Бењамин Игнац: Мојот успех не е доказ дека Ромите можат да успеат само доколку посакаат

Фотографијата е преземена од www.bilten.org/

Во прилог имате можност да го прочитате интервјуто со Бењамин Игнац преземено од регионалниот портал www.bilten.org/.

Дел од своето детство и младост Игнац ги поминал во Меѓумурје, регион во кој живее скоро половина од ромското население во Хрватска. Ромското население во Меѓумурје главно е распоредено во десетина изолирани населби со многу лоша инфраструктура и слаб пристап до основните услуги, а секојдневно се среќаваат со дискриминација во образовниот систем или при вработување. На пример, минатата есен децата Роми во Коториба беа испишани од градинка со одлука на тамошниот градоначалник за наводно одложување на исплатата за трошоците во градинката од страна на Министерството за наука и образование на Република Хрватска.

„Ромите сѐ уште живеат гетоизирани во населбите, во лоши услови за живеење. Скоро целото ромско население во Меѓумурје живее во сиромаштија или во ризик од сиромаштија. Се среќаваме со институционални препреки за учество на пазарот на трудот, потешкотии во пристапот до живеалиште надвор од населбите што се прифатливи за мнозинството, секојдневно непријателско окружување во јавност, па дури и пречки за пристап до основното образование на децата во градинките“, кажува Игнац. Ситуацијата е исклучително комплицирана затоа што таквата гетоизација ги носи поединците на другата страна од законот, што ја загрозува безбедноста на локалното население, ромското и неромското. „Од сите страни во спорот, најмногу се погодени Ромите кои се соочени со пораст на говорот на омраза во последните неколку месеци. Тоа е факт за кој во последно време многу малку се говори, а голем дел од причините е ширењето на омраза спрема Ромите преку протестите и медиумите што локалната власт ги дозволува па дури и ги поддржува“, кажува Игнац.

Нагласува дека за темата неволно говори, затоа што некои луѓе автоматски ќе го толкуваат акцентот на расизмот како „оправдување на злосторствата извршени од страна на припадниците на ромското малцинство“. „Тоа не е вистина. Јас, како и мнозинството Роми, се сложуваме дека сите ние треба да се држиме до законот. Но, истовремено гледаме дека локалната власт не прави ништо што е во нејзина моќ да изгради доверба и да овозможи соработка со Ромите“, појаснува.

Во февруари, кога имаше два случаи на убиство – едно извршено во ромската населба Пишкоровец, каде маж ја уби невенчаната сопруга, а друго во Новаковци, каде е пронајдена 77 годишна жртва убиена во кражба, одново се покрена јавна расправа за сигурноста во Меѓумурје, која според многумина, ја нарушуваат корисниците на социјална помош, мнозинството од нив Роми. Како резултат на овие случувања, министерката за демографија, семејство, млади и социјална политика Весна Бедековиќ, свика состанок со претставниците на локалната власт и на релевантните институции од Меѓумурската и Копривничко-крижевачката жупанија кои имаат ромско население и на тој состанок се донесени седум конкретни мерки кои веднаш би требало да почнат да се применуваат. Некои од тие мерки се: контрола на редовното посетување на задолжителните предучилишни програми и основното образование, преиспитувње на трошењето на средства за загарантираниот минимален надоместок и други. Тоа што можеме да видиме е дека не се доведе во прашање принципот според кој етничката припадност би била критериум за остварување на социјалните права затоа што имаше неколку оградувања дека мерките не се насочени спрема Ромите, туку спрема оние кои го злоупотребуваат системот.

Но, во целата приказна предвиден е фактот дека хрватскиот закон за социјална заштита и така е ригиден и дека некои одредби од него особено ги погодуваат Ромите кои живеат во зафрлени и изолирани населби. На пример, примателите на социјална помош не смеат да поседуваат автомобил и никаков имот освен недвижноста во којашто живеат, исто така и заштеда или какви било други приходи, а ако остварат некаков приход, за толку им се намалува социјалната помош. Игнац кажува дека некои скоро донесени одлуки, како таа за неплатените и задолжителните јавни работи се „регресивни“ и „го влошуваат животниот стандард на Ромите на долг рок“.

„Некои од овие мерки во врска со регулирањето на средствата за социјална помош впрочем претставуваат одржување на статус кво. Доколку реформата за социјална помош се спроведува на морално одговорен и етички начин, тогаш навистина може да се редуцира злоупотребата на средствата и сиромаштијата помеѓу Ромите“, ни кажува и напоменува дека проблемот не е нужно во самите мерки, „проблем е она што недостасува, а тоа е каква било стратегија за надминување на дискриминацијата врз Ромите, која е многу присутна во Меѓумурското општество“. Кажува дека состојбата со сигурност значително се влошила и за Ромите, но дека сепак се носат правила кои во голема мера се насочени против ромската заедница. „Фокусот е на казнувањето на корисниците на државна помош, а не на оспособување на корисниците да научат како попаметно да ги трошат добиените средства и да излезат од затворениот круг на сиромаштијата. Под тоа мислам на влезот во светот на работата, образованието, одговорното родителство, заштитата на децата, заштитата на човековите права, заштита на информациите при обраќање за помош и слично“.

Веќе некое време е присутна и идејата за воведување ваучери со кои би се заменила исплатата на минималниот загарантиран надоместок во пари. Меѓумурскиот жупан Матија Посавец повторно ги актуализира по погоре споменатите трагедии, меѓутоа саборскиот застапник на ромското национално малцинство Вељко Кајтази жестоко се противи на тоа објаснувајќи дека се работи за сведување на еден комплексен проблем на прашањето за загарантиран минимален надоместок. Игнац тврди дека „ваучерите не се само стигматизација за примателите на социјална помош, туку тие се и економски и социјално неефикасни“. „Ова всушност е едно навистина ограничувачко решение затоа што примателот не може да плати сѐ што му е потребно за да преживее. Некои од корисниците можат да создадат паралелен „црн пазар“ на ваучери за да можат да ги сменат за ненаменско трошење“; тој додава дека процесот на преминување на овој систем е пред сѐ скап и додатно ги оптеретува примателите на социјална помош.

Расизам и авторасизам

Нашиот соговорник кажува дека наместо да се носат соодветни мерки, што навистина би им помогнале на Ромите, забележува дека локалните власти „соработуваат со екстремно националистички групи граѓани кои имаат предрасуди за Ромите и се обидуваат да ја пренесат цела одговорност на ромското население“.

„Како да сме ние тие кои имаат моќ за донесување закони или ресурси за поправање на структурните проблеми во нашето општество. Ниту една од владините инстиутции сѐ уште јавно не ја презела одговорноста да го признае фактот дека расизмот игра голема улога во влошување на положбата на Ромите – полесно и попопуларно е колективно да се обвинат Ромите и да се префрли целата одговорност на „поправка“ на нас“, кажува Игнац.

Антиромското расположение во тој дел на земјата се почувствува уште минатата година во јуни на протестот во Чаковец кој е „организиран со една, единствена цел – да се укаже на катастрофално, неодговорно, опасно и криминално однесување на многумина во нашиот крај, а особено во делот на ромското малцинство“. Некои од организаторите на тој протест кои не ги кријат своите радикално десни ориентации, денес се собираат околу иницијативата „Сакам нормален живот“ (hrv. Želim normalan život, ŽNŽ), а локалната власт покажува големо разбирање за нивните забелешки на сметка на ромските соседи. Организаторите на минатогодишниот протест се обидоа со неколку изјави да ја сокријат антиромската реторика, меѓутоа самиот факт дека на плакатите и на описот на настанот на Фејсбук постоечките проблеми ги поврзуваат со припадниците на една етничка заедница со право разлути многу Роми и нивните претставници, како и добар дел од граѓанското општество.

Претставникот на ромското национално малцинство во Хрватскиот сабор, Вељко Кјтази, недомна во интервју за „Вечерен лист“ објасни дека поединци ја искористија ситуацијата во која „локалните медиуми злонамерно ги повторуваат вестите од црна хроника“ поврзани со сторители од ромската заедница, „за да го организираат тој расистички протест“. Станува збор,  кажува тој, за перфиден расизам кој ги вознемири и уплаши Ромите. Организаторите пак, обидувајќи се да докажат дека не ги исклучуваат Ромите, побрзаа да кажат дека имаат поддршка и од дел од Ромите. „Постои мал број Роми кои од политички, економски или различни други бизарни причини го поддржуваат светогледот и предрасудите на ЖНЖ, и тие поединци честопати се користат како „ромски токени“ односно средства за создавање слика за легитимноста на таквите групи“, коментира Игнац.

Кажува дека тие поединци впрочем се жртви на општествена манипулација и интернализиран расизам, „луѓето кои сакаат да припаѓаат“ преку прифаќањето на идејата и однесувањата кои поддржуваат расизам спрема Ромите, но дека треба да се знае дека таквите Роми не ги претставуваат интересите на широкото ромско мнозинство и немаат поддршка од своите ромски сонародници. „Ова е класичен пример на стратегијата „дивиде ет импера“. Тоа е капитализација на раздвојување групи и поттикнување да се напаѓаат едни со други за да се ослаби кохезијата на групата и да се оттргне вниманието од вистинскиот проблем“, појаснува тој. На остатокот од ромската заедница, почетокот на тој јуни воопшто не им беше пријатен. „Бев дома за време на „антиромскиот протест“ и се сеќавам дека повеќето Роми, вклучувајќи ги и моите родители, се плашеа да отидат во Чаковец. Некои ромски ученици од локалните основни и средни училишта кажаа дека заради протестот нивните врсници почнале повеќе да ги малтретираат“, се сеќава Игнац. Кажува дека вознемирувањето на Ромите од страна на медиумите и родителите оставило последици врз однесувањето на децата.

Напоменува дека ниту во остатокот од Европа ситуацијата не е подобра. „Европскиот центар за правата на Ромите“ (ERRC), со кој Игнац соработувал, моментално се занимава со многу земји за кои, кажува тој „се исто така на патот кон самоуништување како Хрватска што се однесува до порастот на токсичниот национализам“. „Политичката елита ги користи огорчените луѓе, често со слаб материјален статус за да ги наговори и наведе кон омраза спрема малцинствата“, кажува тој, потсетувајќи се дека неодамна во Чешка го именуваа Станислав Креќек за народен правобрабранител, за кој Игнац цитира дека изјавил дека „нема да се занимава со дискриминацијата врз Ромите затоа што за тоа постојат судови“ и кој „тврди дека во Чешка нема дискриминација“. Во соседна Унгарија, прераскажува, одобруваат сегрегација на Ромите во посебни училници, а „министерот за внатрешни работи во Словачка  одобрува етничко профилирање и полициска бруталност и масовни рации во ромските населби“. „За среќа, во Хрватска, освен локалната самоуправа во Меѓумурје, не постои ниту една инстанца на власта што би донела закони што директно штетат на Ромите. Сепак, она што најмногу разочарува е пасивната улога на таквите институции и нивната неволност за интервенција кога гледаат дека локалните самоуправи, како нашата во Меѓумурје, тргнуваат по лош пат“, заклучува тој.

Меѓумурје се перцепира како либерална средина во која континуирано на власт е либералната партија. Меѓутоа, Игнац кажува дека му звучи „перверзно“ тоа што истите тие луѓе кои имаат сосема очигледни предрасуди за Ромите, истовремено тврдат дека Меѓумурје е еден од најтолерантните и најлибералните региони во Хрватска.

„Овој вид на манипулатино и двосмислено лажење е длабоко загрижувачки. Ако не го препознаваме, прозиваме и осудуваме расизмот во нашето општество, ќе стане нормално да третираме цели групи како помалку вредни“, рече Игнац кој истовремено укажува на проблемот со сензационалистичкото известување на локалните медиуми што придонесуваат за создавање хистерија и стигматизација на цела ромска заедница: „Секојдневните наслови во печатот и интернетот често ги поттикнуваат читателите да се чувствуваат потпоплно загрозени од различни ситни злосторства кои почнуваат со „личност од таа и таа населба“. Поголемиот дел од тоа не е „вистинско новинарство“, ама носи големи пари. Кој се грижи за интегритетот ако со омраза може да гради кариера“.

Од друга страна го прашавме пак, дали медиумите и кога известуваат за некои позитивни примери на однесување на Ромите, или кога сакаат да истакнат дека постојат и Роми кои успеале во животот, повторно на некој начин – не нужно намерно, ги дискриминираат Ромите. Објаснува како некои од Ромите успеваат да се „пробијат“, но дека е жалосно „кога тие неколкумина успешни Роми се користат како индикатор за тоа дека во државата сѐ е супер и дека не постојат повеќе препреки за успех“. Нагласува дека релативно малиот број на Роми со високо образование никако не укажува на недостаток на амбиција и желба за образование.

„Сѐ уште постојат многу структурни препреки кои на поголемиот број Роми им оневозможуваат да успеат во животот. Тие пречки се често поврзани со сиромаштијата, исклученоста и начинот на кој Ромите се доживуваат себеси поради општеството кое колективно ги одбива. Ромските деца, кои имаат пристап до образование, сѐ уште се соочуваат со сите товари на социјалната исклученост кога одат дома или кога се движат во јавност“, кажува Игнац, додавајќи дека неговиот личен пат до успехот не бил воопшто лесен. „Беше навистина тешко, особено затоа што морав многу повеќе да работам за да се докажам – затоа што сум Ром. До ден денес се соочувам со преиспитување на моите интелектуални капацитети и покрај сите школи кои сум ги завршил“, кажува Игнац. И продолжува: „Јас сум целовековен ученик и не тврдам дека сѐ знам, ама зошто е толку тешко да се „свари“ постоењето на ромски интелектуалец?“.

„Би сакал појавата на Меѓумурскиот Ром кој студира или ромското дете кое му понудило на својот сограѓанин монета за паркинг да престане да предизвикува чудење или сензација. Размислуваат ли медиумите за тоа како се чувствуваме кога нѐ прикажуваат како аномалија?“, се прашува Игнац. „Би сакал и локалната власт да престане со издвојување на моето животно искуство како доказ дека на сите Роми им е овозможен истиот успех само ако тие тоа го сакаат“, заклучува Игнац.

Текстот од хрватски јазик го преведе Никола Шиндре.

Лектура: Е. М.

Изворниот текст на хрватски јазик можете да го најдете тука.

|2020-03-12T10:23:18+00:0012 март 2020|Актуелно, Некатегоризирано, Свет|