Дискусии на владини претставници, повикани активисти во полициска станица и „марш против рудниците на смртта“

На обележаниот дел со црвено може да се види во кои оштини се планира да се градат рудници, доколку граѓаните не кажат „НЕ“.

Скопје, 05.11.2017 – Во последно време се зголемува интензитетот на настани поврзани со контраверзните рудници во југозападниот регион. Денес во Струмица, ќе се одржи форум за југоисточниот регион со наслов „Рудници: да или не?“ во организација на Цивика Мобилитас. Во петок, на 8 декември во Валандово, ќе се одржи протестен марш против рудниците, а по завршувањето на маршот,  во 15:00 часот ќе се одржи конференција со наслов „Граѓаните против рудниците на смртта“, каде што ќе може да се слушнат искуства од борбата против рудници од активисти од Романија, Грција и Бугарија. Неизвесно е што ќе се случи со овој горлив проблем што ја зафаќа зела југоисточна Македонија, од друга страна пак, некои  од активистите коишто се против овие рудници, минатата недела беа повикани на информативен разговор во полиција, со изговор за наводно навлегување на туѓ имот, додека се шетале во околината на селото Казандол

Денес во Струмица, со почеток во 13 часот, ќе се одржи форум на југоисточниот регион со наслов, „Рудници: да или не?“. На прв поглед, зачудува името на настанот со оглед на тоа што цел југоисточен регион официјално преку референдумите и преку неформалните грас-рут организации, јасно го кажаа својот став дека се против отворање на рудниците.

Организаторите велат дека, овој настан го прават со цел да се анализраат концесиите кои се дадени за отворање на рудниците, но исто така и да се увиди и економскиот бенефит од новите рудници.

„Дискусијата ќе се фокусира на актуелната ситуација со издадените концесии за геолошки истражувања или за отворање на рудници. Иницијативите против рудници на југоистокот досега реализираа шест референдуми, од кои три успешни и три неуспешни. Тие тврдат дека доколку најавените компании добијат концесии за отворање на рудници, рудата ќе се вади со помош на експлозив и тешка механизација, а во процесирањето на рудата ќе биде користен цијанид кој е исклучително опасен за задравјето на луѓето. Се’ ова ќе води до нарушување на релјефот и загуба на шумите, што ќе значи комплетна промена на климата на ова подрачје. Од друга страна, се верува дека рудниците се надеж за невработените од Југоисточниот регион како и можност за менување на структурата на стопанството која досега беше претежно текстилна и дрвопреработувачка“, велат организаторите.

Како што може да се забележи од учесниците, на форумот има голем дисбаланс на учесници, затоа што најголем дел од говорниците се градоначалници, има само еден претставник од сите иницијативи против рудниците, а нема ниту еден претставник на земјоделците ниту пак на еко здруженијата.

На форумот ќе говорат, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов, градоначалникот на Босилово, Зоран Зимбаков, градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, раководителот на Центар за развој на Југоисточен плански регион, Ѓуркова Жулиета, претставник на министерството за економија (ДСП), и претставник од иницијатива „Југоисток против рудниците“.

Форумот ќе се одрши во Струмица каде се наоѓа и најсмртоносниот од сите рудници, рудникот за бакар и злато Иловица.

Приведени активисти и возобновување на отпорот против рудниците на смртта

Изминатиот викенд двајца од активистите на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ беа повикани на информативен разговор во полиција,  по пријава од обезбедувањето на рударскиот комплекс Казнадол, за наводно навлегување на приватен имот, додека се движеле по околните ридови околу селото Казандол.

„Обезбедувањето беше многу некултурно, веднаш почна да не испрашува кои сме и што бараме тука. Кога ни побара лични карти, а ние не носевме во нас – се јави во полиција да не пријави“ – изјави за Гласник еден од повиканите во полиција.

Според нив, државното земјиште кое го има добиено приватниот инвеститор „Сардич МЦ“, воопшто не е добро обележано и едноставно не  евозможно да се знае кога се навлегува во привременото приватизирано земјиште.

„Локацијата добиена под концесија воопшто не е оградена и не е јасно одредено кој е приватен имот а кој не. “ – напишаа тие на својот фејсбук профил.

Ретроспективно гледано, повикувањето на активистите на информативни разговори во полиција, е метод кој се користи како заплашување од времето на протестите против полициската бруталност па се до денес. Иницијативата „Спас за Валандово“, исто така го дели ова мислење.

„Ова е обид за загрозување на правото за слободно движење и притисок од концесионерот врз граѓаните што се борат за основните човекови права и здрава животна средина! “ – потенцираа од „Спас за Валандово“.

Петок, 8 декември е неработен ден за сите граѓани на Македонија по повод празникот „Св. Климент Охридски“. За југоисточниот регион ова е еден од важните одлучувачки денови за иднината на тој крај. Маршот против рудниците на смртта, ќе започне во 12 часот, на булеварот „Првомајска“, пред автобуската станица во Валандово, кадешто, ќе бидат одржани граѓански говори, а организаторите ќе ги прочитаат своите барања. Во рамките на маршот што го организираат активистите против рудниците не смртта ќе бидат блокирани улици и крстосници во валандовскиот регион, во којшто е предвидена изградбата на рудникот Казандол.

Во склоп на овој масовен собир, во 15 часот ќе започне „Конференција на граѓаните против рудниците на смртта“, кадешто ќе може да се слушнат слични искуства од стопирање на рудници од активисти од Романија, Грција и Бугарија. Исто така, ќе има и дискусија на тема „Што од овие искуства ние како граѓани на југоистокот на Македонија можеме да искористиме во нашата борба против рудниците на смртта?“.

Активистите потсетуваат дека оваа борба не е е само на жителите од југоисточниот регион, туку и на сите оние кои посакуваат чиста еколошка средина и општество во кое ќе се почитуваат основните демократски начела и социјалната правда. Повеќе информации за повикот на марш, може да ги најдете на овој линк.

|2017-12-05T19:37:48+00:005 декември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|