, Грчкото кралство од 1830 година опфаќаше многу мал простор (Пелопонез, Атика и дел од Тесалија). За да се прошири на север и исток, во пропагандната машинерија впрегнати беа историчарите, кои мораа да откопаат од земјата и од историските архиви, постоење на некоја мината мега – грчка држава. Историчарите им го дадоа на грчката аристократија и млада буржоазија потребниот мит за гркот Александар Велики и територијата со која владеел на Балканот и Мала Азија.

Српското кралство од 1878 година опфаќаше многу мал простор (1/2 од денешна Р. Србија). За да се прошири на југ и југозапад, младата српската аристократија и буржоазија го искористи национал-романтизмот на србите за далеку поголема српска држава. Политичарите  го имаа потребниот антиквитет, односно територијата со која владеел српскиот цар Душан.

Бугарското кнежество од 1878 година опфаќаше 2/3 од денешна Р. Бугарија. За да се прошири на југ и запад,  младата бугарска аристократија и буржоазија го искористи национал-романтизмот на бугарите за далеку поголема бугарска држава. Политичарите  го имаа потребниот антиквитет – територијата со која владеел Цар Самоил.

Оттука, се’ уште не е јасно, чуму потребата од македонската антиквизација од 21 век, кога Р. Македонија секако нема сили и желба за територијална експанзија, а во исто време антиквизацијата беше успешна алатка на останатите балкански држави за парчење на територијата Македонија.

Антиквизацијата како 100 годишна грчка експанзионистичка политика (1822 – 1922)

Анастасиос Салидас, грчки интелектуалец од првата половина на 19-тиот век, јасно ќе ја истакне економската важност на Македонија за се’ уште несоздадената грчка дражава, притоа правејќи прв обид за антиквизација:

„Македонија е добро позната заради Кралот Филип и неговиот син Александар Велики. Но, Македонија е сега бедна затоа што е населена со беден народ. Таа е богата со жито, вино, свила, памук и други производи. Меѓутоа, знаењето целосно исчезна, и сега нејзините жители се словени, турци, малку грци и власи дојдени од Албанија“.

После востановувањето на современата грчка држава во 1830 година, во интелектуалните кругови во Грција, започнала дебата за тоа дали Македонија е дел од античката историја на Грција. Особен придонес во првиот бран на антиквизација како империјалистичка алатка за проширување на Грција кон Север и исток, одиграл Константинос Папариполулос, еден од основоположниците на современата грчка историографија. Неговото менување на ставот, дали Филип Втори бил грк или не, нај јасно го опишува патот на грчката антиквизација како државна експанзионистичка политика. Имено, во 1844 година тој пишува дека, Филип Втори бил странец окупатор, додека по само три години, кога пишува за античките македонци, истите ги опишува како „хибридна раса“ која во себе има и нешто грчко. Целосниот пресврт во неговото пишување, со цел да ја задоволи експанизонистичката државна политика, се случува во 1853 година, кога како автор на учебник по историја, пишува дека Филип Втори не е странец окупатор како што тврдел претходно, туку дека е грк.

Николаос Сариполос, во воведното предавање на Атинскиот универзитет, на 21 октомври, 1848 година, ќе рече: „По битката кај Херонеја, големиот пепел на ропството, фрли пепел врз Грција“.

Првиот претседател на современата грчка држава, Каподистријас, на прашањето, каде се протегаат грчките граници, истакнал:

„На север, тоа е линијата Олимп- Мецово. Оваа линија, во минатото ја делела Грција од останатите соседни земји. Во средниот век, Тесалија беше задржана како грчка земја, додека Македонија беше населена од словените и мн други раси“.

Дека во минатото, грчките интелектуалци претежно биле на ставот дека Филип Втори бил странец окупатор, говори и ставот на Спиридон Замбелиос, грчки интелектуалец од втората половина на 19-тиот век, кој во едно свое дело запишал дека “не било мудро што Античките македонци претходно биле сметани за  окупатори“.

Не било мудро, во овој случај значи дека, не било опортуно Античките македонци да се сметаат за странци окупатори, затоа што младата грчка држава уште од самите почетоци се стремела за проширување на своите граници спрема север, територијата на која во антиката своја држава имале Античките македонци.

Во 1843 година, во текот на собраниската расправа за донесување на првиот Устав на Кралството Грција, еден од највлијателните грчки политичари во тоа време, Јоанис Колитис, за прв пат ќе ја претстави идејата за Голема  Грција (Megali idea). Оваа идеја, веднаш била прифатена и спроведувана низ образовниот систем во тогашна Грција. Под влијание на Колитис, друг влијателен политичар Александрос Суцос, во брошурата „Панорама на атинското собрание“ ќе запише:

Нашиот трон остана таму! Нашиот религизен водач- патријархот од Цариград, остана таму! Големите столбови на грчката држава, како Јонија, Тракија, Македонија, Епир и Тесалија, останаа таму. Ние натаму треба да ги насочиме очите! 

Во однос на посакуваните северни граници на Голема Грција, Константинос Папариполулос, гореспомнатиот основоположник на современата грчка историографија, забележал дека, Грчката држава треба да се протега на север до планините Шар Планина и Стара планина, или Балкан. Имајќи предвид дека на просторот северно од Халкидики до овие планини, бројноста на грчкото население не соодветствувало со овие експанионистички апетити на младата грчка држава, Папариполоус, ја користи антиквизацијата, т.е. повикувањето на правото на античкото наследство, што Папариполоус го гледал единствено во тоа што називите на овие области (Македонија и Тракија) биле задржани уште од антиката, а според него – антиката е грчка и оттаму овие области нужно треба да се припојат кон Кралството Грција.

Во 1880 година, грчкиот министер за надворешни работи Харилаос Трикупис, пратил барање до грчките конзулати во Македонија и Тракија (кои се’ уште биле под отоманаска власт), да одговорат, до каде е можно според нив, да се бара идната северна граница на Кралството Грција. Грчкиот конзул во Битола Логотетис, го испратил следниот одговор:

Северната граница на Кралството Грција треба биде линијата Корча, Охрид, Преспа, Демирхисар, Крушево, Прилеп, Струмица, Драма и Серес“.

Оваа линија, била максимистичкото барање на Кралството Грција што требало да настапи после протерувањето на Османлиите од Балканот. Она што е познато како Балкански војни (1912-1913) за грчката историографија е познато како Големата војна во која сепак, поради блискоста на Кралството Србија и Царството Бугарија со големите сили, Грција успеава да добие „само“ 51% од географскиот регион Македонија.

Ако македонските словени, со сите потешкотии и угнетувања, сепак во рок од 500 години се одржаа на родните огништа во рамките на Отоманската империја, сепак, периодот кој настапи после Балканските војни значеше вовед во етничкото чистење, кое го доживеаа, повторно како резултат на грчката експанзионистичка политика, односно како резултат на грчката антиквизација како подлога на megali idea, т.е. идејата за Голема Грција.

*Анализата на грчката антиквизација наспроти македонската ќе биде заокружена со текст за периодот 1913 – 1992 година.

 

Автор: Зоран Василески

 

 

 

| 2018-02-21T10:02:15+00:00 21 февруари 2018|Актуелно, Некатегоризирано, Свет, Став|