Граѓаните на Битола без огревни дрва, ги исплатиле, а никако да ги добијат

БИТОЛА, 18. 11. 2017 – Дел од жителите на Битола се’ уште не си ги добиле дрвата коишто си ги нарачале и ги платиле. Надлежните смируваат дека дрвата ќе пристигнат. Нарачаните и платени дрва, треба да ги испорача подружницата на „Македонски шуми“ во Демир Хисар ШС „Бигла“. Граѓаните вознемирени, се плашат дека снегот ќе ги фати без дрва.

И оваа година, како и претходните, дел од огревните дрва нарачани од страна на жителите на Битола се платени, а се’ уште не им се доставени. Дрвата се нарачани уште во март месец, додека последната рата од износот граѓаните го исплатиле во месец октомври. Вообичаената пракса на испорака е заклучно со месец август, иако во минатото граѓаните ги добивале дрвата уште во април или мај месец. Секоја година, се’ подоцна и подоцна е датумот кога се прави доставата на дрвата.

Оваа година, дел од граѓаните, се’ уште не си ги добиле нарачаните дрва. Грејната сезона започна пред еден месец, а корисниците се принудени да се снаоѓаат затоплувајќи си ги домовите со различни огревни материјали или користејќи електрична енергија. Тоа што е попоразилтено е фактот што граѓаните ги платиле дрвата на рати и со тоа си ги оневозможиле, или си ги стесниле алтернативите за затоплување на домот.

Дрвата треба да ги испорача подружницата на „Македонски шуми“ во Демир Хисар ШС „Бигла“. Граѓаните од Битола, дрвата си ги нарачувале преку јавните претпријатија во кои се вработени. Меѓутоа, со овој проблем не се соочуваат само т.н. правни лица, туку и оние физичките лица кои без посредство на јавно претпријатие ја направиле нарачката.

Редакцијата на Гласник стапи во контакт со централата на Македонски шуми, оттаму сугерираат дека генералниот директор не е надлежен за овој проблем, додека комерцијалниот директор до кого не’ упатија, кратко одговори дека „времето не чини и дека има дотур на дрва и дека ќе стигнат“.

Граѓаните на Битола се револтирани. Се наоѓаат во ситуација „ни ваму, ни таму“. Проблемот е уште поголем во овој период од годината, затоа што цената на дрвата во овој период е повисока, со тоа, дрвата платени во април и мај и кубикажата којашто треба да се добие, не е соодветна со условите во коишто сега можат да се набават огревните дрва.

„И јас ги нарачав дрвата во месец март и плаќав на 8 рати до октомври. Цело време пробувам да ги добијам и да ми кажат кога ќе стигнат, ми велат ’лошо е времето’. Значи летото што правеа не знам. Ако ги повлечам парите ќе купам многу помалку дрва, оти се скапи сега“, истакнува еден револтиран граѓанин за Гласник.

Во Битола, загадувањето за време на грејната сезона е доста високо. Битола е град кој постојано е на „врвот“ на листата на најзагадени градови во Европа. Како главни загадувачи, освен „РЕК Битола“, се јавуваат и домаќинствата коишто се греат на дрва. Во овој град, кој низ овие три децении самостојност, изгубил голем дел од социјалната и економска стабилност, граѓаните се принудени на едиствена опција на затоплување во зимскиот период, да се греат на дрва. Доколку дрвата не пристигнат пред да падне првиот снег и падот на температурите, веројатно дел од граѓаните коишто ги платиле, а не си ги добиле дрвата ќе бидат принудени да се греат со останати огревни предмети, коишто би предизвикале уште поголема дисеминација на токсични елементи во воздухот.

|2017-11-18T12:35:53+00:0018 ноември 2017|Актуелно, Вести|