Левица до жителите на Босилово: „Газдите и милионерите не ги интересира вашето здравје, туку само нивниот профит“

СКОПЈЕ, 01.09.2017 – Во пресрет на референдумот во врска со изградба на рудник во Иловица Струмичко, кој ќе се одржи во Босилово, на 03. септември, во недела, партијата Левица се обрати со соопштение до јавноста, во кое ги поттикнува жителите на Општината да не потклекнуваат на незаконските притисоци и да излезат да гласаат, како што велат, против рудникот на смртта Иловица. Тие исто така, од новата влада бараат да ги даде сите информации во врска со активностите на компанијата „Еуромакс рисорсис“ во Макдонија

Од Левица потсетуваат дека, набљудувачите на референдумските процеси во своите извештаи забележуваа силни притисоци, особено во Дојран и Валандово, коишто почнале уште за време на кампањата, а продолжиле се’ до затворањето на избирачките места.

„Левица ги поттикнува жителите на Општина Босилово да не потклекнуваат на незаконските притисоци и да излезат да гласаат против рудникот на смртта Иловица на 3. септември 2017 година“, се вели во соопштението.

 

 

 

 

Тие исто така бараат од актуелната влада на Македонија, да ги даде сите информации во врска со активностите на компанијата „Еуромакс рисорсис“ во државата.

„Жителите на Република Македонија имаат право да знаат што точно се случува во нивна непосредна близина и имаат право да одлучуваат дали ќе прифатат или ќе одбијат одредени проекти за кои соодветните владејачки гарнитури склопувале милионски договори со странски компании. Тоа свое право на глас жителите на струмичкиот регион, ќе го искористат првпат на 3. септември 2017 г. (недела), кога е закажан референдумот во Општина Босилово“, нагласуваат од партијата.

Партијата им се обраќа на жителите на Босилово, со цел да ги поддржи и да ги потсети дека, газдите и милионерите не ги интересира нивното здравје, туку дека единствено што ги интересира е профитот.

„Алчноста за профит не знае за партиска припадност, вера или нација. Не дозволувајте да бидете манипулирани со каква било финансиска придобивка што ви се ветува. Вашето здравје и вашиот живот немаат цена“, потенцираат тие охрабрубвајќи ги жителите во недела да го дадат својот глас против рудникот Иловица.

Досега во Македонија се одржаа четири референдуми против изградба на рудници од кои три, односно во Гевгелија, Богданци и Дојран беа успешни, а само референдумот во Валандово не беше успешен, поради тоа што недостасуваа само 300 гласа, за да се смета за валиден, односно да го помине прагот од над 50 проценти на излезеност. Жителите на Гевгелија, Богданци и Дојран успеаја да кажат „НЕ“ на изградба на рудници и „ЗА“ прекин на работата на „Казандол“, додека, пак Валандовчани, иако од излезените гласачи 95 отсто се изјаснија против, сепак референдумот не беше успешен. Од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ пред референдумот алармираа на кршење на предизборниот молк од страна на компанијата „Сардич“, како и дека имало интензивни притисоци, уцени и заплашувања кон валандовчани, за да не излезат на гласачките места.

На обележаниот дел со црвено може да се види во кои оштини се планира да се градат рудници, доколку граѓаните не кажат „НЕ“.

 

|2017-09-02T09:53:25+00:001 септември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|