Бурни реакции на фејсбук профилот на Заев кон објавата дека рудник во Иловица ќе има

СТРУМИЦА, 23.07.2018 – Низа реакции и коментари во изминативе два дена се појавија на објавата на премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук профил во врска со еднострано донесената одлука на владата да се формира независно тело за мониторинг на секој чекор во работата на евентуален рудник во Иловица – Штука. Владата и Заев без да ги земат предвид мислењата и фактите изложени на состанокот од страна на еко активистите и борци против рудник во струмичката котлина, донесоа едностран заклучок дека цијанид и сулфурна киселина нема да се користи во рудникот за бакар и злато Иловица – Штука, додека пак активистите категорично тврдат дека не прифаќаат никаков рудник, а оттука и никакво евентуално мониторинг тело, кое би го следело процесот во неговите фази.

По објавата на соопштението од страна на владата на Република Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев пред два дена дека на одржаниот состанок во петокот во Струмица се донело заклучок да не се користи цијанид и сулфурна киселина во евентуалниот рудник во Иловица – Штука и оти ќе се формира независно тело за мониторинг на секој следен чекор низ претстојните фази, бурно реагираа активистите од здружението  „Здрава Котлина“.

Претставниците на нашето еко-движење немаат дадено никаква согласност за учество во некакво „мониторинг тело“ што ќе ја следело работата на рудникот. Учеството во такво тело би значело дека прифаќаме рудникот да биде отворен, што е незамисливо, категорично реагираа од Здрава Котлина.

Освен соопштението објавено на владиниот веб сајт, на социјалната мрежа фејсбук со објава се јави и премиерот Заев, на што реагираа повеќе засегнати жители на тој регион како и истакнати еко активисти.

Тие  јасно потенцираат дека на некнашната средба не паднало никаков договор дека сите на состанокот се согласиле дека ќе има рудник во Иловица (само без цијанид и сулфурна киселина).

Тоа во никој случај НЕ Е ТАКА! Мислам дека сите во просторијата сфатија дека ние бевме децидни и недвосмислени во нашите ставови дека НЕ САКАМЕ РУДНИК без разлика на тоа каков процес на обработка би се користел и на секое можно сценарио за било какво отворање на тој проклет рудник.
Бидејќи сите стручни лица кои синоќа беа таму се во директна врска со концесионерот, за нас најважен беше заклучокот дека на следната консултативна средба ќе бидат повикани и независни стручни лица од областа на хемијата, биологијата, екологијата, агрономијата, медицината… Па да се вкрстат копјата на стручњаците кои се многу важни да ги објаснат последиците од работата како на секој, така и на овој потенцијален рудник. Тоа би било рамноправна дебата. Поинаку, средбата пак би имала давидо-голијатски карактер.
Да не зборуваме за тоа колку правни постапки има досега прекршено концесионерот, затоа што синоќа тоа јасно го кажавме.
Така да, јас лично во свое име, но и во името на моите соборци, со чиста совест и силна волја повторувам:

РУДНИК ВО ИЛОВИЦА-ШТУКА НЕМА ДА ИМА, напиша во својот коментар Стојан Велков на објавата на Заев.

Во останатите коментари жителите реагираат на предизборните ветувања на Заев дека рудници нема да има. Освен реакциите дека се прекршени предизборните ветувања и опасноста од загадување на цела струмичка котлина, што би повлекло иселување на жителите од тој регион, еден од жителите како причина за тоа дека рудници во струмичка котлина не смее да има го наведува Моноспитовско блато. Ова мочуриште кое некогаш се простирало на површина од пет илјади хектари и било дом на праисториски растенија и животни денес е распострането на 400 хектари во атарот на селото Моноспитово и претставува засолниште на ретки заштитени видови флора и фауна.

„Рудник во струмичко не смее да има, проста причина Моноспитовско блато е заштитено подрачје и во негова близина не смеат да се издаваат дозволи за рудници кои ќе влијаат штетно врз истото, причина за која договор со било која рударска компанија мора да бие раскинат, бидејќи првично не смее ни државата ни општината да издава такви дозволи во заштитени подрачја“,  се вели меѓу реакциите кон објавата на Заев.

Моноспитовско блато

Инаку, меѓу реакциите се зборува и за радикализација на отпорот од страна на еко активистите и жителите од регионот на струмичката котлина. Тие едногласно тврдат дека рудник во струмичката котлина нема да дозволат.

|2018-07-23T12:30:27+00:0023 јули 2018|Актуелно, Вести, Став|