Будали од Илинденска

Владеење на право е хиерархија на приватно-сопственичка класа на власт. Постмодерната држава е партиска држава на приватни сопственици.

Левицата денес се поистоветува со социјалдемократија. Социјалдемократијата од дваесетиот век е мртва. Социјалдемократијата денес е фузија од десничарска идеологија без потпора на синдикати и работнички движења, во односите, во тактиките, во стратегиите на активистичките групи, во поразите, во сопственичките односи низ медиумите без новинари. Во окупациите на производните односи и превземање на машините во фабриките под стечај, како наплата на работнички долг. Работник ем лихвар, ако не наплаќа во пари, трудбеникот ќе си ги наплати хипотеките од средствата за производство и производниот процес. Оружјето на наплатната работничка рампа. Драмата на сопственоста. Драмата на јазикот: COMMONS.

За да се сфати зошто социјалдемократите денес се во калта на десничарската идеологија, само треба да се погледне во вредносниот систем на власта на газдите. Вредносниот систем, се разбира, се даноците, а не кршењето вапцани јајца за Велигден, денот на сиромаштијата. Даноците се како рентген снимка. Но, не е само рамниот данок, тука е и криењето на профитот којшто не се оданочува, минималната плата под 199 евра. Или пак Законот за енергетика, со либерализацијата на пазарот на електрична енергија на газдите од власта кои се сопственици на електрани, кои пак преку поскапувањето на струјата побрзо ќе си ги вратат „инвестициите“ од пљачката на јавните добра преку концесии на води, кои си ги доделуваат сами на себе. Газдите ги превземаа јавните добра, партиите, релациите на моќ, владата е извршно тело на директори кои што менаџираат со стварноста. Бесконечна репродукција на празно, секојдневни прес-конференции, густа магла во пролет, густа магла во лето. Погуст е барем отровот во зима кога енергијата на топлификациите кои се во газдински посед согорува во воздухот без сопственик. Со топлификациите владее магла како средство за репродуктивно револуционерно дишење на рајата, масата, толпата, плебсот, односно народот.

Револуциите доаѓаат низ густината. Хаотичен бес, насилство, плукање по газди, безредие. Неорганизираност. Потоа организираност, бес во рамка на организирана сила којашто знае кои се капиталистичките крлежи и која и е целта. Потоа, еманципаторски ентузијазам против газдите. Потоа прашањето на Револуцијата во сегашните услови: Дали Револуцијата ќе ги нивелира механизмите на капитализмот, или повторно ќе направи компромис со неолибералните капиталисти?

Партизацијата е омнипотентен налет на директни наредби од газди. Газдата разбира како функционира хиерархија, газдата разбира дека партијата е сопственичка структура на газди, газдата го пренесува принципот на диктатура во фирмата и во партијата, во администрацијата. Администрација или „амбдизација“. Случајот Амбди како газда на медиум. Газди ги диктираат наративите во медиумите, сензитивните информации се филтрирани низ прогресијата на десните либерали. Левите либрали се марксисти, затоа што Маркс е либерал. Тери Иглтон, на пример. Не постојат новинари. Постојат агрегатори со подесени сетинзи во психолошка и идеолошка деснолиберална амбдизирачка корупка. Постојат администратори на агрегатори и роботи кои собираат информации на ѓубриштата по социјалните мрежи. Ѓубре од информации се прелева како блазирано-развлечен македонски идентитет низ реки и брда, низ европски граници и ограничувања, низ полу-писмената сопственичка класа во орално-аналната економија на Илинденска,  којашто не конзумира култура, но ужива во глодањето на веганскиот врат на Алаѓозовски. Лихвари во Влада. Газдата е лихвар!

Сѐ се оправдува во име на народот, на испечатена хартија. Парите се од пластика. Политиката се зашива како химено-пластика до наредните избори. „Резон и прогрес“, без резон за левичарски прогрес, а денес „прогресивните“ на Илинденска, регресираат во деволутивните одрти фиксации на газдите, а понекогаш и во еволутивни формации на сексуалноста како флуид, со фиксен род. Фиксен затоа што е религиски, сигурен, фамилијарен, конзервативен, социјалдемократски, а флуиден, затоа што е опасен, радикален, обсцен, антифилософски, необрабен и деструктуриран. Во јазикот спие лихвата. Лихварот е надворешност на македонскиот јазик, отфрлена газдинска будала.

Законите мирисаат на сопственост. Јавните добра постојат поради законите и владеење на право, а не поради потребите за commons. Јавните простори се опфатени во законите, иако се модернистички commons. Лихвата го опфаќа и јазикот како невклучена убавина на архаизими, варваризми, нови деривати, дијалeктизми, реконструиран сексуален флуид, сè уште, неопшиени во речникот на македонскиот јазик, но живи во битот на јазикот како опасна територија на лихварскиот идентитет.

Плурална демократија не постои без репрезентативна демократија. Идентитетот е интернализација, а не екстернализација на процесот на репрезентативна демократија. Идентитетите не се дадени како такви, туку се репродуцирани, конструирани преку идентификација, а идентификацијата е репрезентација. Бројни гласови се исклучени од процесот на репрезентација, на пример работникот лихвар. А ако се идентификувате со идеологијата на капиталистите кои се претставени во парламентот преку партиите на газдите лихвари, а вие сте работничка-работник, тогаш дали е време да се запрашате, на каква репрезентација се потчинувате?

Пред да го синхронизира тоталитетот на онтолошкиот метонимијски идентитет со едновековните насилни преименувања од „иќ“ до „опулос“, со трансгресиите во моменталниот „историски“ амбис, заедно со будалите од Илинденска, сега и овде, македонскиот идентитетски тоталитет ја истражува размрежената јазична негација, во формација како со славниот октопод од деведесетите. И ќе се синхронизира, токму на време. Со тоа што, во  тие  „историски“ амбиси, народот бил во туѓи држави, денес не е така. Илинденска, по неколку децении стана Асномска. Како Асномска Левица, на пример, од Прохор Пчињски наваму. Ако е Северна, тогаш е и Јужна. Ако е Нова, во дијалектичката трансгресија вклучена е и Стара. Горна, Долна. На симболно ниво, јазикот како означувач или јазикот како култура, јазикот во знаците и позициите на моќ како симболи вградени во јазикот; јазикот ги означува и симболизира релациите на моќ.

Лихварска Македонија, во понижувањето од Грција и мешањето во внатрешните работи на Република Македонија, исто така. Или пак понижувањето на Грција од страна на Македонија во Обединетите Нации при гласање на пленарна седница на Генералното Собрание со класичен бајпас на Советот за Безбедност, со резултат 100:0. Пата пата би било, прифаќање на другиот, како таков со потребната дистанца од амбисот на либидото, без НАТО, Ве молам.

Жижек беше во Македонија. И тогаш ни’ ја прераскажа шегата со кафето без млеко. Кафе без млеко, кафе без крем, кафе без шеќер, кафе без ништо освен кафе, кафето како амбис, варијантите на името без ова, амбис без она. Со тоа што, во случајот со Лихварска Македонија, „кафето” аљас Македонија, не е доволно само по себе. На симболно ниво мора да се оперира со мета-јазик. Потребен е додаток, затоа што кафето без додатоци, не е доволно. Но, делува потполно ако Македонија има додаток со негација. Да ремизирам, битна е негацијата, а не самото кафе, а за да се сфати суштината на негацијата, консултации со Хегел, Адорно и.т.н.

За Бугарија, Македонија не може да се конзумира без млеко, затоа што „market is the solution“, а за Грција не може без крем, повторно затоа што денес „market is the solution“, додека ние сакаме само кафе т.е. самото кафе е трансгресивно на себе, амбис без додатоци, ехо во силосот на бесконечни значења. Амбис без негации. Амбисот како либидо. Негациите им ги оставаме на конзументите на кафе, на кои кафето како такво не им е доволно. Кафето како пост-колонијален продукт, можеме да го споделиме без вкалкулираната идентитетска експлоатација. За додатоците, без ова или без она, Бугарите би рекле, „еми тази вапрос“, а ние би додале лиотаровски, „не е наша работа“. Смртта на субјектот со фукоовското, „која негација?“

Постојат мноштво Македонии, експресивните парадокси и паралакси на Александрова, Античка, Библијска, Богомилска, Самоилова, Светиклиментова, Византијска, Отоманска, Санстефанска, Пиринска, Илинденска, Асномска, Мегали, Социјалистичка, Егејска, Антијугословенска, Фиромјанска, со сите останати Македонии помеѓу. Негацијата е во суштината на разбирањето на „името“ за соседните држави. За Македонија да постои во сонот како политичка територија на соседските естаблишменти и како прифатена република, мора да постои идеолошката негација. Но, тоа не е наш проблем. Но, не е битна само негацијата која е слепена како црево со бесмислената грчка шизофренија и глупава политика кон Македонија, битна е и критичката теорија и референците кои покажуваат кон името Македонија, а не самото име.

Според тоа, решението не е во името како такво, ниту во политиката која се занимава со граматиката на другите, ниту во формалната логика преку дихотомиите, туку во референците кои покажуваат кон името во дијалeктичките тријади. Но, ако ништо друго, честиме кафе.

– Кафе без Македонија, Ве молам!

 

Автор: Кирил Минанов

|2018-06-05T06:36:14+00:005 јуни 2018|Актуелно, Став|