Граѓаните и денес со жив штит на Водно, багерите мирни, работниците поставуваа табели

СКОПЈЕ, 30.08.2018 – Откако вчера граѓаните во одбрана на Водно легнаа пред багерите кои сечат шума за изградба на гасоводот, ситуацијата денес е посмирена. Работниците од фирмата Рапид Билд, коишто патем не располагаат со целосна документација за дозвола за изведба на овие активности денес не ги движеле багерите, туку правеле анализи на трасата и  поставувале табли, коишто исто така не се целосно под пропис за овие градежни активности.

Граѓаните кои со жив штит веќе неколку дена го бранат Водно и денес беа таму. Тие велат дека за пропустите коишто ги прави градежната фирма се борат институционално, но оти од тука нема да си заминат ни денес а ни во наредните денови.

Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“ за Гласник пренесува дека документацијата за новата траса се’ уште е во фаза на добивање, односно во Министерството за транспорт и врски.

„Овој дел којшто е ископан, според нас, не е според старата дозвола и не знаеме колку е сето тоа легално. Би сакале да седнеме на маса и да ги разгледаме сите нивни аргументи  дека сето ова што е направено е според сите прописи“, вели Стојановска.

Во однос на поддршката од граѓаните таа потенцира дека преку социјалните мрежи поддршката е огромна, но оти е потребно присуство токму на местото на настанот, а за тоа како што рече, патот не е баш лесно достапен и потребно е пешачење.

Меѓутоа токму недостапноста до теренот е причина за поголема поддршка на самото место, бидејќи откако ќе се заврши со сеча на овој дел веќе градежните активности ќе дојдат до поатрактивниот и подостапен терен, а тогаш голем дел од работата веќе ќе биде завршен.

|2018-08-30T17:26:32+00:0030 август 2018|Актуелно, Вести, Видео / Фотографија|