Елизабет Терзакис: „Маркс и природата“ – II дел

Метаболичкиот расцеп

Капитализмот го уништил овој релативно неотуѓен метаболички однос помеѓу човечките суштества и природата преку она што Маркс го нарекол примитивна акумулација. Поради присвојувањето на земјата преку нејзино заградување и претворање во приватна сопственост, повеќето луѓе повеќе немале директен однос со средствата за егзистенција, а како резултат од тоа ние доживуваме четирикратно отуѓување: 1) отуѓени сме од производите на нашиот труд – односно, тие не придонесуваат директно кон задоволувањето на нашите потреби; 2) отуѓени сме од самиот процес на труд, а бидејќи трудот е една од работите што нѐ прави јасно луѓе, ние така сме отуѓени од самите нас, од она што Маркс го нарекол наше човечко генеричко суштество; 3) отуѓени сме едни од други, зашто наместо да се ангажираме во заеднички проект за задоволување на нашите потреби како човечки суштества, принудени сме на натпревар едни со други за да обезбедиме пристап до средствата за производство на капиталистите и да работиме за нивни профит, а бидејќи по природа сме општествени битија, на таков начин сме уште еднаш отуѓени од себеси; и 4) отуѓени сме од природата – нашето неорганско тело.[1] Така, отуѓувањето на луѓето од нивниот труд е, според Маркс, неодвојливо од отуѓувањето на човечките суштества од природата – она што Маркс го нарекол метаболички расцеп.

Под феудализмот во Европа, земјоделското производство се вршело од селаните во служба на феудалните господари, кои го поседувале најголемиот дел од земјата. Со текот на времето, феудалните лојалности биле заменети со систем на ренти, а заедничката земја сѐ повеќе се заградувала, што на одредена точка довело до ставање крај на директниот однос со земјата за мнозинството од луѓето. Можете да го видите ова во Европа преку разгледување на правните документи. Интелектуална пресвртна точка за Маркс била кога дознал дека пет шестини од обвиненијата во Прусија во раните 1840-ти се однесувале на дрвата – на земањето дрва за лична употреба од шумите кои неодамна биле приватизирани. Во предвечерјето на капитализмот, иако поголемиот дел од земјата ја поседувале феудалните господари и на неа работеле селаните за сопствена егзистенција и за давачки, пасиштата и шумите биле отворени за заедничко користење; селаните можеле да го напасуваат својот добиток или да собираат дрва или да ловат зајаци или да прават нешто друго што им било потребно како дополнение на нивното земјоделство. Со подемот на капитализмот, ова се променило. Дури и собирањето боровинки, традиционална активност на децата, било прогласено за незаконско. „На таков начин на сиромашните им бил оневозможен секој однос со природата – дури и за нивни сопствен опстанок – ако не бил посредуван од институциите на приватната сопственост.“[2]

Фактот што имало толку многу обвиненија за „крадење“ дрва, собирање боровинки и ловокрадство на зајаци покажува дека обичните луѓе од Европа пружале отпор на овие промени – исто како што тоа го правеле и домородните народи на Америките – понекогаш како поединци, а понекогаш на организиран начин:

„Во селото Бакден… каде што бискупот на Линколн имал заградено земја, ‘стотици жени и момчиња, вооружени со бодежи и копја, на многу жесток и бунтарски начин, влегоа на земјиштето, ги отворија портите и ги искршија живите огради на тоа заградено земјиште и донесоа големи стада добиток.’“[3]

На крајот, сепак, овој отпор бил сурово задушен.[4]

Со заградувањето на заедничката земја и нејзината преобразба од колективен ресурс во локација за ловечките забави на владејачката класа,[5] за нејзиното напасување овци и другите експериментирања во луксузирање и произведување на суровини за богатите, селаните кои не можеле да се издржуваат себеси биле принудени да ја напуштат земјата.[6] Иако расцепот помеѓу мнозинството и земјата започнал под феудализмот, тој не бил комплетиран до настапувањето на капитализмот. Ова отуѓување на луѓето од земјата натерало многумина да се концентрираат во градовите, додека оние што останале на село станале работници во системот на комерцијално земјоделство. И во градовите и во селата, работниците биле отуѓени на четирите погореспомнати начини. Тие биле, како што тоа Маркс подбивно го кажал, направени „слободни“.[7]

За земјоделските работници, оваа слобода значела дека тие биле општествено и интелектуално лишени. Под „идиотизмот на селскиот живот“ Маркс и Енгелс ја имале на ум изолацијата што доаѓа од ограничените општествени контакти како и недостигот на можности за интелектуален развој – при што широките и разновидни општествени контакти и интелектуалната стимулација биле две од работите што Маркс ги сметал за клучни за потполниот развиток на човечките суштества.

За работниците во градовите, оваа слобода значела „слобода“ од она што претходно се сметало за основни човечки потреби. Како што кажал Маркс, во таквите големи градови:

„Дури и потребата од чист воздух престанува да биде потреба кај работникот. Човекот одново се заселува во пештери, коишто меѓутоа сега се отруени од задушливиот заразен здив на цивилизацијата, во однос на кои тој се чувствува несигурно, како спрема туѓа сила што може секој ден да му се истргне, и од кои можат секој ден да го исфрлат, ако не плати… Светлоста, воздухот итн., најпростата, дури на животните својствена чистота на снагата престануваат да бидат потреба на човекот. Нечистотијата, тој знак на запуштен, загниен човек, клоаката (во буквална смисла на зборот) на цивилизацијата стануваат за него животен елемент. Целосната неприродна запуштеност, трулата природа, станува негов животен елемент.“[8]

Марксовата концепција за човечките потреби – оние што се природно произведени и оние што се општествено произведени – е сложена и ќе биде дискутирана поподробно подолу, но доволно е да се каже дека од зачетоците на капитализмот, во градовите и селата, на комерцијалните фарми и во механизираните фабрики, потребите на големото мнозинство од луѓето не биле задоволени на начини што би им дозволиле да го остварат својот целосен потенцијал како човечки суштества.

Поделбата помеѓу градот и селото, уште еден аспект на метаболичкиот расцеп, е главно прашање за Маркс и Енгелс. Во претходните општествени организации, хранливите материи земени од почвата директно се надоместувале или од животинско гноиво или од човечки екскремент. Тоа ја одржувало почвата плодна и овозможувало добро место за отпадот. Одвојувањето на градот и селото ја нарушило оваа фаза на метаболизмот на луѓето и природата. Наместо да се враќа во почвата како хранлива материја, отпадот што се создавал во градовите или се оставал да ги загадува животните области на луѓето од работничката класа (додека владејачката класа зафаќала внимателно одгледувани паркови на одредена дистанца) или се фрлал врз некој друг елемент од природата. Како што тоа го кажал Маркс:

„Екскрементите на потрошувачката се природни материи на човечкото лачење… Екскрементите на потрошувачката се од најголема важност за земјоделството. Што се однесува до нивната употреба, во капиталистичката економија владее колосално расфрлање; во Лондон, на пример, таа не знае ништо подобро да направи со ѓубрето што потекнува од 4 и пол милиони луѓе одошто, со чудовишно големи трошоци, да го употреби на загадување на Темза.“[9]

Ова загадување на реката Темза може да се види како пример за она што еуфемистички се нарекува „екстернализација на трошоците“. Отпадот, што е придружна појава на концентрацијата на работниците во градовите за да работат за профит на капиталистите, се одлага на начин што е бесплатен за капиталистот, но многу скап за општеството и за природата – како во поглед на фактичките трошоци за собирање и транспорт на отпадот или за изградба на канализационен систем (до што дошло со текот на времето), така и во поглед на опортунитетните трошоци од загадената вода, убиениот растителен и животински живот и човечкото осиромашување.

Во меѓувреме, чудовишно скапиот процес што ја загадувал Темза бил одговорен и за осиромашување на почвата. Маркс го осудил приоретизирањето од страна на капиталистичкото земјоделство на краткорочната плодност пред долгорочната одржливост:

„Секој напредок во капиталистичкото земјоделство не е само напредок во искуството да се пљачкаат работниците, туку едновремено и во искуството да се пљачка земјата; секој напредок во зголемувањето на нејзината плодност за еден даден временски рок едновремено е и напредок во разрушувањето на трајниот извор на оваа плодност… Капиталистичкото производство, значи, ја развива техниката и комбинацијата на општествениот процес на производството на тој начин што тоа едновремено ги поткопува изворите на секое богатство: земјата и работникот.“[10]

Овој особен аспект на метаболичкиот расцеп, одвојувањето на градот и селото и нарушувањето на ѓубрењето на почвата, предизвикал многу последици – последици кои Маркс ги сфатил како резултат на неговата фасцинација од делото на германскиот земјоделски хемичар Јустус фон Либиг. Истражувањата на фон Либиг го потврдиле она што Маркс се сомневал дека се случува во врска со осиромашувањето на почвата. Во текот на она што некои земјоделски историчари го нарекоа „втора земјоделска револуција“ од средината до крајот на 1800-тите, новото разбирање на одгледувањето на растенијата овозможило вештачко воведување на состојки кои претходно се враќале во почвата како дел од метаболизмот на луѓето и природата. Според Фостер, тоа го довело Маркс до „сѐ поголемо сфаќање на степенот до кој новите методи… само служеле да се рационализира процес на еколошко уништување.“[11]

Следниот чекор во овој процес на уништување бил откривањето на улогата што ја играат нитратите и фосфатите во обновувањето на осиромашената почва, како и откривањето на гуаното како изобилен извор за нив. Овие откритија помогнале да се создаде уште еден расцеп, помеѓу империјалистичките и колонизираните земји – глобална екстензија на поделбата на град и село. Гуаното, или екскрементот од морски птици, бил достапен во енормни количини, кои со векови се натрупувале на некои острови близу брегот на Перу. Европските капиталисти набрзо сфатиле дека можат да го употребат гуаното наместо слободно достапниот човечки екскремент за да ја обноват плодноста на осиромашената почва и да го претворат тоа во индустрија што создава профит. Кинеските работници, осиромашени и фрлени во очај од Опиумските војни, биле транспортирани, поробени и натерани да работат до смрт собирајќи гуано. Природните ресурси на повеќе јужноамерикански земји биле уништени, а нивните економии биле доведени до погубен однос со европските држави, убиени биле милиони морски птици и се воделе војни преку посредници, а сето тоа во служба на обновувањето на продуктивноста на европското обработливо земјиште преку индустријата за вештачки ѓубрива.[12]

После сето ова уништување, понатамошниот научен напредок довел до вештачко производство на нитрати, ставајќи ги надвор од бизнис екстракторите на гуано. Тоа ја зголемило и можноста од понатамошни непредвидливи последици. Воведувањето на индустриски произведени хемиски ѓубрива создало истекување на азот и фосфор, што довело до загадување на водата во почвата и езерата со прекумерни хранливи материи, создавајќи процут на алги и хипоксидни зони на смртта.[13]

Како и Маркс, Енгелс бил доста свесен за непредвидливите, еколошки уништувачки последици од „производството и размената“ во кои „само најблиските, најнепосредните резултати мора прво да бидат земени предвид“:

„Да не си ласкаме премногу со нашите човечки победи над природата. За секоја таква победа таа ни се одмаздува. Навистина, секоја од нив во прв ред има последици на кои сме сметале, но во втор и трет ред таа има сосема други, непредвидени последици, кои многу често ги поништуваат оние првите… Кога алпските Италијанци на јужните падини на планините ги расчистија боровите шуми, така грижливо чувани на северните падини, ниту не претчувствуваа дека со тоа го пресекоа коренот на планинското сточарство на своето подрачје; уште помалку претчувствуваа дека со тоа им ја одзедоа водата на своите планински извори во најголемиот дел од годината, а во дождовните периоди овозможија тие да излеваат во рамниците уште побесни порои… На секој чекор потсетувани сме дека под никакви услови не владееме со природата како освојувачот со странските народи, како да стоиме надвор од природата – но дека ние, со тело, крв и разум, припаѓаме на природата, и постоиме во нејзина средина, и дека целото наше господарење над неа се состои во тоа што ние ја имаме предноста во однос на другите суштества да бидеме способни да ги научиме нејзините закони и да ги примениме точно.“[14]

 

[1] Foster, Marx’s Ecology, 72.

[2] Foster, 66–67.

[3] Martin Empson, Land and Labour: Marxism, Ecology, and Human History (London: Bookmarks, 2014) 104.

[4] Empson, Land and Labour, 108.

[5] Empson, 105.

[6] На почетокот ова значело усвојување на поинакви облици на обезбедување егзистенција: Маркс наведува дека во раниот 19 век, војводката од Садерленд насилно го заменила целото население од грофовијата Садерленд во Шкотска со 131.000 овци. „Од 1814 до 1820 година ова 15-илјадно население… систематски се истерува и истребува. Сите нивни села беа разрушени и запалени, сите нивни ниви претворени во пасишта… Така оваа мадам си присвои 794.000 акри земја што од памтивек му припаѓаа на кланот.“ На крајот од овој процес, „делот од домородците фрлен на морскиот брег се обиде да живее од риболов.“ Видете Marx, Capital, vol. 1, 891–92. [Карл Маркс „Капиталот“, Том први, „Мисла“, Скопје, 1975, 639 стр.]

[7] Видете Marx, Capital, 874.

[8] Marx, Economic and Philosophical Manuscripts of 1844, 308. [Карл Маркс, Фридрих Енгелс „Од раната мисла“, „Нова Македонија“, Скопје, 1974, 401-402 стр.]

[9] Karl Marx, Capital, vol. 3 (London: Penguin, 1991), 195. [Karl Marx, “Kapital”, trеći tom, “Prosvеta”, Bеograd, 1970, 89 str.]

[10] Marx, Capital, vol. 1, 638. [Карл Маркс „Капиталот“, Том први, „Мисла“, Скопје, 1975, 441-442 стр.]

[11] Foster, Marx’s Ecology, 149, 249.

[12] Empson, Land and Labour, 150–151; Foster et al., Ecological Rift, 352–371.

[13] Foster, Marx’s Ecology, 253.

[14] Frederick Engels, “The Part Played by Labor in the Transition from Ape to Man,” во MECW, vol. 25 (New York: International Publishers, 1987), 460–61, 463. [Фридрих Енгелс Улога рада при претварању мајмуна у човека] Со оглед на обвинувањето дека интересот на Маркс и Енгелс за екологијата бил ограничен на нивната рана соработка, вреди да се забележи дека овој пасус е напишан во 1876 година.

 

Извор: International Socialist Review

Преземено: Марксистичка архива

Превод: Здравко Савески

Кон првиот дел

|2020-06-06T09:58:05+00:006 јуни 2020|Актуелно, Екологија, Свет, Став|