Дел од Бит пазар продаден, пазарџиите во лоши работнички услови и неизвесност за тоа што ќе се случи

Делот од Бит пазар, кој Скопски Пазар го продаде пред некое време на приватен газда е покриен со лим, а трговците кои држат тезги во тој дел над 20 години, не знаат што ќе се случи утре со нив

СКОПЈЕ, 28.06.2017 – Скопски пазар продаде дел од Бит пазар, без притоа да бидат консултирани пазарџиите за тоа дали можеби тие сакаат да си ги откупат тезгите. Купецот ветил подобрување на условите, но пазарџиите се со доза на сомневање, бидејќи како што велат, се’ уште владее статус кво и не знаат што ќе се случува понатаму. Пазарџиите се жалат од газдата на Скопски Пазар, оти како што нагласуваат, наместо да го среди пазарот и условите на работниците, тој продава дел по дел

Откако во месец април годинава, пазарџиите од Бит пазар и претседателот на Здружението на трговци, Екрем Долек, побараа јавно Скопски Пазар, да ја повлече одлуката за продажба на земјиштето, на пазарот и понатаму ништо не се менува. Пазарџиите се во неизвесност и понатаму работат без никакви услови. Пазарот е неуреден, поголемиот дел од пазарџиите плаќаат кирија за своите тезги, некои од нив, и покрај тоа што ги откупиле дуќаните, се’ уште се принудени да плаќаат кирија.

„Плаќам кирија за тезгата, а до пред три месеци плаќав и струја. Веќе три месеци не можам да платам за струја, но, и кога плаќав тие повремено ја прекинуваа. Немаме никакви услови, а ниту пари за да си плаќаме здравствено и пензиско осигурување. Едвај преживуваме“, вели една од пазарџиките во делот кадешто се продаваат зеленчуци и овошје.

Од друга страна пак, делот кој Скопски Пазар го продаде пред некое време на приватен газда е покриен со лим, а трговците кои држат тезги во тој дел над 20 години, не знаат што ќе се случи утре со нив.

„Моментално владее статус кво. Не знаеме што ќе се случи со нас. Може утре да ни’ речат одете си, иако тука работиме веќе над 25 години. Ниту знаеме на кој е продадено, ниту зошто е продадено. Некои велат дека, на тој што го купил ќе му плаќаме кирија, а кој е тој не знам. Скопски Пазар го продава, а мене ми доаѓа од УЈП да платам за годишен данок. А имаше муабет за овој пазар да се направи и со паркинг и со се’, ама газдата е катастрофа, дел по дел продава.“, вели еден од трговците кој се занимава со продавање на техничка роба на тезга во веќе продадениот дел од пазарот.

Во однос на состојбата на работникот во Македонија, тој истакна:

„Обичниот работник кај нас денес се наоѓа на дното. Мојата сопруга работи за минимална плата од 10.000 денари, а работи полно работно време и има само еден ден слободен во неделата. Сама си плаќа патни трошоци и храна.“

Притоа, на прашање за тоа дали очекува состојбата да се подобри по најавите на новата влада за покачување на минималната плата на 12.000 денари, тој вели дека, 2000 денари повеќе не значат ништо и оти не верува дека ситуацијата ќе се подобри.

Пазарџиите нагласуваат дека, со години немаат никакви услови за работа, нема вработен за одржување на хигиена, тоалетите се во катастрофална положба, дел од тезгите се покриени со лим, дел со картони и мрежи, а при врнежи, пазарџиите трпат голема штета.

Тие обвинуваат дека газдата на Скопски Пазар, не води никаква грижа за нив како работници – кираџии. Иако, плаќаат кирија за тезгите, немаат доволно заработувачка, а немаат ниту социјално и здравствено осигурување, бидејќи како што истакнуваат, заработувачката е толку минимална што едвај преживуваат.

Текст и фотографии: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T07:35:39+00:0028 јуни 2017|Актуелно, Вести, Економија|