Црвениот октомври живее и се’ уште влева страв (прилог кон 100-годишнината од големата Октомвриска социјалистичка револуција)

После падот на Советскиот сојуз и социјалистичкиот блок држави во Источна Европа и на Балканот, буржоаските филозофи, политиколози и економисти, побрзаа да прогласат конечна победа над „комунизмот“ и како што ги нарекуваа, „комунистичките тоталитарни режими“. „Крајот на историјата и последниот човек“ – познато дело на Френцис Фукујама, толку фалено и цитирано од светската научна јавност во почетокот на 90-тите, сега е предмет на потсмев од страна на научната јавност. Тезата на оваа книга за „конечната победа на либералната демократија и капитализмот“, ера во која „државите интегрирани во еден пазар, ќе немаат причини и побуди да војуваат една против друга“- сега е теза за потсмев ако ја чуе било кој жител на светот кој пред своите очи ги гледа војните, социјалните немири и сиромаштијата на речиси секоја педа од светот.
Блоковите се формирани или допрва се формираат. НАТО пактот предводен од САД ги користи последните концесии на униполарниот свет изграден по падот на Берлинскиот Зид. Но се’ уште останува најсилен блок. Сепак, Русија и Кина не стојат со скрстени раце. Воената спремност на Израел, Саудиска Арабија, Иран и Северна Кореја не се за потценување. По речиси 30 години дивеење на неолибализмот и воениот интервенционализам на Центарот во државите на периферијата- светот се наоѓа повторно во предвоена состојба, како што тоа беше случај во првата деценија од минатиот век. Зошто истовремено предвоената состојба не е предреволуционерна во некоја од државите? Одговорот е – затоа што нема во таа држава партија на работничката класа од ковот на болшевичката.
Денес империјалистичките сили (поголеми и помали империи, сојузи и држави) може да се каже дека, во дослух со корпорациите, го имаат монополот во одлучувањето за сите прашања од кои зависи судбината на над 6 милијарди луѓе. И тие не сакаат никој да им се меша во играта што ја играат пред секоја голема криза на монетарниот систем и капитализмот воопшто. Особено не сакаат работничката класа да им се меша, организирана во сериозна партија која не прави компромиси со капиталот, со неговите сопственици и слуги.

Црвениот Октомври се’ уште влева страв во коските на капиталистите

Пред 100 години, група револуционери, организирани во Болшевичката партија, после тридецениска напорна работа, а под влијание на постојани апсења и прогонувања од страна на царската полиција Охрана, ја ширеа марксистичката идеологија во услови на феудална и индустриски назадна Русија, и изведоа социјалистичка револуција, по краткото опстојување на буржоаската Привремена влада. Идеите беа тие кои ги освоија масите руски работници. Тоа беа идеи изградени на јасна идеолошка основа, идеи јасно артикулирани од страна на лидерите на Болшевичката партија. Со организација и посветеност во работата, по насоките на самиот Ленин, оваа партија отскокнуваше во својата работа споредено со останатите работнички партии од Западна Европа. Може да се заклучи дека развиениот Запад, срцето на капитализмот, досега воопшто,
од ниедна работничка партија, од ниедна партија од широкиот спектар на Левицата, не бил предизвикан и загрозен како што тоа успеала да го направи Болшевичката партија.

Денес оваа партија е дел од минатото. Нејзините лидери револуционери, се мртви. Но, што е тоа што ги дразни и денес политичарите и аналитичарите – слуги на империјализмот, што е она што ги празни од содржина учебниците од универзитетските студии, што е тоа за кое не расправаат академиите, што е она кое не постои за медиумите и глобалната популарна култура која е навлезена во сите сфери на живеењето. Што е тоа, што го тера, сиот овој систем на репресивни сили, да се поставува оркестрирано напаѓачки или игнорантски кон класната борба на работниците и борбата на народите за национално и социјално ослободување. Тоа е стравот на овој систем од работниците, од класата која беше спречена привремено, да го сруши капиталистичкиот систем кој не може да ги задоволи нејзините потреби и потенцијали. Стравот на репресивниот систем на капитализмот се активира од самата помисла, стотици илјади работници организирани во партија спремна при првата пружена прилика да го сруши капитализмот во било која битна негова алка. Пред 100 години, на репресивниот ситем на капитализмот, Русија им излезе од контрола. Потребни беа 80 години студена и апсолутно отворена жешка блоковска војна, за капитализмот да преовладее повторно на целата земјина топка. Останаа неколку држави изолирани една од друга, и Кина, која во немањето посилен идеолошки сојузник, се прилагоди на правилата на светскиот пазар. Но, работниците низ целиот свет повторно се наоѓаат заробени во правилата на капитализмот кој ги угнетува. Работниците денес се лишени од познавањето на сопственото минато. Глобалната култура и владејачката буржоаска идеологија го ставаат во заборав образецот од револуционерното минато, кој се докажа како предизвикувачки успешна алатка во класната борба на работничката класа.
Оттаму доаѓаат сите лаги, клевети и подметнувања врз Црвениот октомври и Болшевичката партија. Стравот на репресивниот систем на капитализмот го создава игнорантскиот или манипулаторски однос кон минатото на работничката класа и нејзината револуционерност. Зарем не е затрашувачки за капиталистичките држави, државното водство да го земе во свои раце револуционерна партија на работничката класа? Зарем не е застрашувачки за секој капиталист, вработениот да побара удел во раководењето и заработката? Секако дека за нив тоа се затрашувачки помисли.

Заблудите околу тоа дали Маркс и Ленин се релевантни денес

Карл Маркс и Фридрих Енгелс делувале во предреволуционерен период, период на владеење на либералниот капитализам, кога работничката класа штотуку ги почнувала тренажните процеси за борба против спротивната класа (неуспешниот обид на Париската комуна, загушувањето на револуционерната 1848 година во Европа, организирање на првите синдикални протести со политички барања, и обидите за организирање први работнички партии со револуционерна програма).
Додека Ленин и неговите соработници делувале во револуционерен период, период кога се заострувал империјализмот, период на веќе постоечка и растечка непријателска атмосфера во самите први редови на буржоаската класа.

И покрај јасната поделба на периодите во кои делувале Маркс и Ленин, либерализмот и империјализмот, се’ уште во редовите на современата левица владеат две мислења, извадени од секаков научен и историско-материјалистички контекст:

Првото мислење е следното: Приликите за пролетерска револуција се разликуваат од држава до држава, од година до година, и болшевизмот е неприменлив надвор од границите на Русија и границите на своето време

Болшевизмот не е марксизам кој е само прилагоден на специфичните услови во тогашната Руска Империја. Во тој случај Болшевизмот, би бил само успешна национална приказна, или чисто руска успешна приказна за тамошниот пролетеријат. Но, историјата веќе покажа дека Болшевизмот, е и тоа како, интернационална појава, која произлегува од целокупното револуционерно искуство на интернационалното работничко движење, чиј само мал дел е руското. Ако марксизмот го разобличи капитализмот од самите негови почетоци до средината на крајот на 19-тиот век и ги даде основите за идната пролетерската револуција, тогаш ленинизмот е теорија и тактика за изведување на истата. Ленин ја обнови револуционерната содржина на Марксизмот, онаа содржина која повикуваше светот да се менува, а не само да се толкува. Болшевиците едноставно одбија да го препушат пролетеријатот на волунтаризмот на нерамната класна борба, спонтаноста и неограниченото реформирање и спасување на капитализмот.

Болшевизмот е теорија и тактика од која учеле и треба да учат револуционерите од земјите во периферијата т.е од колониите како најслаби алки на капиталистичкиот синџир. Ленин и Болшевичката партија ја извадија Русија од калта на назадноста, и бивањето претежно неиндустријализирана аграрна империја, и ја ставија на патот на забрзаната индустријализација, на патот на културниот, научниот, технолошкиот и секаков вид на развој. Интернационализмот на болшевизмот се огледува и во искуството на другите земји. Лидерите на балканските комунистички партии од првата половина на 20-тиот век, вдахновени од успехот на Болшевичката партија и револуционерноста на советскиот народ, а дошколувани во Советскиот Сојуз и наоружани со идеите на Ленин, ги извадија дел од балканските држави од назадноста на нераскрстените феудални односи и непрекинатото војување меѓу балканските народи. Додека пак, од друга страна кинеските марксисти-ленинисти ја извадија Кина од внатрешните војни на warlord-овите и назадноста на бивањето неинудстријализирана аграрна земја, ставајќи ја на патот на забрзаната индустријализација, стигнувајќи го и престигнувајќи го во низа сегменти развиениот свет.

Второто мислење е следното: Марксизмот-ленинизмот е застарена теорија за класната борба и е неприменлив за борбата на денешната работничка класа.

Да, тоа е теорија и тактика која доаѓа од навидум далечното минато. Но, тоа не е теорија и тактика која треба да остане таму во минатото. Зошто? Едноставно, евидентно е дека, денес неолиберализмот и повторно заострениот империјализам ги обликуваат општествено-економските и секакви процеси. Тогаш зошто марксизам-ленинизмот како теорија и тактика за ослободување и еманципација на работничката класа би бил неприменлив денес, кога глобализацијата за која сите се свесни и ја живеат, е токму истиот стар капитализам, со неолиберална насмевка од која светкаат се’ повеќе наоштрените империјалистички заби?

Марксизам-Ленинизмот е борбена револуционерна теорија и организациона стратегија, од епохата на империјализмот во првата половина на 20-тиот век, епоха на забрзано зголемување на корпорациите и забрзаната милитаризација на националните држави. Денес конкуренцијата до истребување на природните и  „човечки ресурси“ меѓу сега веќе илјадниците корпорации и милитаризацијата се забрзани, помоќни и поопасни за човештвото, од времето на Ленин. Оттаму, не треба под превезот на ненаучната поделба од типот – „тоа било тогаш – сега е ова“, да се негира теоријата и праксата на великаните на Октомвриската револуција и да се нивелира значењето на Болшевичката партија. Кога противникот на работничката класа целосно се консолидира, во време од 30 години после падот на Берлинскиот зид, работничката класа се врати во условите на работа и организираност од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век. Но, како што Маркс ги изложи противречностите на капитализмот, кој неминовно се движи кон себеукинување, и како што Ленин докажа дека, империјализмот е последната фаза на капитализмот, владејачката класа се наоѓа пред нови и се’ поопасни за битисувањето на целиот систем- кризи.

Затоа револуционерна партија на работничката класа од ковот на болшевичката е дотолку повеќе од потребна токму денес, зошто империјализмот ги освои сите делови на земјината топка, нема каде да се шири веќе, тоа е темпирана бомба. Револуционерна партија и револуционерна интернационала е повеќе од потребна токму денес, зошто човештовото е веќе ставено пред изборот на неизбор, односно – социјализам, или варварство!

Автор: Зоран Василески

|2018-01-28T19:49:01+00:0025 октомври 2017|Актуелно, Економија, Свет, Став|