Европскиот ’стаклен плафон’ за жените

Ниту една од 47-те европски земји не успеала да го постигне ветувањето за вклученост на 40% жени во клучните позиции на јавниот живот.

Според новиот извештај објавен од страна на Советот на Европа ниту една од земјите членки не успеала да ги оствари зацртаните цели од пред 14 години. Во 2003 година, 47 земји членки на Советот на Европа, вклучително и сите членки на Европската унија, потпишаа документ за родова балансираност во јавните институции. До 2016 само Финска и Шведска ја постигнаа родовата балансираност во долните домови на парламентите, а ниту една земја не ја постигна родовата балансираност во обата дома.

Според извештајот, по потпишувањето на договорот, забележан е благ пораст на застапеноста на жените во институциите. На клучните позиции – претседателски, премиерски, градоначалнички – жените се претставени само со 17%.

„Просечната застапеност на жените остана на околу една четвртина, и беше неверојатно конзистентна низ анкетираните законодавни собранија”, се вели во извештајот.

„Овие бројки покажуваат дека Европа сé уште има многу долг пат за постигнување на родова еднаквост”, рече генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, во изјавата што го придружува извештајот.

Податоците укажуваат дека скоро сите позиции на врвот на политичката моќ се зафатени од мажи, а застапеноста на жените на национално и регионално ниво скоро никаде не недминува 20%.

Чекори за подобрување на состојбата

Извештајот покажа дека пропорционалните изборни системи постигнале подобра родова рамнотежа од системите со мнозински изборен модел и предложува земјите да ги разгледаат предностите на пропорционалниот изборен модел.

Советот препорача земјите да ги спроведат родовите квоти во своите законодавства или во политичките партии. Земјите кои имаат такви системи постигнале подобра родова рамнотежа од оние кои немаат, особено кога квотите се спроведуваат со санкции. Застапеноста на жените од 2005 година значително е зголемена во земјите со такви системи.

Извештајот укажува и дека земјите со родови квоти во партиите постигнале подобри резултати на родова застапеност од оние со родови квоти на изборните листи. Македонија е една од земјите без родови квоти во партиите, а со родови квоти на изборните листи. Оттука, забележителен е процесот на поставување жени главно на „не-добитни“ места. Истото се случи и на последните локални избори во кои бројот на жените кандидатки е значително помал, особено на „добитни“ места.

|2017-10-17T12:03:12+00:0017 октомври 2017|Актуелно, Вести, Свет|