Дождовите се од природата, а катастрофите, од економска рента и поткуп

Жителите на Истанбул на 18, јули се соочија со катастрофална поплава што го парализира животот. Дождот, којшто непрекинато врнеше цел ден ги поплави подвозниците, метро станиците, дуќаните и живеалиштата. Надојдените води ја надминаа висината на автомобилите, некои од жителите пливајќи успеаја да се спасат. Работниците, кои одеа на своето работно место, еснафите, кои требаше да ги отворат своите дуќани претрпеа огромни штети од оваа катастрофа. Најголемата штета, повторно ја доживеа работничката класа и граѓаните на Истанбул. Раководството на Партијата за правда и развој (АКП) кон оваа катастрофа пристапи како ова да е еден обичен природен феномен, како да нема што да направат, небаре виновникот за ова е самата природа. Фактите покажуваат дека најодговорниот за оваа катастрофа е економскиот систем во кој АКП функционира како политички субјект.

Катастрофалната поплава која ја доживеа Истанбул е длабоко поврзана со политиките на владата на АКП, која работи во интерес на неолиберералниот капиталистички економски поредок. Денес, не само во Истанбул, туку и во цела Турција, непланираната урбанизација стана правило. Таа, е резултат на економската рента на земјиштето, којашто носи огромен профит за изведувачите (градежните фирми) како и политичарите со кои се дели профитот.

Голем дел од градското земјиште во Истанбул е во рацете на урбаните земјопоседници, како што е Али Агаоглу и слични, коишто истото го добија со шпекулативни зделки, а понекогаш и со присилно отстранување на граѓаните, особено од ромска етничка припадност. Дел од ова земјиште се наоѓа и надвор од градот, и со промена на урбанстичките планови се отвора за изградба. На овој начин, се уништуваат шумите на северниот дел од градот, при што, се користат и „налудничавите проекти“ организирани од владата, како што е третиот мост и третиот аеродром во градот. Станбените објекти, коишто се градат во речните корита и долини околу градот, претставуваат опасност за граѓаните во услови на силни врнежи од дожд. Подвозниците, патиштата, метро станиците, коишто се изградени набрзина, со цел да се зграби профитот, се изложени на поплавување и нивна нефункционалност за време на вакви врнежи.

 

Градската инфраструктура, се гради без да се предвидат врнежите од дожд. Уништувањето на парковите и зелените површини низ градот секојдневно се зголемува. Наместо почвата да ја впие водата од дождовите, бетонираните површини сега предизвикуваат поплави. Градовите не се градат под светлото на науката, земајќи ги предвид географските карактеристики, а со цел безбеден и спокоен живот на граѓаните. Напротив, Истанбул како и повеќето градови низ светот се ставаат под конторола на еден мал грст сопственици на градежни фирми, коишто не само што ги експолатираат, пред се’, градежните работници, туку и во интерес на профитот и економската рента, го уништуваат градското живеење и култура.

Природно е одвреме навреме да има обилни врнежи, меѓутоа, неприродно е, кога постои капацитет за контролирање на вакви негативни појави, истите да се дефинираат како „природна катастрофа“. Град што се гради со план и научни методи, ваквите појави лесно може да ги спречи. АКП е партија, којашто е 15 години на власт и 23 години управува со градот Истанбул. Истанбул секоја година се соочува со трагични поплави, при што работниот народ секоја година е жртва, а раководството на владеачката партија (АКП), постојано се обидува да се огради, велејќи „ова е природна катастрофа“.

И на Скопје му се заканува слична судбина

Особено после проектот „Скопје 2014“ и огромниот број на градежни активности на Водно, и Скопје е соочен со опасност од поплави. Градбите покрај реката Вардар, покрај тоа што го нарушуваат изгледот на Камен мост и градот, претставуваат опасност и по животот на граѓаните. Во самиот град, преголемата покриеност со бетон, асфалт и други водонепропусни материјали, за сметка на природното земјиште и вегетацијата, условуваат концентрација и бавно истекување на водната маса, што е надополнето со малата пропусна моќ на атмосферската канализација, посебно на најкритичните места. Исто така, постојат бројни ниски точки во кои се собира водата за време на поројни дождови, дури и на главните сообраќајници. Подземната вода во Скопје е исто така доста висока. Проблем се и огромниот број на бесправно, неправилно и проблематично изградени објекти, особено во ризичните зони, коишто го отежнуваат протекот на атмосферската вода, го комплицираат каналско-дренажниот систем, или се испречени токму на него. Исто така, многу важен фактор е тоа што, дел од Скопје се’ уште нема фекална и атмосферска канализација. Сето ова би требало да ги загрижи градските власти и новата влада. Се’ уште ни’ е свеж примерот од ланските поплави, кадешто имаше над 20 жртви.

Познавачите во областа, по ланските поплави во јавноста реагираа дека, Водно е ерозивно подрачје и паркот-шума мора да се заштити. И покрај ваквите реакции, градежни активности продолжуваат, како во подножјето така и на повисоките делови на Водно.

Минатата власт, во интерес на профитот на градежните фирми и нивните сопственици неплански издаваше дозволи за градби. Проектот „Скопје 2014“ беше на сличен начин несоодветен и претставува опасност за градот. На новата влада и’ преостанува многу малку време сериозно да се зафати со соодветна ревизија на овој проект, кој освен што предизвика „културен кич“ и осиромашување на граѓаните на сметка на збогатување на поединци, во иднина, може да предизвика и човечки жртви.

Авторка: Сенада Ибраимова