Британски Гардијан една деценија по скопскиот земјотрес во 1963: „Скопје е сега најверојатно најмодерниот и најимпресивниот град на Балканот“

Во статијата насловена како Град што се издигна од Урнатините, Џонатан Стил, за британски Гардијан во 1972 година пишува за скопскиот земјотрес на 26. Јули 1963 и за изградбата на градот во изминатата деценија.

Стил ги потсетува читателите за 1070-те жители на градот, коишто загинаа во катастрофалниот земјотрес, за 10,000 граѓани, кои беа затрупани под урнантините и 80% од објектите во градот, коишто беа уништени во земјотресот. Осврнувајќи се на изградбата на градот по земјотресот, Стил забележува дека, две-третини од жителите живеат во современи објекти изградени според сеизмички стандарди. Тој исто така, забележува дека, објекти не се градат во близина на реката Вардар, кадешто постојат подземни води, коишто го прават земјиштето и објектите подложни на земјотреси.

„Придобивките од рурален начин на живот“ потсетува Стил „постојат за 70.000 жители, коишто сеуште живеат во дрвени бунгалови“, кадешто граѓаните се здобија со големи површини на земјиште, веројатно алудирајки на населбите Жданец, Тафталиџе, Козле и други.

Џонатан Стил, исто така, потсетува дека, Скопје беше прогласен од Обединетите Нации за град на Солидарност. Четиристотини хирурзи беа веднаш испратени од оваа организација да помогнат на жителите на градот. Стил, сепак укажува дека, најголемиот дел од помошта пристигна од републиките во Југославија, коишто издвоија 140 милиони долари од своите буџети за повторната изградба на градот. Во првите месеци, забележува Стил, жителите на градот живееа во шатори.

„Ова беше единствениот период, кога имавме комунизам, за секого според потребите“, изјавил во разговор со Стил еден од скопјаните.

Според Стил, земјотресот предизвикал урбана, културна па дури и сексуална револуција. Непосредно по земјотресот се зголемиле бројот на новородени како и разведени. Скопје наликувал, како што тоа го опишува Стил: „на еден пограничен град каде високо платени градежни работници доаѓаат, и каде има многу барови и бордели и висока цена на живеење. Но сега, како што забележува Стил, „тој бран помина и градот живее со посмирено темпо и релативнно високи стандарди.

Скопје по земјотресот, како што вели Стил во 1972, „ е најверојатно најмодерниот и најимпресивниот град на Балканот“.

Ако британскиот Гардијан со воодушевување пишува за Скопје во 1972, според истиот весник во текст објавен во 2015Скопје е „европскиот нов главен град на кичот“.

Проектот „Скопје 2014“, не само од естетска, туку и од сеизмичка гледна точка е еден голем удар врз градот. Ако во 1972 Гардијан зебележува дека не се гради во близината на реката Вардар, повеќето од објектите на проектот „Скопје 2014“ се до самата река. Тоа е секако и случајот со низа објекти од хотелот Александар Палас, па се’ до Камениот мост. Некои од нив, какошто е Археолошкиот музеј и архивот на Мекедонија се на самиот брег на Вардар, кадешто трусното земјиште и подземните води се закануваат на непроценливото богатство што се чува во овие институции. На Скопје, по 1991 година му се случи засилена приватизација на јавните простори, процес кој кулминираше за време на владеењето на Никола Груевски. Со новите капиталистички односи во стопанството, урбаните регулативи по 1991 година постепено се нагризуваа и непочитуваа. Во последните три децении цените на станбениот и деловен простор како и на закупнините (кириите) се дерегулираа и се создаде пазар на недвижнини, кој го претвори градот во простор за инвестиции на новата класа капиталисти. За разлика од периодот по 1991, во социјализмот пазарот на недвижнини беше регулиран со тоа што голем процент на станбениот и деловен простор беше во државна сопственост, како и во сопственост на работните колективи. Во отсуство на структурни промени, многу е мала веројатноста за позитивен текст во Гардијан како оној од 1972 како и за подобра иднина на урбаното живеење во градот на солидарноста.

 

|2017-07-26T11:45:52+00:0026 јули 2017|Актуелно, Култура, Свет|