Двојна студентска програма на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Студентската организација при Правниот факултет „Јустинијан Први“ на 21 мај (вторник) ќе организира два студентски настани. Од 17 часот во аулата на факултетот ќе се одржи третата дискусија со професори на тема „Легализација на канабисот за рекреативна употреба – бенефити и последици“, а по завршувањето на дискусијата, од 20 часот, ќе започне првата студентска забава организирана во просториите на факултетот. Двата настани се отворени за пошироката јавност и се очекува присуство на голем број студенти, како од правниот факултет, така и од останатите факултети при универзитетот.

Панелисти на дискусијата ќе бидат Проф. Д-р Никола Тупанчески, професор по казнено право, и Адвокат Јанаки Митровски, кој воедно е и основач на Здружението за канабис и зелени политики „Билка“.
Оваа дискусија е третата од проектот „Дискусии со професорите“, чија цел е да ги врати академските дискусии на факултетот за најразлично општествени и правни теми. Според студентската организација, долги години академскиот дискурс беше во сенка на „естрадизацијата“ на јавниот простор, каде што аргументираното дискутирање (не дебатирање, бидејќи дебатата е натпревар меѓу говорниците и не остава простор за еволуција на мислата преку прифаќање на различните идеи) беше занемарено, а акцент беше ставен на тоа кој погласно и почесто ќе ги повторува своите размислувања. Студентската организација не сака со овој проект да ја елитизира дискусијата во сферата на академијата, токму напротив, сака да ги поттикне сите заинтересирани да дојдат и аргументирано да го изразат своето мислење, но и да остават простор за еволуција на своите сфаќања за општествените текови.
Со првите две дискусии беа опфатени преспанскиот договор и подемот на радикалната десница во светот, а во иднина планирано е да се опфатат локални теми како реформите во правосудниот систем и рамковниот договор, но и глобални феномени од општествената сфера.

Студентската забава од друга страна, нуди шанса за враќање на студентскиот живот на факултетите и универзитетот, кои претставуваат автономни зони во кои студентите, ослободени од политичкиот апарат, треба да се социјализираат, размислуваат и креираат.
Универзитетите с
è повеќе се поставуваат како страно тело, наместо како прибежиште на студентите. Преку вакви настани, студентската организација сака повторно да ги наполни аулите на факултетите и со тоа да ги потикне студентите на дружба, вмрежување и сите социјални придобивки од другарството меѓу студентите.

Студентската организација е неформално студентско движење на студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“, кое произлезе од потребата на студентите да бидат адвекватно претставени vis-à-vis факултетот. Покрај горенаведените проекти, студентската организација работи на низа други кои имаат за цел да придонесат за подобрување на образованието и статусот на студентите во општеството.

|2019-05-18T09:32:16+00:0018 мај 2019|Актуелно, Вести|