(ВИДЕО) Договорот меѓу Грција и „Втората страна“: Пандорина кутија или излез од лавиринтот

На 3-ти септември во организација на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа научна трибина насловена како Договорот меѓу Грција и „Втората страна“: Пандорина кутија или излез од лавиринтот. Оваа трибина беше прва од планираната серија научни и јавни дебати кои во иднина треба да се реализираат во организација на Филозофскиот факултет во Скопје и тоа по повод актуелните теми, прашања и предизвици со кои се соочува македонското општество.

На трибината со свое излагање учествуваше членот на президиумот на Левица, Димитар Апасиев во својство на професор од Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Апасиев покрај острата критика кон целиот процес на распишување на референдумот со сите негови формални пречки, т.е. суштински пропусти и процедурални грешки, истакна и дека Преспанскиот договор Владата го склучила без таа за тоа да има надлежност, а дека министерот за надворешни работи со потпишување на истиот ја пречекорил својата службена положба и овластување, акт во кој дури може да се најдат и елементи за кривично дело.

На крај Апасиев истакна дека бојкотот е единствениот механизам за самоодбрана од штетните последици кои ќе следат од ваквиот референдум. Тој потенцираше дека според сите меѓународни стандарди и уставни и законски прописи референдумот не може да се смета за успешен ако неговата излезност не го достигне пропишаниот цензус. Односно, доколку нема цензус на рефередумот, тој се смета за неуспешен и според тоа нема ниту одлука која произлегува од него.

На трибината со свои излагања учествуваа уште и професорката Гордана Силјановска Давкова која во детали анализирајки го договорот како решение за конфликтни ситуации истакна дека тој не само што не решава никаков конфликт, туку има опасност да создаде уште погорливи проблеми при неговото спроведување. Професорката уште и забележа дека решенијата во договорот се наметнати, а не како резултат на некаков дијалог помеѓу двете страни.

Последен од излагачите беше професорот Кирил Барбареев кој се осврна на импликациите кои Преспанскиот договор би ги имал врз образовните и културни програми на државава со оглед на тоа што во истиот е предвидено дека во рок од еден месец од потпишувањето страните треба да формираат заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања.

Модератор на трибината беше проф. д-р Константин Миноски.

Излагање на Проф. Димитар Апасиев

Излагање на Проф. Гордана Силјановска – Давкова

Излагање на Проф. Кирил Барбареев

Преземено од antropol.mk

|2018-09-10T10:57:26+00:0010 септември 2018|Актуелно, Вести, Видео / Фотографија|