Грчката антиквизација од 19 и 20 век наспроти македонската од 21 век, или етничко чистење наспроти дизниленд (втор дел)

Доаѓањето на власт на Јоанис Метаксас, Атина 1936

Антиквизација на топонимите, промена на личните имињата и презимиња, размена на население и колонизација после Првата светска војна

(1913 – 1943 година)

По завршувањето на Балканските војни (или Големата војна како што е наречена од страна на грчката историографија) во 1913 година значаен дел од Мегали идејата на Грција за Балканот беше остварена. Просторот на север од Олимп, на запад до Епир, на исток до Тракија, а на север до денешната граница меѓу Р. Македонија и Р. Грција, бил простор кој допрва требало да се грцизира, со оглед на тоа што само 25% од населението зборувало грчки т.е. биле Грци.

Национал-шовинистичкиот инжинеринг на почетокот особено бил потпомогнат од веќе воспоставената пракса на размена на население меѓу новите балкански држави, со цел воспоставување етнички чисти држави. Така со Нејскиот мировен договор меѓу Бугарија и Грција од 1919 година и Мировниот договор од Лозана меѓу Грција и Турција (1922г.) се случува целосно рекомпонирање на етничкиот состав на населението. Во договорот со поразената Бугарија, Грција успева да издејствува насилно протерување (под привидот на доброволна размена) на македонците, кои дотогаш биле под верска управа на Бугарската егзархија. Додека во договорот со победничката Турција грците прифаќаат „доброволна размена на православни и муслимани“, што значело населување претежно во географскиот поим на Македонија, 500 илјади различни групи народи, чијашто единствена заедничка точка им била тоа што биле православни и тоа што биле припадници на Цариградската (грчка) патријаршија. Како резултат на речиси едно-децениското непрекинато војување (1912 – 1922) чиј исход секогаш било злоставување на негрчките народи во северна Грција, значаен дел од македонското население веќе го започнала процесот во еден правец, на иселување во прекуокеанските земји , додека значаен дел од присилно доселените врз база на православието било подложено на целосна грцизација.

Антиквизацијата како бирократски национал-шовинистички удар врз називите на населените места и географски области со турски и словено-македонски корен, ќе се изврши со закон во 1926 година, т.е. откако е веќе завршена размената на население. Мега проект, кој освен преименување градови преименуваше и напуштени села, најмали реки и притоки. Тоа значеше впрегнување на историчарите и археолозите да ги изнајдат онаму каде што е можно античките имиња на местата, вон употреба повеќе од 1000 години. И тоа значеше впрегнување на администрацијата во измислување нови имиња или преведување на постоечките турски или словено-македонски.

Но и тоа не било доволно. Бирократски апарат од 50 илјади чиновници грци бил донесен специјално од внатрешноста на Грција за целите на спроведувањето на грцизацијата на северна Грција. Така, во 1931 година грчката влада изготвува цела стратегија за справување со словено-македонско население, кое и покрај масовното иселување и покрај надворешната колонизација, сепак било доминантно по бројност во областите на градовите Лерин, Воден и Костур. Стратегијата од 1931 година ги предвидува следните чекори: во леринската, воденската и костурската околија, потребно е да се изврши чистење на учителскиот кадар, чистење на свештенството, чистење на чиновничкиот кадар, доделување земја на грчките борци од минатите војни, создавање разузнавачка служба за следење негрчки активности и засилување на работата на националистичките грчки организации.

Диктатурата на Јоанис Метаксас и „конечното решение“ за забранетиот јазик и народ

Со договорите за размена на население било предвидено оние лица кои нема да се иселат да можат да имаат примарно образование на официјален грчки, бугарски, или српски јазик. Мајчиниот јазик со самото тоа што не можел да биде негуван во образовниот процес, останал на нивото на домороден дијалект за македонците, кој од страна на грчката национал – шовинистичка држава бил омаловажуван, сметан за “прост“, т.е. „варварски јазик“.

Вака поставената национал-шовинистичка основа, во ситуација кога Грција била во длабока апатија по поразот од Турција, со истрошени ресурси и голема сиромаштија, била плодна почва за насилното заземање на власта од страна на воената хунта на Јоанис Метаксас од 1936 година, што претставува почетокот на фашистичкиот режим во Грција. Македонците особено ќе пострадаат во овој период, но пред да навлеземе во описот на злосторствата, да видиме прво под каков вид на пропаганда се изведуваше оваа брутална репресија. Имено, диктатурата на Метаксас, многу потсетува на воспоставениот фашистички режим во Италија од страна на Бенито Мусолини. Оттаму, ако Мусолини прв ја воведе антиквизацијата како експанзионистичка алатка во геополитиката (повикувајќи се на Стариот Рим), тогаш Јоанис Метаксас го наследи. Диктатурата на Метаксас се стремела да започне трета грчка цивилизација, после хеленската и византиската.

Грција во 30-тите години од минатиот век сепак ја немала бројноста, реурсите и поддршката од големите сили за освојување нови терирории на север и исток. Но затоа делот од пленот освоен за време на Балканските војни, преку асимилирачка антиквизација, решила целосно да го грцизира, наметнувајќи им на македонските словени антички македонски индентитет, претставен како дел од грчката нација.. За остварување на „конечното решение“ за македонските словени, а со цел остварување на максимата „Еден народ, една нација, една држава“, вон механизмите на парламентарната демократија (затоа што парламентот бил укинат), донесен бил закон кој го забранувал слободното говорење на дијалектите на македонскиот јазик. т.е. целосна забрана за изразување на мајчин јазик во општествениот живот, дотаму што тој бил забранет и за употреба внатре во семејствата. Во оваа брутална репресија фашистичкиот апарат на Метаксас користел паравоени структури и мрежа на доушници. Првите, врз основа на издадениот декрет од 1926 година за „чешлање“ на словено-македонските натписи во црквите, истите ги корнеле, бришеле, а врз нив пишувале нови натписи на грчки јазик. Истото било направено и со надгорбните плочи. Вторите (доушниците на национал-шовинистичката власт) дури и се прикрадувале до куќите и прислушкувале дали се зборува на „идиомот“ како се нарекувал технократски „забранетиот македонски дијалект“.

Асимилацијата преку забрана за слободно зборување и пеење на мајчиниот јазик, била правно регулирана, кривично и прекршочно се гонеле лицата кои се оглушувале на фашистичкото слово на законот. Дел од пишаните и непишани казни, биле со примеси на средновековно казнување. На пример, доколку не може да се подмири паричната казна, други начини за „реализирање на казната“ биле: пиење рицинус, кубење на мустаќите, плукање во уста, триење на јазикот со коприва, физичко насилство, или отслужување казна затвор на некој од јонските острови. Притоа, законот се спроведувал без оглед на возраста и полот. Старици биле притворани во полициските станици. Едно сведоштво за односот или негрижата на грчката држава спрема децата од Воденско, го вели следното:

„Во основните училишта секојдневно се тепаат малите деца кои го зборуваат својот јазик. А особено овде во Воден, крвникот и фашист Георгиос, ги претепува децата ако прозборат македонски, или ако ги обложат своите тетрартки со црвена хартија“.

Црвената боја секако била асоцијација за главната опасност за грчките фашисти, олигрархијата и клерот, а тоа е комунистичката идеја за еднаквост на народите. Во пресрет на Втората светска војна расте популарноста и јачината на комунистичкото движење во Грција, главниот противник на Метаксасовата фашистичка диктатура.

КПГ – единствената политичка структура со позитивен однос кон македонското прашање

Македонското население од страна на двопартискиот ситем на Грција (Ројалисти вс. Републиканци) не било заштитено во ниту еден момент. Напротив, трпело само репресии и злосторства. Сепак во 1918 година во Грција се формира партија, која целосно ги уважувала, а подоцна и по цена на живот и постоење на партијата, ги бранела негрчките народи во Грција.

Комунистичката партија на Грција (КПГ), во текот на првите три децении постоење доживеа ѕвезден подем и ужасен крај. Од навидум класична политичка борба на конфронтирање на концепти и сосема различна реторика со грчката десница, се’ до воспоставувањето на диктатурата на Метаксас, со окупацијата од страна на Нацистичка Германија, КПГ преминува на герилско војување против грчкиот и германскиот фашизам, за по конечниот пораз после граѓанската војна да биде забранета, а нејзините членови да бидат убиени и протерани.

Комунистичката партија на Грција, била единствената партија, која прво имала човечен однос кон македонците, за разлика од сите дотогашни политички сили, кои во помала или поголема мера го кршеле физички, или психички духот на македонецот дека има иднина во рамките на грчката држава.

Во текот на 20-тите години на минатиот век грчките комунисти за прв пат ќе го афирмираат македонското прашање во Грција, признавајќи ја засебноста на македоската националност и признавајќи ги правата на македонското малцинство во рамките на Грција.

Носејќи ја пораката до грчките работници за потребата од социјалистичка револуција и обединет Балкан надвор од влијанието на империјалистичките сили, КПГ се исправи пред смртната опасност, а тоа е поддршката која буржоаските партии со колабораторско искуство ќе ја добијат од капиталистичкиот запад. И покрај се, КПГ остана доследна на одлуките на Интернационалата на комунистичките партии (Коминтерната), која со одлуката од 1934 година,беше првата интернационална организација, која го призна постоењето на посебниот македонски идентитет, јазик, и право на државност. КПГ иако навидум се позиционираше цик – цак во својата стратегија кон македонското прашање, сепак не може да се негира фактот дека во такви околности на зовриена Грција (од национал-шовинизам и клеро-фашизам), КПГ го правеше можеби и максимумот во зададената ситуација, без изневерување на комунистичките идеали.

Конечно, при толкава бројност на негрчко население населено на речиси половина од вкупната територија на државата, за очекување е опонентот на реакционерниот слоган „Еден крал, еден народ, една држава“ да се соочи со најцрна реакција.

Македонците ја избраа едниствената политичка сила, во чиишто рамки со грците и останатите народи, македонците беа другари и соборци против заедничкиот непријател- странскиот и домашен фашистички окупатор. Затоа, во текот на Втората светска војна, тие масовно се пријавуваа во единиците на ЕАМ и ЕЛАС.

Битката да се биде или не, конечната битка меѓу грчката левица и грчката десница, од чиј исход зависеше нивната физичка и секаква друга егзистенција, можеше да започне…

 

Автор: Зоран Василески

| 2018-02-28T10:17:32+00:00 28 февруари 2018|Актуелно, Став|