Дали прогресивниот данок ќе го исели и Анѓушев?

Откако министерот за финансии Драган Тевдовски изјави дека се планира имплементирањето на дел од предизборното ветување за прогресивен данок на СДСМ, со кое на примањата над 1000 евра месечно ќе се применува даночна стапка од 18 отсто, во јавноста а и во владата се јавија различни гледишта околу оваа мерка.

„Сите оние што имаат месечна плата над 1.000 евра или доход по друг основ треба да плаќаат прогресивен данок на доход. Тоа значи дека за сумата до одредениот праг или до 1.000 евра ќе плаќаат 10 отсто персонален данок, а за сумата над овој праг да плаќаат по даночна стапка од 18 отсто. Сметаме дека оваа стапка нема да удри на средната класа“ , изјави Тевдовски на форумот „Македонската економија меѓу визија и дилема“ што се одржа минатата среда.

Тоа значи дека ако некој добива 1 500 евра месечно, на 1000 евра ќе плати 10 % данок, а на останатите 500 евра 18 %, и тогаш ќе ја добиеме следната математика – ако некој досега земал 1 500 евра нето плата, после мерката на Тевдовски би добил 1 460 евра нето.

Но веднаш потоа, вицепремиерот Кочо Анѓушев, за некои изненадувачки, за некои не, ја поткопа најавената мерка од страна на Тевдовски, несогласувајќи се предложениот праг на 1000 евра затоа што, според него мора прво да се направат длабински анализи бидејќи ако прениско се постави прагот над кој би се применила даночната стапка, тоа можело да биде дестимулативно.

„Јас само отворив дилема дали 1.000 евра е можеби низок праг и дали може  ќе ги дестимулира младите луѓе кои стигнале до таа плата. Ценам дека треба да водиме грижа за младите високообразовани кадри и да ги стимулираме да останат во Република Македонија“, додаде Анѓушев.

Дебатата околу прогресивниот данок

Ваквата мерка, покрај во владата, ја покажа хетерогеноста и во јавноста. Колумнисти, универзитетски професори, поранешни министри и дел од т.н. граѓанска сцена генерално беа негативно настроени кон идејата на министерството за финансии.

Причините што се наведуваат во дебатата се неколку –  наместо да се даночи личниот доход на граѓаните, треба да се даночи профитот на компаниите, или имотот; даночните средства  од овој план нема да ја решат сиромаштијата во земјата; дека овие средства повторно ќе одат на расипништво, т.н. непродуктивни трошоци, и најкористениот аргумент деновиве, тој на Анѓушев, дека младите луѓе ќе се иселат од Македонија ако оваа мерка се имплементира во ваква форма.

Извор: https://finance.gov.mk/neednakvost

Во ситуација каде што, 80 % од луѓето во Македонија земаат пониска плата од просечната која изнесува 24 000 денари  и 70 % имаат месечен доход под 297 евра (18 220 денари), a доходот над 1044 евра месечно го земаат само 2 % од луѓето во нашата земја, прагот од 1000 евра навистина изгледа како повеќе oд погодна сума за воведување на прогресивниот данок.

Рамниот данок на личниот доход е релативно ново нешто во светската даночна пракса. Тој стана актуелен во 1990-ите, кога Балтичките земји го воведоа, пред се’ со цел да ја намалат даночната евазија. Освен што е нов, тој е и релативно редок во светски рамки, при што е застапен главно во земјите од Источна Европа. Во 2018 година, од европските земји, единствено Андора, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Естонија, Унгарија, Литванија, Македонија, Романија и Русија имаат рамен данок. Дури и кај овие земји, присутен е тренд на напуштање на рамниот данок. Една од првите земји која го воведе, Летонија, го напушти оваа година. Претходно тоа го сторија Албанија, Чешка, Словачка, Црна Гора и Унгарија. Единствената развиена европска земја која имала рамен данок е Исланд, која го воведе во 2007 година, но го напушти многу брзо, веќе во 2010.

Македонија, заедно со Босна и Херцеговина и Бугарија ја имаат најниската стапка на рамен данок во Европа, од 10 %. Во земјите кои се „омилени“ за иселување, на пр. во Германија даночната стапка се движи помеѓу 14% и 45%, Англија има  прогресивен данок од 20% до 45%, а Франција од 14% до 45%. Дополнително, интересно е да се согледа и тоа дека најголемиот бран на иселување од Македонија, барем во поновото време, се случува токму во периодот на рамниот данок, односно, според податоците на Светска Банка, по 2010 година, кога вкупно 180.000 лица се иселени од државава.

Оттаму, се чини паушален аргументот на Анѓушев, дека младите ќе се иселат заради прогресивниот данок. Многу е пологично дека младите се иселуваат од државава зашто институциите не функционираат и системот воопшто не нуди достоинствен и пристоен живот. Во земја со рекордни стапки на сиромаштија, руинирано здравство и образование, континуирано уништување на животна средина, јавните пари за инвестирање во фундаменталните проблеми се попотребни од било кога, а еден од начините да се дојде до нив е преку прогресивниот данок.

Па, сепак, прогресивниот данок се’ уште се дочекува „на нож“ кога и да се спомене во Македонија, што несомнено говори за хегемонијата на неолибералните економски политики, а веројатно и за контролата на капиталот врз медиумите и јавниот дискурс. Но, многу современи економисти од рангот на Томас Пикети и Џозеф Штиглиц тврдат дека прогресивниот данок генерира систем на поправедна редистрибуција која ја намалува нееднаковста и со тоа ја подобрува економијата.

Се разбира дека прогресивниот данок на личен доход е далеку од совршена мерка, дека нема да направи револуционерни резови, и дека побитно е да има мерки за кастата која има монопол или олигопол во државата, односно прогресивен данок за големите компании. Но тоа не треба да ја искучи солидарноста на секој од нас и априорно да го одбиеме секој предлог за прогресивно оданочување „во нашиот двор“.

Затоа, прогресивниот данок треба да се поздрави, но исто така, треба да се бара дополнителните средства кои ќе се приберат да се алоцираат кон сиромашните, за да има вистинска редистрибуција.

Во македонската економска констелација прогресивниот данок е каков-таков почеток на нешто што треба да биде само предвесник на низа даночни прогресивни мерки со кои ќе опфатат индивудуалците што земаат многу поголеми суми од 1000 евра, како и големите фирми. Се разбира дека тие би требало прво да се оданочат, но нивното лоби е далеку помоќно од тоа што ние го замислуваме. Тука, со право, треба да се критикува и премиерот Заев, кој со досега покажаните чекори, остава голем простор за сомнеж дека тоа олигариско лоби во кое се наоѓа и тој самиот нема да биде допрено.

Но, барем борбата се отвора, и сега се знае каде треба да се лоцира наредно.

А за тезата на Анѓушев, дека прогресивниот данок ќе ги натера луѓето да се иселат од Македонија, би го прашале – дали ќе се исели и тој самиот? И дали со тоа би се отворил простор во оваа држава конечно да дојдат на власт луѓе кои се грижат за интересите на „обичниот“ човек, а не само на елитите?

 

Ставовите изразени во оваа колумна се лични ставови на авторот и истите не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.

|2018-04-05T09:10:00+00:003 април 2018|Актуелно, Економија, Став|