Бојкотирам(е) – трет дел

Фото: http://www.twipu.com/crepotod1211

Зошто власта го крие Преспанскиот договор

Уште на стартот мора да се потенцира следното…
Власта ако навистина имаше искрена намера да спроведе информативна кампања за престојниот референдум, тогаш Преспанскиот договор од 20 страници, ќе го испечатеше во стотици илјади примероци, и во текот на „информативната кампања“ наместо пропагандни летоци, ќе го делеше самиот договор.
Зошто нема власта искрена намера да спроведе информативна кампања? Зошто го крие договорот од граѓаните? Затоа што сака штетните одредби на договорот да останат изворно непрочитани од страна на мнозинството граѓани. Едноставно не е доволно истиот да се објави само на владиниот сајт! Колкав е процентот на повозрасни македонски граѓани кои не користат интернет? Сигурно не е минорен. Самата информација која ја пласираа некои медиуми дека само 3% го прочитале договор, треба да е аларм за власта да го дистрибуира во илјадници копии!
Пред да продолжете со читање на овој текст, отворете го следниот линк:
http://vlada.mk/sites/default/files/dokumenti/konechna_spogodba_makedonija_grcija.pdf

Мешање во внатрешните работи

На првата страна од договорот (во т.н Преамбула на истиот) се вели следното:

Повикувајќи се на нивната обврска, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, договорните страни, под каков било изговор и во која било форма, да не се мешаат во внатрешните работи и надлежноста на другата Страна.

Каква иронија на стартот. Преамбулата на договорот претставува негација на сето она што е пропишано понатаму во договорот. Може ли некој да одговори на следното прашање: дали Грција не се меша во внатрешните работи на Македонија, кога согласно договорот, Македонија треба да го искасапи својот Устав со редица измени?

Кога во поновата историја, ако немало војна, во која едната страна е победник, а другата страна е поразена, кога во друг случај, за едната страна биле наметнати вакви обврски? Да потсетиме, Преспанскиот договор задира и во волјата на претходните наши генерации, со тоа што бара измени и во Преамбулата на Уставот на РМ.

Понатаму, промената на називите на институциите, промената на личните карти, пасоши, возачки дозволи, и низа други документи, е феномен без преседан во светската историја. Зарем не е сето ова најдиректно мешање во внатрешните работи на една земја?
Затоа што договорот не е резултат на војна, во која едната страна е поразена, туку е договор склучен во мирно време, затоа е и потребата од референдумски инжинеринг, за да се покаже дека сето ова било нескротлива волја на граѓаните на Северна Македонија.

Историски ревизионизам

На страна 8, член 4, точка 3 од договорот предвидено е следното:

Секоја од Страните со ова се обврзува и свечено изјавува дека ниту една одредба од нејзиниот Устав, како што е во сила или како што ќе биде изменет во иднина, не може или не треба да се толкува на начин кој преставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата Страна, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани.

Ревидирањето на историјата не е новост за македонските власти. ВМРО ДПМНЕ ги рехабилитираше врховистите и противниците на Асномска Македонија, додека СДСМ со Преспанскиот договор се откажа од македонското малцинство во Грција. Токму член 4 точка 3 (на страна 8 од договорот) го вели тоа:

Северна Македоноија во било каква форма, и заради каква било причина, нема да ги спомне никогаш повеќе настаните од 40-тите години на минатиот век.

Тоа е двојна добивка за грчкиот  национал-шовинизам и западниот империјализам. Грчкиот монархо-фашизам се рехабилитира со Преспанскиот договор (се брише меморијата за егзодусот на Македонците во Грција). Западниот империјализам исто така се рехабилитира (се брише меморијата за здружените Грци, Македонци, Албанци и Власи кои во ДАГ се бореа против западниот империјализам на САД и Велика Британија, кои пак за возврат демократски ги спалија до темел селата и градовите во кои беа партизаните, фрлајќи врз нив наплам бомби).

Никогаш веќе нема да се спомне прашањето за имотите на егејците и нивните права кои ги гарантира меѓународното право. „Европска Македонија“ е шизофрена Северна Македонија.

Што вели Преспанскиот договор за карактерот на референдумот (задолжителен или консултативен)

Во полн ек се одвива владината кампања за референдумот кој ќе се одржи на 30 септември. Иако официјалниот почеток требаше да биде 10 септември, сепак уште на 7-ми и 8-ми септември во Скопје слетаа австрискиот канцелар Себастијан Курц (како претседавач на ЕУ во моментот) и германскиот канцелар Ангела Меркел (како најмоќен политичар на ЕУ).

Јасна е намерата на власта и самата „меѓународна“ зошто баш лидери на Европската Унија упатија пораки од Скопје непосредно пред официјалниот почеток на кампањата. Намерата е фокусот на вниманието на јавноста да се насочи кон ветувањето (ЗА „Европска Македонија“), а не кон фактичката состојба (штетниот Преспански договор за влез во НАТО).

Па да ја видиме фактичката состојба. На страна 7 од Преспанскиот договор (чл. 2 т. 4) е пропишано следното:

Првата договорна страна (Р. Грција) ќе го извести генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка НАТО да ѝ упати покана за пристапување на Втората страна. Таквата поддршка на Првата страна е условена, прво, со исходот на референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум, во согласност со оваа спогодба, и второ, со целосното усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба. По добивањето на известување од Втората страна дека ги завршила сите нејзини внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, вклучително и по завршувањето на можен референдум на национално ниво со исход кој е конзистентен со оваа спогодба и по завршувањето на постапката за усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, Првата страна ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Втората страна во НАТО. Оваа постапка за ратификација ќе се заврши заедно со постапката за ратификација на оваа спогодба.

Да го протолкуваме ова. Значи согласноста е условена од следното: македонските власти одлучија да спроведат референдум на државно ниво. Штом е веќе тоа одлучено, согласноста на Грција е условена со одлуката на тој референдум. Иронијата на оваа одредба се состои во тоа што, за Грција, референдумот е од задолжителен, а не консултативен карактер. Во Преспанскиот договор не е пропишано втората договорна страна да направи анкета. Во Преспанскиот договор е пропишано дека втората договорна страна може да спроведе референдум, но доколку го спроведе, тогаш тој мора да биде согласно Уставот на РМ.

Во член 73 од Уставот на РМ, се вели следното:

Одлукатата на референдум е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половина од вкупниот број избирачи.

Од пропагандата на власта разбравме нешто сосема спротивно на ова. Според нив, не е битно колку избирачи ќе излезат да гласаат, туку битно е од тие што ќе излезат, дали мнозинството од нив ќе гласа ЗА или ПРОТИВ.

Сепак, цензусот е уставна категорија, нема тука „ама“! Во случај на излезност помала од 900.000 избирачи, Уставот ја обврзува власта да каже дека референдумот е неуспешен, а Преспанскиот договор ги обврзува двете договорни страни да констатираат дека Договорот не важи, сето тоа согласно чл. 2, т.4 на страна 7 од Преспанскиот договор.

Ако референдумот е консултативен, и во случај да не биде исполнет потребниот цензус (900.000 гласачи), ако институциите сами можат да одлучат, тогаш се поставува прашањето зошто булдожер дипломатијата на НАТО и ЕУ со сите сили ги убедува македонските граѓани задолжително да излезат и да гласаат на 30-ти септември?

Дилеми нема. НАТО-ЕУ дипломатија е впрегната со сите сили да се исполни цензусот од 900.000 избирачи, а сето тоа поради чл. 2. т.4 на страна 7 од Преспанскиот договор.

Затоа бојкотот е најефикасен механизам за спречување на имплементацијата на овој срамен и штетен договор.

Автор: Зоран Василески, адвокат и член на Президиумот на политичката партија Левица

| 2018-09-10T10:23:54+00:00 10 септември 2018|Актуелно, Вести, Свет, Став|