Борците против рудникот во Иловица, не „паѓаат“ на евтините финти на инвеститорот Еуромакс Рисорсис

СТРУМИЦА, 29.05.2018 – Активистите од здружението „Здрава Котлина“ од Струмица, инстантно ја одбија поканата за концептуализација на дебатата за рудниците зад затворени врати на инвеститорот Еуромакс Рисорсис којшто има намера да го отвори рудникот во Иловица, Струмичко.

„Здрава котлина“ на 23-ти мај доби допис од председателот и извршен директор на Еуромакс Рисорсис, Варшан Гокул, со што беа поканети да учествуваат на дискусија и услогласување на форматот на темите како дел од тркалезната маса која би се организирала дополнително на која би требало да учествуваат активисти и други засегнати страни. Сето тоа ќе биде крунисано со заедничка изјава.

Струмичките активисти веднаш ја одбија поканата затоа што сметаат дека ваквата покана и замисленост на „дискусиите“ не се воопшто плодни а ни транспарентни. Тие би прифатиле само ТВ дуел во живо.

Ние немаме што да дискутираме или да „усогласуваме формати“ со вас, уште помалку да даваме „заеднички изјави“. Ние со вас може да се сретнеме само пред ТВ-камери во директно јавно соочување во директен пренос на тема „Рудник Иловица“. Повелете во било кое време. Ние ве каниме повеќе од една година на јавна средба пред камери, за да ви укажеме на штетните влијанија за нашата средина, произлезени од вашите студии. Но, бидејќи упорно бегате од соочување со јавноста и фактите, значи дека се плашите да не се откријат вашите нечесни намери. Нашата покана за средба пред камери е отворена и уште важи. Па повелете, да се видиме таму кај што треба. ,стои во одговорот на „Здрава котлина“.

Дополнително, сметаат активистите, напорите на инвеститотор се само провиден Пи-Ар трик за глумење на конструктивност и „грижа“ кон струмичкиот народ.

Оваа покана за дискусија ја сметаме за евтин трик со кој сакате да не’ ставите во ваше сценарио за манипулирање на јавноста. Ние немаме намера да ви служиме како параван за ваш Пи-Ар, а вашиот обид со цел да го релативизирате и минирате нашиот отпор против рудникот е провиден и залуден, потенцираа тие.

„Здрава котлина“ исто така, апелираат до сите субјекти што би се вклучиле во овие проѕирни дискусии на Еуромакс Рисорсис дека ќе бидат сметани за соучесници во потенцијалниот еко-геноцид на Струмичката Котлина.

Како што претходно пишувавме, трпението на струмичани е при самиот крај. Тие наскоро нивното незадоволство од молкот на владата за рудникот Иловица ќе го изразат преку протести и блокади. И во тоа нема да бидат сами.  Граѓаните од целиот југоистичен регион, а и пошироко, ќе се најдат токму на улиците во Струмица. Тоа ќе биде вистинскиот одговор на „дебатата“ на Еуромаркс Рисорсис, а и сериозно предупредување до владата да си го одржи својот збор. И според граѓаните,  од тој збор не треба да има бегање на ниту еден начин.

|2018-05-29T09:17:39+00:0029 мај 2018|Актуелно, Вести|