Демократија по потреба

СКОПЈЕ, 18.07.2018 – На 17 јули 2018, Собранието на Република Македонија одлучи по итна постапка да го гласа новиот Изборен законик, со што наместо со двотретинско мнозинство (81 пратеник) членовите на ДИК ќе се бираат со апсолутно мнозинство (61 пратеник).

Ова е кршење на демократските процеси за кои СДСМ, како опозиција, се залагаше 11 години. Очигледно тоа било само празна реторика. Сепак, власта најде „начин“ за сето ова да го обвини минатото и опозицијата, како и секогаш.

Владеачката коалиција можеше да одлучи по скратена постапка да ги намалува патните трошоци или пак да воведе една (наместо шест) изборна единица или пак да воведе поправеден (прогресивен данок). Сите овие работи беа дел од нивните ветувања. Но, за овие промени тие како изговор ги користат правните пречки, процедурата и немањето на доволно „дебата“ по прашањата. Додека, од друга страна, крајно опортунистички прескокнуваат чекори кога станува збор за промени од кои тие лично ќе профитираат (како укинување на царината во корист на бизнисот на Кочо Анѓушев и гласањето претседател на Собранието) или промени за кои имаат ултиматум од меѓународната заедница.

Неполн час пред да ја стават оваа точка на дневен ред еврокомесарот Јоханес Хан и порача на власта „Имате рандеву со историјата, затоа нема време за губење“. Па не е случајно што веднаш потоа се одлучи недемократските (демократија  овде се подразбира на начинот на кој што либералната СДСМ декларативно ја разбира) промени да се извршат по брза постапка. Патем речено, ниту Хан ниту неговите надредени немаат право на глас во Македонија, а сепак имаат поголемо влијание од било кој поединечен гласач. Таква е „демократијата“ во потчинети земји, за жал.

Текстот е преземен од Антропол.

|2018-07-18T14:26:38+00:0018 јули 2018|Актуелно, Вести, Став|