Ерик Хобсбаум – марксистички теоретичар 1917 – 2012 (втор дел)

Ова е вториот дел од статијата за Ерик Хобсбаум, првиот дел може да го прочитате овде.

Кога Германија го нападна Советскиот Сојуз, Хобсбаум се приклучи на армијата. Бидејќи беше познат комунист доби наредби да остане во Британија и да работи како физички работник за армијата. Тогаш за првпат имаше можност да ги запознае британските работници, за кои разви восхит – нивната стоичка умереност и длабока самосвест ги сметаше за неверојатна доблест. Со разнишан догматизам, веќе не може да остане пристрасен кон екстремната ригорозност на Московско-ориентираната дисциплина.

По војната Хобсбаум најде академска позиција на колеџот Биркбек во Лондон, и беше член на групата Историчари на комунистичката партија. Групата на историчари се здоби со задача да раскаже една строго академска народна историја во која англиските граѓански војни од 1640тите би биле прикажани како буржоазска револуција со демократски ноти и прото-комунистичко крило. Во вековите по граѓанските војни, според инструкциите, овој прогресивен сојуз на буржоазијата и демократските вредности се менувал, но останал врзан, со народни и социјалистички компоненти кои само се засилувале, додека не се разврзале во Народниот Фронт и во поствоениот „Британски пат до социјализмот“ на Комунистичката партија на Британија. За оваа партија, маршот до ветената земја значел пат низ парламентарните институции и широки коалиции против капитализмот во залез.

Сепак, Хобсбаум беше релативно алергичен на ваквите зашеќерени верзии на народната историја и претпочиташе темелни трудови кои ги опфаќаа животните услови на работниците, нивниот животен стандард и варијантите на политичко изразување кои беа или архаични или прозаично вплотени во буржоаската политика. Неговата книга Индустрија и империја од 1968 година беше строго аргументиран труд за економијата на „Британскиот залез“ и постави стандард за сите дебати што следеа.

До 1956 година, Хобсбаум веќе беше разочаран од реалноста на режимот на „постоечки социјализам“ но беше во малцинството британски интелектуалци од Комунистичката партија кои одбија да излезат од партијата поради руското загушување на унгарската револуција. На него му беше важна лојалноста кон каузата, во добро и во лошо, и не му се допаѓаше идејата за напуштање на бродот што тоне. Тој дури беше и скептичен за појавувањето на Новата Левица, која генерално ја сметаше за форма на ултра-левичарство кое раскрстило со здравиот разум на работничката класа.

Помеѓу 1962 и 1987 година, Хобсбаум објави три труда за историјата на деветнаесеттиот век: Ера на револуција, За Капиталот и За Империјата. Сите почнуваа со фокус на „дуалните револуции“ на индустријализацијата во Британија и јакобинството во Франција, но прогресивно се ширеа како што тој ги продлабочуваше своите знаења, и се обидуваше да ја вклучи глобалната трансформација на капитализмот.

Буржоазијата беше неотповикливиот херој во неговите дела: тој се сомневаше во нивната политичка смелост во судир со реакционирството и жалеше за нивниот конфликт со работничката класа во подем, но немаше никаков сомнеж за нивната важност како „владеачка“ класа. Неговиот Маркизам беше суптилен, и тој пишуваше во народно-академски стил, но неговото објаснување на потеклото на Првата светска војна секогаш се темелеше на подемот на империјализмот, константен, иако недоволно убедлив обид, да се спаси ленинистичката анализа на овој феномен.

Овие томови го немаа оној трансформативен ефект врз младите леви академици, како што го имаше Создавањето на англиската работничка класа (1963г.) на Е.П. Томпсон, или дури и Светот превртен наопаку (1972г.) на Кристофер Хил. Хобсбаум поседуваше сосема малку од оној ентузијазам за контра-културната историја што го имаше Новата левица, таканаречената „историја од доле“. Не беше толку заинтересиран за навраќањето на изгубените традиции колку што сакаше да ги смести на правилното место во минатото.

Иронично е што неговата трилогија не беше толку во чекор со активизмот од 1968 колку што беше одраз на самодовербата на одново силната буржоазија која започна во 1970тите и влезе во полн цут во 1980тите. Тој на еден начин стана марксистичкиот историчар кој беше најприфатен во мејнстримот.

Последниот од Хобсбаумовата серија, Ерата на екстремите (1994 г.), во која тој пишуваше за „краткиот XX век“ беше напишана пост распадот на Советскиот сојуз. Како што забележа Пери Андерсон, буржоазијата како таква практично беше напуштена во овој том. Наместо неа, главната тема беше темата на Комунизмот, кој во костец со буржоаската хегемонија, се појавува како спасител од каприците на поделениот капитализам. Ова, поразот на нацизмот, и крајната рационалност на Советскиот сојуз со одлуката да се одржи Студената војна главно студена, за Хобсбаум историчарот беше доказ за историската оправданост на комунизмот. Но, се докажа и дека како позитивна алтернатива на капитализмот, комунизмот е само ќорсокак. Хобсбаум имаше дадено и една озлогласена изјава пред еден интервјуер дека доколку сталинизмот се покажеше како правиот пат кон една нова, повисока цивилизација, мртвите тела што ги остави зад себе ќе беа оправдани.

Во седумдесеттите и осумдесеттите Хобсбаум аргументираше дека милитаризмот и секционализмот на синдикатите е закана за демократскиот сојуз кој го скроти капитализмот по Втората светска војна. Тој пишуваше дека бидејќи индустриската работна сила е во хроничен пад, современиот Народен фронтизам може да се реконструира единствено преку приоретизирањето на интересите на конзумерите и на средната класа.

Во седумдесеттите тој застрана на страната на Еврокомунизмот, особено во Италија – кој дефинитивно ги имаше напуштено сите идеи за „диктаторство на пролетаријатот“ – а во осумдесеттите тој ја охрабри Британската лабуристичка партија да ги отсече нејзините радикално леви тенденции, на чело со Тони Бен и Милитантната тенденција.

Но Хобсбаум се разочара во деведесеттите, поради очигледната капитулација на социјалната демократија пред надомќноста на пазарот. Неговите долгогодишни предвидувања за „ре-барбаризацијата“ на западното општество беа според него реализирани во насилниот распад на Југославија и „војната против теророт“.

Хобсбаум остана настрана од „разумната левица“ која ги потопи револуционерните страсти во една неоконска борба за либерална демократија наспроти исламистички фундаметализам. Иако тој често држеше предавања во Америка никогаш земјата не му прирасна, а и се плашеше од последиците на ослободениот американски унилатерализам во сојуз со пазарниот триумфализам.

До крајот на животот Хобсбаум се’ уште веруваше во една пан-класна политика на Народниот фронт, иако со пролетеријат кој е во субординирана улога. Тој сметаше дека капитализмот е секогаш нестабилен на долги стази.

Ги надживеа повеќето негови современици, и кога во 1998 година прифати Орден на честа од кралското семејство, тоа беше, изјави, за улогата на комунистичките милитанти во преживувањето на либералната демократија да биде барем малку признаена. Беше песимист кога се работеше за иднината, но непокорлив во убедувањето дека мора да има борба за подобар живот, со сите морални ризици кои таа ги вклучува. Ќе биде запаметен како храбар, неверојатно пристапен и револуционерен историчар.

Извор: jacobinmag.com

|2018-10-26T07:38:13+00:0025 октомври 2018|Актуелно, Свет, Став|