Џо Гудвин Паркер: Што е сиромаштијата?

Кога Џорџ Хендерсон, професор на Универзитетот на Оклахома, ја пишуваше својата книга од 1971 година, „Другите деца на Америка: јавните училишта надвор од привилегираните населби“, тој го прими следниот есеј во писмо. Тоа беше потпишано со „Џо Гудвин Паркер“ и беше испратено од Западна Вирџинија. Никаква дополнителна информација никогаш не беше откриена за есејот или за авторката.

Ме прашувате што е сиромаштија? Слушнете ме. Еве сум, валкана, смрдлива и без „пристојна“ долна облека на себе и со смрдлив здив што го чувствувате. Ќе ви кажам. Слушнете ме. Слушајте без сожалување. Сожалувањето не може да ми помогне. Слушајте ме со разбирање. Ставете се во моите валкани, износени, тесни чевли и слушнете ме.

Сиромаштија е секое утро да стануваш од исфлекан и гнасен душек. Чаршавите веќе одамна се искористени како пелени. Сиромаштија е да живееш во смрдеа што никогаш не те напушта. Таа смрдеа е мирисот на урината, расипаното млеко и мирисот на расипаната храна понекогаш придружен со миризбата на долго пржен кромид. Кромидот е евтин. Можеби сте ја почувствувале оваа миризба, но не знаете од каде дошла. Е, тоа е мирисот на полски клозет. Тоа е мирисот на мали деца кои не можат да го изодат долгиот и темен пат во ноќта. Тоа е миризбата на душеците на кои се случувале „незгоди“. Тоа е миризбата на млекото што се скиселило, бидејќи фрижидерот веќе одамна не работи и бидејќи требаат пари за да се поправи. Тоа е миризбата на ѓубре што гние. Можам да го закопам, но каде е лопатата? Лопатите чинат пари.

Сиромаштија е да се биде уморен. Јас секогаш сум била уморна. Кога го добив последното бебе во болницата, ми кажаа дека имам хронична анемија предизвикана од лоша исхрана, дека имам лош случај на црви и дека ми е потребна корективна операција. Ги ислушав љубезно. Сиромашните се секогаш љубезни. Сиромашните секогаш слушаат. Сиромашните не кажуваат дека немаат пари за апчиња со железо, или подобра храна, или лекови за црви. Идејата да одам на операција е толку застрашувачка и чини толку многу пари, што и кога би се осмелила, само би се насмеала. Кој се грижи за моите деца? Закрепнувањето од операција трае долго. Имам три деца. Кога ги оставив со „баба“, последниот пат кога бев вработена, дојдов дома и околу едното летаа муви, а пелената не му беше сменета откога бев излезена. Кога ја вадев исушената пелена, со неа отидоа и делчиња од месото на моето бебе. Моето друго дете си играше со остра срча од скршена чаша, а најстарото си играше само на работ на езерото. Заработував 22 долари неделно, а добра градинка чини 20 долари неделно за три деца. Се откажав од работата.

Сиромаштијата е валканици. Излегувајќи од вашата чиста куќа во чисти алишта, можете да речете „секој може да биде чист“. Дозволете ми да Ви објаснам како се одржува куќа без пари. За доручек на моите деца им давам гриз, а ако им пржам јајца, ги пржам без масло за готвење. За ова не се потребни многу садови. Тие садови што ги имаме, ги мијам со ладна вода и без сапун. Дури и најевтиниот сапун мора да се чува за пелените на бебето. Погледнете ми ги рацете, испукани се и црвени. Еднаш штедев два месеци за да купам тегла „Вазелин“ за моите раце и за алергијата од пелените на моето бебе. Кога заштедив доволно, отидов да ја купам и цената ја беа покачиле за два цента. Јас и бебето продолживме да страдаме. Морам секој ден да се одлучувам да поднесувам да ги ставам моите раце, испукани од болки, во ладната вода и силниот сапун. Но, ќе прашате, зошто не топла вода? Горивото чини пари. Ако имате шпорет на дрва, и тоа чини пари. Ако користите струја, и тоа чини пари. Топлата вода е луксуз. Јас немам луксузи. Знам дека ќе бидете изненадени кога ќе ви кажам колку сум млада. Изгледам далеку постара. Толку долго сум свиткана над кадата и перам што дури и не се сеќавам кога сум правела што било друго. Секоја вечер ја мијам секоја дамка од облеката на мојата ќерка што оди на училиште и само се надевам дека облеката ќе се исуши до следното утро.

Сиромаштија е да останеш будна цела ноќ во ладните ноќи за да го гледаш огнот, знаејќи дека една искра врз весниците што ги покриваат ѕидовите значи дека твоето заспано дете ќе загине во пламен. Во лето, сиромаштија е да гледаш бубачки и муви како се собираат на солзите од твоето бебе кога плаче. Тапетите се откорнати и плаќаш толку малку кирија, што знаеш дека никогаш нема да бидат поправени. Сиромаштија значи инсекти во твојата храна, во твојот нос, во твоите очи и да лазат преку тебе додека спиеш. Сиромаштија е да се надеваш дека нема да заврне, зашто пелените нема да се исушат кога врне и наскоро како замена користиш весници. Сиромаштија е засекогаш да им тече носот на твоите деца. Хартиените шамивчиња чинат пари, а сите твои партали ти требаат за други работи. А уште повеќе чинат антихистамините. Сиромаштија е готвење без храна и миење без сапун.

Сиромаштија е барање помош. Дали некогаш сте барале помош, знаејќи дека вашите деца ќе страдаат ако не ја добиете? Замислете дека барате пари на заем од роднина, ако е тоа единствениот пример што ви ја доловува ситуацијата на барање помош. Ќе ви кажам какво е чувството. Ќе дознаете каде е канцеларијата која треба да ја посетите. Го прошетувате соседството едно 4-5 пати. Мислејќи на вашите деца, влегувате внатре. Сите се зафатени. Конечно некој ќе излезе и кажувате дека ви треба помош. Таа личност никогаш не е онаа со која треба да се видите. Одите да се видите со некоја друга личност и, откако ќе го истурите цел срам на сиромаштијата преку бирото помеѓу вас, дознавате дека тоа воопшто не е вистинската канцеларија – треба да го повторите целиот процес и никогаш не е полесно на следното место.

Сте побарале помош, и по сè, тоа си има своја цена. Повторно ви кажуваат да почекате. Ви кажуваат и зошто, но не ги слушате поради црвениот облак на срам и облакот на очај кој се дига.

Сиромаштија е да паметиш. Тоа е да паметиш како си се откажала од училиштето, зашто „фините“ деца биле толку сурови поради твојата облека и миризба. Нè посети педагогот. Мојата мајка му кажа дека сум бремена. Не бев, но таа мислеше дека може ќе се вработам и ќе помагам. Работев секакви работи, но никогаш не се задржав доволно долго на едно место да научам што било. Најмногу се сеќавам дека бев мажена. Тогаш бев многу млада. Сè уште сум млада. Одредено време ги имавме истите работи што ги имате и вие. Имавме мала куќичка во друг град со топла вода и сè друго. Потоа маж ми ја загуби работата. Некое време добивавме социјална помош и јас променив неколку работни места. Наскоро ни ги одзедоа сите наши убави работи и се доселивме овде. Тогаш бев бремена. Оваа куќа не изгледаше толку лошо кога се вселивме. Секоја недела станува полоша. Ништо никогаш не се поправа. Тогаш воопшто немавме пари. Имаше неколку чудни работни места за маж ми, но тогаш сите пари одеа за храна, како и сега. Не знам како преживеавме низ три години и три бебиња, но ете, преживеавме. Да ви кажам, по третото бебе намерно го уништив нашиот брак. Беше добар брак, но дали вие би продолжиле да раѓате уште деца во ова ѓубриште? Знаете ли колку ме чини мене каков било вид контрацепција? Знаев дека маж ми заминува, на денот кога отиде немаше никакви збогувања помеѓу нас. Се надевам дека успеал да се искачи негде надвор од овој неред. За такво нешто не можеше ни да се надева ако ние го влечевме надолу.

Тогаш побарав помош. Кога ја добив, знаете колку беше? Беше, и сè уште е, седумдесет и осум долари месечно за нас четворица; тоа е најмногу што можевме да добиеме. Сега знаете зошто нема сапун, нема игла и конец, нема топла вода, нема аспирин, нема лекови против црви, нема течен сапун, нема шампон. Ниту една од овие работи никогаш нема да се појави. Па можете и сами да пресметате, плаќам 20 долари месечно за кирија, а поголемиот дел од останатото главно оди за храна. За гриз и оброк со житарици, и ориз и млеко и грав. Се трудам колку што можам минимално да трошам струја. Колку повеќе трошам струја, толку помалку има за храна.

Сиромаштија е да гледаш во црна иднина. Вашите деца нема да си играат со моите момчиња. Моите ќе се свртат кон другите момчиња што крадат за да го добијат тоа што го сакаат. Уште сега можам да ги видам зад решетките на нивниот затвор наместо зад решетките на мојата сиромаштија… Или ќе се свртат кон слободата на алкохолот или дрогата и ќе се освестат поробени. А ќерка ми? Во најдобар случај и неа ја чека живот како мојот.

Но, ќе речете, дека има училишта. Да, има училишта. Моите деца немаат екстра книги, немаат списанија, немаат екстра моливи, или боици, или хартија, а најмалку од сѐ имаат здравје. Имаат црви, имаат инфекции, имаат настинка цело лето. Не можат да спијат како што треба, бидејќи спијат на подот или со мене во мојот кревет. Не гладуваат, моите седумдесет и осум долари нè одржуваат во живот, но сепак страдаат од ненахранетост. О, да, убаво се сеќавам што нè учеа на училиште за здравјето. Не ми користеше многу. Во некои места има материјална помош за учениците. Овде не. Државата рече дека премногу чинело. Даваат ужинки. Но имам две деца кои ќе бидат оштетени додека дојде времето да одат на училиште.

Но, ќе ми речете, има здравствени клиники. Да, има здравствени клиники и тие се во градовите. Јас живеам осум милји надвор од градот. Јас можам да одам дотаму (иако е 16 милји во двата правци), но дали ќе можат моите деца? Мојот сосед би ме однел кога оди тој, но очекува да биде платен, на еден или друг начин. Се обложувам дека го знаете мојот сосед. Тој е оној крупен човек што го поминува времето на бензинската, во берберницата, или во пилјарата, жалејќи се зошто владата троши пари на неморалните мајки на незаконски деца.

Сиромаштијата е киселина што капе над гордоста, додека не ја изгори целата. Сиромаштијата е длето што ја длаби честа, додека не ја снема целата. Некои од вас велат дека би сториле нешто да сте на мое место, и можеби би сториле, првата недела или првиот месец, но година за година?

Дури и сиромашните можат да сонуваат. Да сонуваат за времето кога ќе има пари. Пари за правилна исхрана, за лекови против црви, за апчиња со железо, за четки за заби, за течен сапун, за чекан и шајки и малку тапети, за лопата, за малку боја, за чаршави, за игла и конец. Пари за да се плати во пари за пат до градот. И, ох, пари за топла вода и пари за сапун. Сон, кога барањето помош не го јаде и последното парче гордост. Кога канцеларијата во која ќе влезеш е фина колку и службениците на други владини агенции, кога има доволно работници брзо да ти помогнат, кога работниците не се откажуваат во пораз и очај… Кога ќе треба да ја кажеш животната приказна само на една личност и таа личност да те прати директно каде што ќе ти помогнат за да не мора да ја докажуваш својата сиромаштија пак и пак и пак.

Излегов од мојот очај за да ви го кажам ова. Запамтете, не доаѓам од друго место или од друго време. Другите како мене се секаде околу вас. Гледајте нè со гневно срце, гнев што ќе ви помогне да ни помогнете. Гнев што ќе ви дозволи да раскажете за мене. Сиромашните се секогаш молчеливи. Можете и вие да молчите?

Превод: Иван Стојановски

Извор: Агора