Дијалог со Никола Славевски по повод Светскиот ден на уметноста

Денес е Светскиот ден на уметноста, но и Светскиот ден на културата. По тој повод, решивме да разговараме со Никола Славевски, уметник и културен работник. Никола Славевски е роден во Битола, каде што и живее, а дипломирал на отсетокот за сликарство при Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на Жанета Вангели. Тој работел на конзервација и реставрација на неколку проекти, од кои последните преку НУ Завод музеј Битола. Има одржано две самостојни изложби „Обои црвено“ во Битола и изложбата во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје, а зел учество на повеќе групни изложби.

Никола Шиндре: Човекот од секогаш имал потреба, а можеби повеќе одговара да се каже желба за да се изрази. Се изразувал секако, преку гласот, ритамот, музиката, танцот… Најмногу податоци уште од почетокот на развојот на човекот имаме зачувано од ликовната уметноста, од најстарите цртежи пронајдени во Кромањонската пештера во Франција, па до денешните значајни современи и концептуални уметнички дела кои се наоѓаат во најпрестижните музеи во светот, но и во најзафрлените улички во некој провинциски град. Како се дефинира уметноста денес?

Никола Славевски: Како човечки суштества потребата за изразување е составен дел од нас од самиот настанок на човекот како човек, тоа е отсјај на потребата за комуникација на луѓето како општествени битија. Но, не секогаш луѓето изразувале исти нешта или се изразувале на ист начин. Како ние се изразуваме и што изразуваме е условено од тоа како ние го перцепираме светот околу нас, што е условено пак од материјалните услови во кои живееме, од општеството и моделите на заедничко живеење кои се надградба на моделот на производство, па слободно можеме да кажеме дека културата и уметноста, или барем како се поимале во одредени епохи, е многу различно.

Во примитивните заедници пештерските цртежи биле дел од обредното и магиското, не само обичен израз, луѓето не се обидувале да насликаат претстави на животни како чиста потреба за израз, туку како дел од нивниот обид да се справат со природните појави. Подоцна уметноста станува еден од занаетите, како што и етимологијата на самиот збор кажува, умешност нешто да се изработи. Таа станува вообичаено производство на декорација достапна само за оние кои тој луксуз можеле да си го дозволат. За прв пат уметноста станува слободна вештина со ренесансата, кога таа се издигнува над занаетчиството како вештина која не е само техничка, но задржувајќи ја незината функција на ширење на идеите на владејачката класа. Идејата дека уметноста е тесно врзана со слободниот или индивидуалниот израз е релативно нова идеја која се појавува како рефлексија на индустриското производство и капиталистичкиот модел на производство. Авторот станува носител на својот сопствен индивидуален израз и сопствена слобода како одраз на изградбата на културата во буржоаското општество. Со тоа доаѓаат идеите за уметноста поради уметност, уметност одделена од се друго која се занимава само и само со проблемите на самиот израз. Овој концепт е исклучително буржоаски. Концепт кој ја третира уметноста апстракно, не земајќи ги во предвид нејзината општествена улога и улогата и положбата на авторот кој колку и да се стреми да биде „ослободен“, преку својот израз и понатаму ги репродуцира вредностите на доминантната, либерална идеологија.

Затоа во обидот да се дефинира уметноста денес би рекол дека првенствено таа е буржоаска уметност. Тоа не ја прави лоша, напротив буржуаската уметност може да биде убава и мора да биде достапна за сите, како сите би можеле да уживаат во неа. Тоа исто не значи дека затоа што имаат буржоаска природа некои форми на уметност или дела не можат да имаат револуционерен потенцијал, напротив дијалектички буржоаската уметност нужно содржи противречности во себе, тие противречности имаат голем потенцијал да произведат една таква субверзивна и револуционерна уметност.

Најопширно може да ја дефинираме уметноста како начин на комуникација на авторот преку кој тој се изразува или пренесува порака. Но отценувањето дали едно дело е уметничко или не денеска станува многу сложено. Во основа можеме да го поделиме на два периоди, периодот пред „Фонтаната“ и периодот после „Фонтаната“ на Дишан. До познатиот писоар кој Дишан го потпишува со лажно име за едно дело да се смета за уметничко требало да исполнува низа на критериуми, меѓу кои да е изворно, но со поставувањето на индустриски производ Дишан успешно ја преврте уметноста на глава. После тоа дело, уметничко дело е она за кое авторот ќе одлучи дека е. Ова е одличен пример за она што го кажав погоре, за револуционерниот потенцијал на буржоаската уметност. Но сепак бидејќи општеството е такво какво што е и како резултат на тоа за едно дело да се смета за уметничко тоа мора да помине низ институциите за производство на култура и уметност.

“Self – portrait” Industrial Paint on fiberboard, 102×93 cm, 2016, Никола Славевски

Н.Ш. Сè уште не е целосно одговорено прашањето и теоретичарите на уметноста дискутираат за тоа дали уметничкото дело треба да ги следи насоките за изработка, техниката и знаењето за создавање на едно уметничко дело, но некои тврдат дека нема правила кои претходат на создавање на едно уметничко дело. Какви се вашите ставови во однос на тоа?

Н.С. Мислам дека во целата таа дебата се пропуштаат многу битни работи. Тоа е поврзано со прашањето дали секој човек е уметник и идеите за демократизација на уметноста. Но постои една замка тука според мене. Таквата деморатизација е демократизација колку што и либералната демократија е демократија. Тоа претставува демократизација на шансите секој да се изразува, а не на можностите да се изразува. Кога зборуваме за следење на насоки за изработка и техники може да зборуваме за два пристапи. Првиот е оној на соц-реализмот, кога централниот комитет на партијата одлучува за насоките како да се произведе едно уметничко дело. На таа тема само би го цитирал Троцки: „Уметноста мора да го оди својот пат на свој начин и со свои средства. Марксистичките методи не се исти како уметничките. Партијата го води пролетаријатот, но не и историските процеси на историјата.“. Но ако зборуваме за правилата на визуелниот јазик е сосема друго. Како пример ќе го земам јазикот. Ние се изразуваме преку јазикот кој го зборуваме, што значи за да имаме можност да се израземе ние мораме да го познаваме јазикот и неговите правила на изразување. Ние не можеме да се израземе на јазик кој ни е непознат, чии правила не ги знаеме. Добар дел од највлијателните дела во историјата се дела кои во основа ги прекршуваат правилата, но за да ги прекршиш правилата треба да ги знаеш. Воедно нештата и не се така линеарни, самото прекршување на правилата на изразување создава нови правила непосредно. Затоа мислам дека дебатата треба да се насочи кон демократизација на можноста луѓето да се изразат уметнички, а тоа значи пристап до доволно слободно време и пристап до образование и еманципација на тој израз. Мислам дека токму сведувањето на дебатата на демократизација на шансите секој да се изрази е контрапродуктивно и допринесува уметноста и уметничкото изразување да е достапно само за еден мал круг во општеството… работникот нема време ни пристап до уметноста.

Н.Ш. Книжевноста, поезијата, драмата имаат потреба да бидат преведени, препеани, одиграни од некој друг некогаш за да може читачот или слушателот да го разбере делото. Во уметноста, нема такви бариери на јазикот или разбирањето, но, сепак не може целосно да се тврди дека секогаш ја достигнува универзалноста. Како може да се твори надминувајќи го контекстот на историјата, општеството стремејќи да се допре универзалноста?

Landscape 2 Никола Славевски

Н.С. Постои една заблуда за визуелната уметност, а тоа е дека таа е далеку поразбирлива од книжевната. Но, тоа не е точно, кинижевноста е многу поблиска до секојдневниот живот. Тој впечаток е таков затоа што визуелната уметност е силно врзана со визуелното доживување и сензација. Таа лесно може нас да не надразни, но на ист начин визуелно може да не надразни и некој рекламен билборд, некое списание од жолта штампа. Доживувањето и сензацијата се составен дел од едно уметничко дело, но не се доволно за делото да биде разбрано, поготово не за современи дела. Потребно е познавање на визуелната уметност за да биде делото разбрано. Токму тоа е пречка за да можеме да кажеме дека уметноста е универзална, таа не е воопшто. Уметноста е исклучива и достапна само за мал број луѓе. За тоа да се надмине и уметноста да стане скоро универзална, иако не верувам дека може да биде апсолутно универзална никогаш бидејќи како ние ја разбираме и гледаме секогаш зависи од нашата перцепција која е оформена во одреден општествен и историски контекст, треба да се надминат материјалните услови на овој систем. Или тоа значи дека уметноста може да биде универзална само во бескласно општество. Нејзината универзалност е тесно врзана со можноста тој израз да биде разбран, а тоа пак со материјалните услови за културна надградба и еманципација кое е поврзано со ослободувањето на човекот од борба за гола егзистенција во машината. Таквото ослободување е возможно само во општество во кое основните потреби на секоја индивидуа се загарантирани, а тоа е невозможно доколку капиталот не е во функција на општото добро и не е социјализиран.

Н.Ш. Идеалистички гледано, со уметноста може да се занимава секој кој што има идеја, кој што знае да твори, твори и се обидува да го промени светот, да претстави нови идеи и визии за општеството во кое што живее. Песимистички, има премногу предуслови за да може да се занимава со уметност, слободно време, пристоен живот… Како е кога истовремено треба да се биде уметник и работник?

Н.С. Со творештво може да се каже дека секој може да се занимава, но ако тоа е хоби. Тоа не го кажувам затоа што некои луѓе се родени генијалци, па им е судено да бидат професионални уметници, туку затоа што општествената структура не дозволува така лесно да се изразиш или да се занимаваш со творештво. Како што и самиот кажа потребни се многу предуслови за да можеш професионално да се занимаваш, а под професионално подразбирам да заработуваш за живот од сопственото творештво. Најголемиот дел од уметниците се занимаваат со уметност поради нивниот жар да се изразат и поради потребата да се искажат обидувајќи се да балансираат помеѓу уметничкиот ангажман и борбата за преживување. Скоро сите покрај тоа што се уметници работат и други работи, често прекарни работи.

Уметничкото и културното производство сепак е производство кое е дел од овој капиталистички модел на производство и тоа е капиталистичко, а тоа значи дека во рамки на тоа производство важат истите класни поделби како во фабриките. Големото мнозинство од уметниците се работничка класа чиј вишок вредност е присвоен од галериите и уметничките институци. Уметничкиот производ во стоково производство е стока, не само делата туку и разните текстови, осврти, критики, анализи, сè што се произведува во рамки на уметничките институции за производство. Не можеме да ставиме таква линија помеѓу уметник и работник, уметникот е работник. Од тоа исклучок се само некои ретки случаи на уметници кои од нивното име направиле бренд, како што тоа е Џеф Кунс за кого практично работат многу уметници во неговото студио. Но тоа е сосема различна класна позиција затоа што тој не создава, не произведува туку присвојува туѓ труд. Она што придонесува уметниците да не се чуствуваат како работници е општествениот контекст на уметничко производство, но сепак според нивната улога во производството тие се не повеќе од квалификувана работна сила, некој повисок слој на работничката класа. Затоа и кога зборуваме за тоа како е да се биде уметник и работник, би рекол не многу поразлично од да се биде работник во фабрика, истата борба за преживување… јас сум работел и во фабрика, експлоатацијата е иста само формите и условите се различни.

Н.Ш. Ситуацијата со условите за работа во културата, барем на Балканот е лоша, но како е да се биде уметник и културен работник, но невработен? Како твори (работи) уметникот кога треба да работи и за да твори?

Н.С. Условите за работа во културата се секаде лоши. Ние често имаме идеализирани визии за како тоа во развиените земји се е лесно, но тоа и не е баш така, нашите колеги во Европа исто мака мачат да скрпат крај со крај. Иако може да се каже дека тие таму релативно можат полесно да добијат надомест за нивниот труд, па и да соработуваат со некоја галерија. Тоа кај нас на Балканот го нема бидејќи и не постои пазар на уметност, а институциите често имаат премали буџети кои не вклучуваат надомест за авторот. Тоа во основа значи дека треба да твориш несебично само за да изложиш, а да живееш од нешто друго. Но и во Европа не можеш да живееш само од своите дела, мораш дополнително да работиш нешто друго. Проблемот е во тоа што за да може во целос да се оствари уметничкиот потенцијал тој треба да има простор и можност тоа да го направи, а кога работиш разни работи останува малку време за творење што го ограничува твојот развој на творештвото. Би дал само пример, во 2019 бев на уметничка резиденција во Виена, на програмата на Културконтакт, тие три месеци поминати на резиденцијата за мене беа најпродуктивните месеци во мојот живот бидејќи можев да се посветам само на творештвото. Овде кога морам и да работам други работи, јас не можам да се посветам доволно на моето творештво, па делата не се резултат на некој континуитет, туку случајни изблици на потребата да се изразам. Но би сакал да додадам дека не верувам дека овие услови ќе се променат во рамки на системот бидејќи тие произлегуваат токму од неговата структура и единствено е можно да се променат само со промена на системот. Можеби звучи клише, или како што не учат дека тоа се лелеци на мрзливи луѓе кои не сакаат доволно да се потрудат, но тоа не е случајот само со мене, од мојата класа од 18 студенти кои завршија сликарство сите работат други работи и најголем дел скоро и не творат. Тоа не може да е до сите нас, нешто е труло во овој систем…

Н.Ш. Во време на пандемија, кога речиси сите знаења на човештвото, ставови и идеи се на некој начин повторно поставени на преиспитување, како вие гледате на сето тоа? Промените неминовно ќе надојдат, па како уметник и борец за класна правда, како културните работници треба да ги бараат промените?

Н.С. Случувањата со пандемијата на површина ги извадоа сите неуспеси на системот во кој живееме. Можеме слободно да кажеме дека системот потфрли, а тоа потфрлање е резултат на неолибералните политики кои се спроведуваат во последните четири децении и на структурната карактеристика на капитализмот да води повеќе сметка за профитите отколку за луѓето. Гледавме како владите бавно и колебливо реагираа, свесни за упропастениот здраствен систем, само за да не се запре и загрози производството и профитите на капиталистите. Пандемијата ги раздрма столбовите врз кои системов опстојува, а резултатите од случувањата не водат во целосно нова состојба на светско ниво, не постои шанса за враќање на нештата како што беа пред КОВИД – 19. Тоа длабоко ќе влијае врз свеста на сите нас, илјадници луѓе насекаде по светот кои гледаат во соголениот одвратен систем. Но, ако се сеќаваме првите простори кои затворија беа музеите и галериите, како делови од човечкото живеење кои не се воопшто нужни за преживување, а на многу уметници им беа откажани изложбите и настаните. Сето тоа додека истите уметници беа најизложени на ризик од заразување со вирусот бидејќи нивната работа е неминовно врзана со премногу често патување. Ако земеме во предвид дека најголемиот дел од уметниците на светско ниво работат како прекарни работници, нам ни е јасно дека случувањата драстично ќе ги влошат условите во кои творат и живеат уметниците. Исто и со вработените во институциите од културата. Патем видовме дека Владата ја одложи имплементацијата на колективниот договор кој е потпишан после долго време, сето тоа значи губење на придобивките кои работниците од културата тешко ги остварија. Да не помислуваме дека тоа беа огромни придобивки, но беа значајни. За жал после ова повторно се неметнува прашањето за синдикализација на културните работници и уметниците. Ументниците поради природата на професијата тешко функционираат во колективи, но не постои друга шанса да се изборат за достоинствен живот во период кој следи без да се организираат. Јас би ги охрабрил и повикал сите работници, не само тие во културата и уметниците, масовно да почнат да организираат свои синдикални организаци каде што нема, а онаму каде има да се приклучат на постојните и да се изборат со отуѓените бирократи како би можеле да се изборат за своето достоинство, право на основни услови за живот и еднаш засекогаш да го срушиме овој трул систем на кој профитите му се поважни од животите.

„Патник“, инсталација, 2017, Никола Славевски

Н.Ш. Најпознатите музеи и галерии ги отворија дигиталните архиви за да можат луѓето во карантин да гледаат уметност, па би сакале да добиеме и дел од вашите дела за нашата архива, а прашањето е зошто не биле и претходно отворени? Како уметноста може да стане „прегледана“ од секој?

Н.С. Секако, супер би било да постои шанса тие дела да се бидат онлајн, поголемиот број веќе ги има на мојот сајт (https://slavevski.wordpress.com/), а сите може да бидат слободно дел и од вашата архива. Јас не верувам во заштитата на авторските права и мислам дека сите дела треба да бидат достапни за слобдна дистрибуција. Делото опстојува и живее преку публиката, можноста да биде видено и доживеано е многу важна бидејќи тоа не настанува како акт сам по себе и сам за себе. Ако едно дело не биде изложено тоа станува бесмислено, тоа не е дело, а публиката е најважна за животот на едно дело. Добар дел од музеите и претходно имаа онлајн тури низ нивните колекции, но сега поради карантинот тоа стана нужно. Тоа е одлична прилика уметничките дела да бидат делумно подостапни, но би рекол дека онлајн пристапот до дела е најдобар за дела кои се дигитални. Оние дела кои се нужно врзани за просторот и пропорциите не можат исто да се доживеат виртуелно и физички. Многу е различно кога гледате дело на екран кое во природна големина е 2 метра на метро, многу од доживувањето останува вон екранот, неговата грандиозност и монументалност која специфично влијае врз нашето доживување. Музеите денес се значително подостани од порано, но сеуште остануваат многу проблеми со нивната достапност за пошироките маси. Сепак кога зборуваме за достапност најголем проблем се приватните колекции на индивидуални капиталисти. Таму делото нема живот, тоа дело е позади завесата и публиката не го гледа, тоа дело го губи животот. Бессмислено е едно дело да постои само за полнење на бескруполозното его на капиталистот, затворено во складиште, капиталистот не го ни гледа, го користи само да се пофали пред другите со неговата моќ и богатство да го поседува тоа дело. Ова претставува најодвратно вулгаризирање на уметничкото дело, кога тоа од дело станува објект за пуфкање на капиталистите. Тие дела за да го живеат нивниот живот треба да се достапни за публиката. Не верувам дека уметноста некогаш ќе стане апсолутно пристапна за масите, или барем секое едно дело. Она што сметам дека е поважно е живата уметност, онаа која се создава во денешен просторен, историски и општествен контекст да биде достапна за сите во рамки на физичките можности. Тоа е многу значајно за општата еманципација и развој на личноста на луѓето во една потполна индивидуа. Не би сакал да се повторувам, но борбата за достапност на културата и уметноста е дел од борбата за една сеопшта еманципација и изградба на силен клектив како предуслов за потполн развој на индивидуата, а тоа е борба за општествена трансформација од општество чиј мотор се профитите во општество чиј мотор е општото добро на сите како предуслов за општото добро на поединецот.