Емил Ниами: „Кај учителот се оди по ука, а не по милост.“

Дијалог со Емил Ниами по повод завршувањето на училишната 2019/2020 година

Денес завршува уште една учебна година, па младите ќе треба да се подготвам за академија. По тој повод поразговаравме со доктор Емил Ниами за академските проблеми, но и можности кај нас, а особено низ призмата на знаењето на јазикот. Просветата и културата кај нас никогаш не биле на прво место, но тоа не значи дека не треба постојано да се трансформираат. Емил Ниами е доктор на филолошки науки и раководител на Рускиот центар при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Никола Шиндре: „Да се биде млад човек во општество во коешто нема план за раст и развој е мачно. Најверојатно е уште помачно кога македонското образование е едно од најлошите во Европа и екс-СССР. Како да се подготвуваат младите за универзитетското образование?“

Емил Ниами: „Како да се подготват е интересно прашања. Треба да се подготват добро. Она што кај нас ретко кој го разбира е разликата помеѓу поимите „учење“ и „студирање“. Фазите кои му претходат на високото образование се они во кои секоја индивидуа ја добива основата врз која ќе се гради нивното професионално знаење. Исто така, тие фази се клучни и за воспитувањето на младите луѓе. Да не се лажеме, со воспитувањето на децата повеќе не се занимаваат родителите, а тоа се одразува и на основното и на средното образование. Секако, дел од вината може да се најде и кај наставниците од училиштата, но кога ученикот не добива воспитен стимул во семејството, секој напор тоа да се направи институционално е бесмислен.

Кога станува збор за знаењата можеме да констатираме дека во последниве дваесеттина години во македонското основно и средно образование се судираме со целосен хаос. Програмите не се услогласени, учениците не добиваат знаење, ами „пролетуваат“ по некакви факти кои лебдат некаде во воздухот. Демократизацијата во општеството доведе до целосна анархија во образованието. Не функционира ниту системот за оценување. Сега сè е сведено на материјална корист, а не на градење на духот.

Уште еден недостаток е речиси целосното укинување на насоченото образование. Големиот број гимназии не им остава на учениците избор – тие мораат да се запишат на факултет за да бидат остручени за нешто. Ова е генерален проблем. Она на што мораме да ставиме акцент е дека основното и средното образование мора да се доведат во ред, да се усогласат програмите, да се воведе соодветна евалуација. Доста е веќе се експериментирање. Треба да решиме како да ги подготвиме нашите деца за функционирањето како во високото образование, така и во општеството.

Високото образование, пак, не треба да се коментира. Таму владее целосен хаос. Несоодветни програми, не постои никакво планирање за продуцирање кадри, наставниот кадар нема никаков подмладок, а да не зборуваме за роднинско-пријателските врски при неговото ангажирање. Многупати од мои колеги сум ја слушнал изреката „треба од нешто да се живее“, но факултетите ниту се пазарче за да се тргува, ниту се социјална установа за да се вработуваат роднините. Да не зборуваме за инспекторатите кои немаат никаков увид во работата зашто си седат по своите канцеларии, ниту пак за Комисијата за акредитација која става потпис на сè што ќе стаса доколку ги задоволува формалните критериуми. Проблемите во високото образование се толку големи што можат да се решат само со употреба на „тоталитарни“ мерки.“

Н. Ш. Еден од најважните пропусти во нашето образование е описменувањето. Малиот број преведени книги, слабиот фонд на училишните библиотеки, кратките списоци на лектири доведоа до осиромашување на македонскиот јазик. Како да се отпочне со работа за да не се остане неписмен на мајчиниот јазик?

Е. Н. Не ги споменавте домашните библиотеки. До пред триесеттина години речиси не постоеше дом кој нема каква-таква домашна библиотека. Ќе речете дека сега има Интернет, но погледнете ги компјутерите во домовите. Во нив ќе најдете сè, освен книги. Да не зборуваме дека речиси никој нема електронски уред за читање.

Кога станува збор за издаваштвото, не можеме да не забележиме дека станува збор за бизнис. Издавачите сакаат брзи пари, а тоа не може да се направи со книгите. Едно издание може да се продава и по десет и повеќе години, што значи обртот е многу мал. Така издавачите или ќе чекаат да добијат финансиска помош за издавање на некоја книга (од Министерството за култура, од амбасади и од други организации кои се занимаваат со културата) или ќе изберат наслов кој е „ин“ и на тој начин ќе ги привлечат купувачите.

Сосема друга работа е изборот на литературата. Никој во земјава не ги следи литературните тенденции и книжевната критика. Со години се прашувам зошто на македонски не е преведено ништо од Стивен Фрај кој се смета за еден од најдобрите стилист (во првото значење на зборот) во современата светска литература. Или, пак, зошто никој не ги преиздава класиците на светската литература?

Во нашата држава не се чита. Во нашата држава не се пишува, зашто од пишувањето не се живее. Ова директно влијае и врз писменоста на нашата младина. Човечкиот мозок ја имаа таканаречената фотографска меморија. Така, кога луѓето читаат и неколку пати ќе забележат дека е напишано „сè уште“ или „не знам“, ќе запаметат дека не треба да пишуваат „сеуште“ или „незнам“ (секако, во случајов банализирам, со цел да бидам појасен). Тоа се случува кога се чита текст, кога концентрацијата е насочена кон него, а не кога се читаат статуси на Фејсбук или на Твитер.

Н. Ш. Со затворање на дел од нашите индустриски комплекси наследени од социјализмот се изгубија многу зборови од македонскиот јазик. Оправдани ли се стравовите дека дополнителното дигитализирање во просветата и затворањето образовни установи можат да ја повторат оваа епизода?

Е. Н. Би повторил една фраза која често се користи: јазикот е жива материја. Македонскиот јазик е доволно силен самиот да се бори во современоста, но под услов да биде насочен и да не биде силуван. Кога зборувам за насочувањето, всушност сакам да посочам дека во земјава не постои регулаторно тело кое ќе дава совети, ќе решава јазични проблеми, ќе размислува за неологизмите, ќе дава препораки итн. Во време кога информацијата се пренесува за неколку секунди, не се размислува за јазикот. Многумина велат „важно е да се разбереме“, но некој ќе разбере, некој нема да разбере. Згора на тоа ваквата позиција ќе доведе со апсурд, кога на почетокот некако ќе се разбереме, па потоа ќе почнеме помалку да се разбираме, оти процесот на разбирање е колективен, а не индивидуален. На крајот можеме да дојдеме до фаза кога нема да се разбираме. Тоа е, всушност, насочувањето.

Кога зборувам, пак, за силувањето на јазикот, мислам на сите општествени промени и текови кои бараат некаква негова промена. Јазикот како огледало на реалноста постојано одговара и се приспособува на општествените норми. Но, имајќи предвид дека тој претставува „жив организам“, најчесто реагира побавно одошто определени субјекти би сакале, со што се предизвикуваат привидни јазични аномалии. Доколку погледнеме низ историјата на развојот на голем број јазици ќе забележиме дека во определена епоха (а, тоа се најчесто големи општествени пресврти, како што се револуции и слично) јазикот започнува да се менува драстично во поглед на неговата лексика. Доколку не го силуваме јазикот, тој самиот ќе избере што му е потребно и ќе го отфрли она што не му е потребно, а сè со цел да остане функционален.

Н. Ш. Јазикот е светоглед, оттаму учењето на странски јазици го проширува личниот светоглед. Како да се избира кој јазик да се изучува и како да се изучува за да се отворат нашите идеи?

Е. Н. Во прв ред да расчистиме една работа: ниту еден странски јазик нема да биде научен, доколку не се знае мајчиниот. Следното нешто во изборот на странскиот јазик е целта за која се учи. Можете да учите странски јазик од љубов кон него. Тоа е најлесната варијанта за избор и таа е сосема легитимна. Доколку јазикот ви е потребен за да разберете некој текст, односно да го користите пасивно, тогаш потребно е да ја знаете конкретната цел. Секако англискиот денес е лингва франка, па затоа родителите настојуваат нивните деца да го учат од мали. Но, доколку учите странски јазик за некоја цел, тогаш треба да знаете на кој јазик се пишува најмногу за таа цел или на кој јазик има најмногу материјал на определената тема.

Кај нас изучувањето се сведува на два странски јазика: англиски и германски. Во последно време почна да станува модерен и италијанскиот, иако неговата практична примена е многу помала. Она што зачудува е што речиси целосно се исклучени од образовниот процес останатите светски јазици. Мене како русист ми е многу чудно тоа што рускиот јазик повеќе никаде не се изучува, иако, како прво, економските, културните и образовните врски со рускојазичните земји се зголемува, и, како второ, во светот постои тренд на зголемен интерес за негово изучување. Слична е ситуацијата и со францускиот. Најголема вина во ова гледам кај незаинтересираноста и на државата и на работодавачите нивните вработени да знаат друг светски јазик.

Кога станува збор за професионалното изучување јазик, тогаш ситуацијата во моментов е јасна – се учат оние странски јазици за кои има потреба на пазарот. Никој нема да сака да студира француски или руски, доколку со нив нема каде да работи.

Н. Ш. Анимозитетот да се изучува јазикот на политичкиот противник е присутен. Оние чиј што мајчин јазик им е македонскиот ретко се обидуваат да учат албански, бугарски или грчки. Зошто е важно да се знае јазикот на тој до тебе?

Е. Н. Интеракција, соработка, размена на знаења – ова треба да бидат основните причини за изучување на, како што Вие го нарекувате, јазикот на противникот. Во моментов е актуелен проблемот што го имаме со соседна Бугарија, а кој се однесува на македонскиот јазик. На прсти се бројат луѓето што учеле бугарски и кои ја познаваат неговата структура. Ова важи и за филолозите и за лингвистите. Ако се земе сериозно да се направи една контрастивна анализа на двата јазика, на површина ќе излезат многу интересни заклучоци.

Познавањето на јазикот на соседите е мошне важно, зашто најголемиот контакт го имаме токму со нив. Доколку постарата (зборувам за мојата) генерација нема проблем со познавањето на српскиот, хрватскиот, па дури и на словенечкиот јазик (секако ова е производ на заедницата во која живеевме до пред 30 години), денешните млади се доведени до ситуација апсолутно да не ги разбираат. Тука, за нас, е важен уште еден фактор зошто треба да се знаат соседните јазици, а тоа е фактот што нашата земја е мала, така што не можеме да очекуваме дека сè може да биде преведено на македонски, така што литературата на јазиците на соседите секогаш ќе ни биде достапна.

Н. Ш. Јазикот како систем секојдневно се менува. Ние ги создаваме неговите промени, а истовремено и ги прифаќаме. Како да се користи јазикот за да се носат посуштински промени?

Е. Н. Јазикот се користи со ум. Не залудно се вели „размисли двапати пред да кажеш“. Она што излегува од устата (а, тука зборуваме и за пишаниот текст) не може да се врати. Мене ме зачудува фактот што најголем број луѓе не користат речници, прирачници, граматики. Доколку порано тие беа скапи, денес многу голем дел од нив се поставени бесплатно на Интернет. Постои дигитален речник на македонскиот јазик, постои електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик. Едноставно луѓето се мрзеливи да ги користат. Како што веќе реков јазикот треба да се насочува и да не се силува, за сето останато тој самиот ќе се погрижи.

Н. Ш. Ако на лекар се оди за здравје, тогаш за што треба да се оди кај учителот?

Е. Н. Денес учителите (тука зборувам за сите степени од образованието) се толку деградирани, што се сфатени како машини за пишување оцени. Од нив се бара креативност, се бара да бидат благи, мили, фини, пријатни, за да може секој што ќе стаса да им се „качува на глава“. Само вака може да се објасни безобразието што се случува кај нас. Доколку учителот порано беше олицетворени на знаењето кое се почитуваше, денес тој е обично чиновниче кому му командуваат разно-разни директори, политички фигури, па дури и родителите. Тажна е оваа слика, но, верувајте, вистинита. Кај учителот треба да се оди по ука, а не по милост.

|2020-06-10T09:23:33+00:0010 јуни 2020|Актуелно, Култура, Став|