Денес протест во Аеродром: Стоп за градилиштето кај „Мајчин дом“

СКОПЈЕ, 09.10.2018 – Жителите на општина Аеродром револтирани од започнатите градежни активности на парцелата пред „Мајчин дом“ за денес закажаа протест. Вчера беше оградена парцелата од 3.538 метри квадратни со цел да се гради деветкатница. Револтот кај граѓаните се’ повеќе расте, откако здружението „Сакаме Аеродром да дише“ преку својот фејсбук профил го повика градоначалникот Златко Марин да си даде оставка, бидејќи не го исполни своето предизборно ветување.

Токму стопирањето на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во предизборната кампања на сегашниот градоначалник на општина Аеродром, Златко Марин. „Златко Марин веднаш да се повлече од функцијата, затоа што не успеа да го исполни ветувањето кое го даде до аеродромци!“, порачаа граѓаните од иницијативата „Сакаме Аеродром да дише“.

Првичниот настан за денешниот протест беше отстранет од фејсбук, а во јавноста протекоа и неточни информации дека протестот е откажан. Меѓутоа на денешниот повик за протест аеродромци порачаа:

„ДЕНЕС – МАЈЧИН ДОМ – 17Ч
протестниот собир протв зданието кај МАЈЧИН ДОМ не е откажан.

АЕРОДРОМЦИ, ПРИСУСТВОТО Е ЗАДОЛЖИТЕЛНО!
ПОДДРШКАТА ОД ОКОЛНИТЕ ОПШТИНИ Е СЕ ПОГОЛЕМА!“

Сегашниот градоначалник Златко Марин во предизборната кампања на претходниот градоначалник му предлагаше да ги обесштети сопствениците на земјиштето со пари, или компензација со земјиште на друга локација, за да го заштити просторот од дополнително градење, како и да ги послуша жителите. Но, откако стана градоначалник, не само што самиот не ги примени овие работи, туку го смени мислењето и неколку пати се правдаше дека не може ништо да преземе, за да ја спречи градбата.

Аеродромци се гневни поради неисполнувањето на ветувањето на градоначалникот, што беше и причината за да го добијат нивниот глас на локалните избори. Секојдневно жители на општина Аеродром објавуваат фотографии на кои се гледа дека зеленилото се уништува, а за таа сметка се градат висококатници, што претставува загрижувачки фактор за здравјето на граѓаните.

Од сите политички партии, единствено со реакција се јави локалниот огранок на Левица во Аеродром.

„Како што обзнанивме во Јануари оваа година, Златко Марин продолжува со исто темпо и во иста насока како Ивица Коневски. Висококатницата до Мајчин дом започнува да се гради. Крајната цел? Еден квадратен метар зеленилно да не остане во населбата.
ПРОМЕНА, А НЕ ЗАМЕНА!!!“, напишаа оттаму.

Денешниот протест е закажан за во 17 часот пред „Мајчин дом“ во Аеродром.

| 2018-10-09T11:09:54+00:00 9 октомври 2018|Актуелно, Вести, Скопје|