Газдите на текстилните фабрики и понатаму го кршат законот за минимална плата

ШТИП, 16.06.2018 – Активистиката од здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева која се бори за работничките права на текстилните работнички на својот Фејсбук профил објави слика на која се гледа лист на која е напишана казна од 3000 денари која треба да ја плати работничка во текстилна конфекција. Името на работничката и текстилната конфекција не се објавени.

„На последната плата за редовна работа, поради укинувањето на нормираниот учинок не смеат да исплатат плата под 12.000 денара, секако плус додатоци(минат труд, празнична, прекувремена работа). Е по ново, од една озлогласена конфекција, имаме казни на листовите од плата и по некоја магија, платата е 12.000 ден плус, минус некој денар. Таму кај што има над 12.000 денари, дел им е дадено ливче колку треба да вратат на рака назад“ потенцира Ампева.

Изгубената верба во институциите, т.е. нивната неефикасност и корумпираност се главни причини што ваквата пракса продолжува и по донесувањето на законот за мининална плата. Газдите, сигурни во својата недопирливост, се’ уште продолжуваат со грубо кршење на работничките права, знаејќи дека трудовиот инспекторат ќе ги занемари нивните постапки. Во ваква ситуација, работниците остануваат анонимни во својот крик, затоа што знаат дека правдата повторно ќе биде на страна на сопствениците на фабриките. Трудовиот инспекторат ја продолжува својата улога на продолжена рака на неолиберализмот, со игнорирање на законите и на работниците. Газдите, со вакво непочитување на законите и импотентен Инспекторат, можат слободно да го акумулираат своето богатство, и да не се грижат за било каков стар или нов закон за минимална плата.

|2018-06-16T09:52:41+00:0016 јуни 2018|Актуелно, Вести, Став|