„Директорката на училиштето Здравко Цветковски продолжува со непотизмот, дискриминацијата и кршењето на работничките права“

СКОПЈЕ, 08.02.2018 – Група анонимни наставници од средното училиште Здравко Цветковски напишаа отворено писмо до властите. Писмото го испратија до политичката партија Левица, која на својата фејсбук страница го објави и побара институциите да бидат поажурни. Во писмото стои дека директорката на училиштето коешто во минатото била поврзувана со ВМРО-ДПМНЕ и имала дискриминирачки однос кон вработените, а притоа користела непотистички средства за вработување на свои блиски, ја продолжува „работата“ со иста динамика. Авторите на писмото бараат од институциите да интервенираат.

Група наставници при средното училиште СГГУ Здравко Цветковски до Скопје, до политичката партија Левица испратија отворено писмо. Тие во писмото се жалат на односот на постојната директорка во училиштето, Драгица Костадинова. Посочуваат дека директорката со години наназад создава свои, како што велат, „верни поданици“, вработувајќи луѓе кои и се блиски. Исто така кршењето на работничките права е едно од наводите во писмото.

„Се одлучивме вака јавно да ви се обратиме и да ви кажеме за тоа како се работи кај нас, во училиштето СГГУГС „Здравко Цветковски“ во Скопје. Имено, неколку години наназад, директорката на училиштето, Драгица Костадинова, создава свои верни поданици вработувајќи луѓе кои и се многу блиски. Тоа се нејзини поблиски или подалечни роднини и пријатели, нејзини луѓе од доверба“ стои во писмото пратено до Левица.

Во писмото, загрижените наставници од училиштето личните финансиски интереси и оние партиските на директорката ги потенцираат како причини за сето ова. На крајот на денот, цената за сето ова се плаќа со (не)квалитетниот образовен процес.

Тие сметаат дека во училиштето постои непотизам на високо ниво и во писмото даваат една цела листа на имиња на лица вработени во училиштето за кои сметаат дека се семејно или по некаква друга основа поврзани со директорката.

Во писмото се споменуваат и различни видови на малверзации со финансии, но и дискриминирачки однос кон вработените кои се припадници на етнички и партиски групации кои како што пренесуваат во писмото „не и се допаѓаат на директорката“. Тие се жалат на мобингот којшто се извршува врз нив и ги повикуваат институциите да се заинтересираат за овој случај.

Од Левица прашуваат зошто не е сменета директорката на ова училиште, иако за истата одамна е познато во јавноста и во редовите на владеачката партија дека станува збор за личност којашто често ја злоупотребувала моќта на функцијата. „После смената на многу директори на училишта, зошто и оваа директорка на е сменета“, прашуваат од Левица.

|2018-02-08T17:11:58+00:008 февруари 2018|Актуелно, Култура|