(Даниела Селермаер) Омницид: кој е одговорен за најголемиот од сите злосторства?

Околу катастрофалните пожари што ја зафатија Австралија

Кога полниот опсег на уништувањето од Холокаустот стана јасен, еден полски Евреин чие цело семејство било убиено, Рафаел Лемкин, сфатил дека нема ниту еден збор за да го опише карактеристичното злосторство што беше извршено: убиството на цел еден народ. Неговото животно дело стана утврдувањето на збор со кој ќе се именува злосторството, а потоа да се убеди светот да го употребува и да го осуди: геноцид. Денес, геноцидот не само што стана ужасен дел од нашиот речник. Ние сфаќаме дека тоа е можеби најголемото од сите злосторства.

Во текот на овие први денови од третата деценија на 21-от век, кога гледаме како се убивани луѓе, животни, дрвја, инсекти, габи, екосистеми, шуми, реки (итн., итн.), се наоѓаме себеси без соодветен збор за да го именуваме она што се случува. Навистина, во последните години, екологистите го исковаа терминот „екоцид“, убивањето на екосистемите – но ова е нешто повеќе. Ова е убивање на сѐ. Омницид.

Некои, без сомнение, ќе забележат дека ова не може да се смета за „-цид“ – за убиство или за убивање – туку за природна појава, иако за неописливо жална природна појава. Каде е намерата за убиство? Сигурно, таа е тешко да се лоцира, но новото злосторство исто така бара ново разбирање на вината. Всушност, еден од најсериозните проблеми во врска со законите против геноцидот е што тие беа напишани на таков начин што бараат карактеристичната намера да се уништи еден народ да биде покажано дека постоела. Дури и таму каде што навистина постои, таквата намера многу често останува скриена во темните срца на луѓето.

Сепак, овојпат мора да одиме многу понатаму. Мора да разбереме дека одговорноста за омницидот е различна и на повеќе нивоа. Улогата што ја имаат оние што се одговорни овојпат е речиси секогаш помалку директна, но нивните ефекти не се помалку разорни. Тешко дека ќе идентификуваме некого што активно ја планирал смртта на 500 милиони диви животни, кои веруваме дека загинаа во првиот месец од пожарите во Австралија оваа година.

Но можеме да ги идентификуваме политичките претставници кои одбиваат да се сретнат со пожарникарите кои се трудеа да ги предупредат и да дејствуваат со цел да ја ублажат надоаѓачката катастрофа. Истите политички претставници кои одобрија и продолжуваат да одобруваат нови рудници на јаглен наспроти научниот консензус околу ефектот што продолжувањето на согорувањето на фосилните горива ќе го има врз климата воопшто, а особено околу сушите и температурите. Истите политички претставници кои одобруваат водата да се пренасочува за поддршка на екстракцијата на ресурси, кога живи суштества умираат поради потребата од вода и се сушат до точка на опожарување.

Можеме да ги идентификуваме сопствениците на медиуми кои спонзорираат масовно негирање на научните докази околу ефектите на економијата зависна од фосилните горива врз климата. Истите сопственици на медиуми кои ги користат алатките на масовна манипулација за да потпалат страв, да посејат збрка, да одгледуваат незнаење и да создадат и потоа да ги разгорат непријателските поделби во рамките на заедниците.

Можеме да ги идентификуваме финансиските институции кои продолжуваат да инвестираат, а со тоа и да ги поткрепуваат отровните индустрии, и кои ги поддржуваат претходно спомнатите сопственици на медиумите со цел да се заштитат себеси при акумулирањето на загрозеното сопствеништво. Можеме да ги идентификуваме инвеститорите што го користат својот финансиски и социјален капитал за да ги поддржуваат политичарите што ќе ги заштитат нивните финансиски интереси. Можеме да ја идентификуваме корпоративната култура и правниот систем, преполн со правници, менаџерски консултанти и финансиски аналитичари, кои ги поттикнуваат, па дури и бараат од компаниите да го максимизираат краткорочниот профит на акционерите и да ги екстернализираат трошоците во иднината и врз планетата.

Понатаму, можеме да ги идентификуваме факторите што се поблиску до нас. Бизнисмените и инвеститорите чии профити зависат од системите на екстракција и експлоатација на ресурсите. Потрошувачите зависни од животните стилови засновани на екстракција на ресурсите и експлоатацијата на природниот свет. Граѓаните кои ги приоретизираат тесноградите краткорочни интереси пред одржливоста на планетата. Граѓаните кои немаат храброст или сила да ги преземеме општествените и економските трансформации што се потребни за да им дадеме на нашите деца и на повеќе од човечкиот свет – иднина. Граѓаните кои не се замараат да одвојат време или да го преземат напорот да развијат добро-информирани мислења и кои повеќе сакаат да избегаат во удопството на труизмите на нивното племе.

Можеме да ги идентификуваме и луѓето и човечките култури што ни кажуваат дека ние сме супериорни и, оттука, го имаме правото да ги доминираме и експлоатираме останатите животни и природниот свет. Дека ние сме тие што треба да просперираме и дека сѐ останато е тука за наша употреба. Дека другите суштества не се живот, туку ресурс.

Никој од оваа долга листа нема развиено конкретна намера да убие сѐ. Но сите ние ги создадовме и ги создаваме условите во кои омницидот е неизбежен.

Кога растев, моите родители обично ја пуштаа песната од Боб Дилан која се вика „Кој го уби Дејви Мур?“. Таа се однесува на еден боксер кој умре во рингот кога имаше само 30 години. Секој стих почнува со тоа што некој – тренерот, публиката, менаџерот, обложувачот, новинарот, другиот боксер – одговара на прашањето од насловот, „Кој го уби Дејви Мур?“. Секој од нив одговара: „Не јас…“, а потоа објаснува дека тие го правеа само она што го прават: организирање на борбата, пишување за борбата, испорачување на ударите итн. И, се разбира, секој од нив ја кажа вистината.

Ние, исто така, само го правиме она што го правиме: обезбедувајќи најголемите политички донатори да ги поддржат нашите политички кампањи; максимизирајќи ги профитите; обезбедувајќи највисока цена за акциите; живеејќи удобен животен стил; избегнувајќи промена; мрзливо паѓајќи на вообразбата дека ние луѓето сме посебни. Но, понекогаш, токму правењето на она што го правиме е доволно за да го убие, не само Дејви Мур, туку сѐ.

Омницид, најголемото од сите злосторства. И како со сите злосторства, оние што се одговорни, мора да бидат повикани на одговорност.

Извор: ABC

|2020-01-08T14:11:58+00:008 јануари 2020|Актуелно, Вести, Свет|