Дидие Ерибон: Тешкото не беше да се биде геј, туку да се биде работничка класа

Парискиот интелектуалец зборува за причините што го поттикнаа да ги напише своите значајни мемоари, Враќање во Реимс.

Кога Дидие Ерибон избегал од хомофобијата и секојдневниот расизам кој го среќавал за време на сиромашниот живот во комуналните станови во Северна Франција и пристигнал во Париз во 1964 г, излегол од „плакарот“ за да влезе во друг. Многу му било полесно да им каже на неговите паметни, космополитски пријатели дека е геј, отколку да признае дека е работничка класа. Па излажал.

„Моето излегување од хомосексуалниот плакар, мојата желба да го преземам својот идентитет и да ја признаам својата хомосексуалност коинцидираа… со затварањето внатре во нешто што можам да го наречам класен плакар“ – пишува тој во бестселерот Враќање во Реимс, кој наредниот месец излегува во Британија.

Името на Ерибон е само малку познато во Британија надвор од интелектуалните кругови, особено од Кинг Колеџ на Кембриџ, каде тој беше професор во посета. До неодамна, во Франција беше најпознат по неговата биографија за филозофот и социјален теоретичар Мишел Фуко, и по тоа што пишува за машкиот геј идентитет. Враќање во Реимс претставува половина мемоар, а половина општествена и политичка теорија. Книгата предизвика многу реации во Франција и има продадено околу 90 000 примероци, а доби култен статус во Германија, каде со својата централна премиса дека мејнстрим левицата е виновна за отфрлање на работничката класа право во рацете на екстремната десница и национализмот погоди во сржта. Сега и книгата и Ерибон доаѓаат во Британија.

Ерибон, кој е на 64 годишна возраст е доказ дека може да се земе човек од работничката класа и да се претвори во интернационално познат писател, филозоф, социолог кој добро се продава, но не може да се избрише работничката класа од него.

„Никогаш не можете да и избегате на класата, дури и ако мислите дека сте успеале… системот не работи така, тој ги чува луѓето на нивното место доминантните и доминираните“, вели тој.

Неговата книга раскажува како после децении поминати во Париз,  сега успешниот, почитуван и отворено геј Ерибон се чувствува заробен помеѓу две класи, се’ уште засрамен од своите корени, и се’ уште нем и со гнев кога некој од неговите интелектуални колеги или другари се однесува патронизирачки или навредливо кон работничката класа.

„Она што беше тешко не беше да се биде геј, туку да се биде работничка класа. Луѓето кои велат дека се горди да бидат работничка класа всушност велат дека се горди што веќе не се работничка класа. Јас му избегав на моето потекло, но се’ уште бев засрамен да го спомнам, или да реферирам на него. Бев засрамен од моето семејство, од нивните навики, дури и од начинот на кој мајка ми ги изговараше зборовите“, изјавува Ерибон.

Понатаму раскажува како се чувствувал засрамено од срамот:

„Никогаш не успеав да ги делам вредностите на доминантната класа. Секогаш се чувствував нелагодно или луто кога другите луѓе околу мене зборуваа отсечно или со осуда за работниците, нивните навики и начин на живот. Сепак, од таму доаѓам. Овој презир е насекаде, речиси научен, секогаш малку пежоративен, потсмевувачки и понижувачки. Дури и да не е насилен, во него има супериорност. Јас се чувстувам нападнат од тоа. Кога луѓето зборуваат вака за слугите, тоа е мојата баба, или за работникот од фабрика, тоа е татко ми, а чистачката – мајка ми“

Ерибон, кој израснал во Реимс, историски град во срцето на внатрешноста во Шампањ, Северна Фрација, бил првиот од неговото семејство кој завршил средно образование. Мајка му, работничка во фабрика, која работела прекувремено за да плати за неговите студии, во книгата изгледа како необразована но комплексна жена чиј потенцијал бил скршен од недостатокот на образование. Како и повеќето од нејзината класа и генерација таа го напуштила училиштето на 14 годинишна возраст. Таа и нејзините експлоатирани колеги на фабричката трака работат дури не паднат, а во семејниот дом, доминирана е од маж кој е „глупав и насилен“.

Адолесцентот Ерибон ја крие својата сексуалност. Реимс, пишува тој, е „град на навреди“, тие за кои се сомневаат дека се геј се педери и „принцези“. Подобро е да се молчи, да се одбираат борбите, да се следат мачо друштвата.

Додека многу од неговите соученици го следат општествениот пат кој од нив се очекува, Ерибон учи. Најбрзо што може, заминува за Париз и добива место на Сорбона. Навечер работи како портир во хотел за да плати за студиите, крадејќи малку сон пред да го напушти хотелот во 8 часот наутро и да се упати право на факултет. Речиси никогаш не го контактира семејството.

„Ги оставив назад и немав никаква желба да се вратам“, пишува тој.

Книгата почнува со Ерибоновото враќање во Реимс, три децении подоцна и по повод смртта на неговиот татко, човек што го презирал:

„Не го сакав, никогаш. Секогаш бевме ние странци. Немаше ништо меѓу нас, ништо што не поврзува.., барем така верував или се трудев да верувам; беше моја идеја дека човек може да си го отцепи животот од семејството, преобмислувајќи се и вртејќи му грб на минатото и на луѓето во него.“

Ова е прв дел од преводот на интервјуто со францускиот социолог Дидиер Ерибон.

|2018-06-01T10:42:36+00:001 јуни 2018|Актуелно, Вести, Свет|