Апологија на „наркоманијата“

На почеток, сакам да им се извинам на сите оние кои се сметаат себеси за наркомани, или останатите членови на заедницата ги сметаат за „наркомани“, што ќе го употребувам овој израз во текстот. Го употребувам во продолжение на текстот со цел да укажам на бесмисленоста на изразот и вредноста која му ја дава на истиот општеството, културата, државата итн.

Изразот наркоман, доаѓа од наркон ναρκόω (narkóō, “I put to sleep”) и манија μανία (manía, занесеност, опседнатост), односно занесеност по наркотици. Овој израз е дискриминирачки и пред се претставува не само денотација, туку и конотативна врска со која на денотацијата наркоман му додава реалитет на ентитет (суштество) коешто е пониско од другите, понеспособно од другите, гнасно, нечисто, суштесто коешто не заслужува дури ниту да живее а камоли да споделува исти општествени и социјални вредности со означувачите (не-наркоманите). На лицето коешто е уживател на дроги во овој случај му се додава истата „додадена“ вредност како при чинот на означување на Албанците како Шиптари. Израз нема само денотативна, туку и конотативна димензија. Со тоа лицата кои користат дроги се сметаат како лица од понизок ранг, како лица коишто се недовршени и недооформени, тие се исклучени од социјалните интерференции, немаат можност за никаква социјална и општествена рекуперација, а нивните шанси за политичка мобилизација се еднакви на нула.

Оваа одбрана, не претставува одбрана и пофалба на консумирањето на дрога, едноставно значи едно разјаснување од перспектива на човек кој на некој чин бил затечен во животот негови блиски роднини и пријатели да станат „наркомани“. Во процесот на станување „наркоман“, не стануваат „наркомани“ само лицата кои примаат дрога, туку и целото семејство, но и општеството. Немам морални предрасуди да понирам со идеи дека треба да осудувам нечие поведение. Не сметам дека оние кои примаат дрога, односно некои ги нарекува уживатели, некои други пак ги нарекуваат болни (со оваа класификавиција не се согласувам воопшто), треба да бидат ниту дисциплинирани, ниту пак да им воведе системот некаков правилник за надзор врз нив.

Јас го спорам моментот и можноста на своеволно прифаќање на тоа човек да биде консумирач на дрога. На ист начин го спорам и моментот на каков било друг избор на индивидуата во животот. Човекот не одбира ниту пол, а со тоа ниту род, ниту класна или расна припадност. Сите одлуки кои ги носиме, а се однесуваат на нашите животи и нашата провизорна одлука, ги носиме само во насока на одбирање на перспективи. Оттаму, доколку си роден во сиромашно семејство најголема е шансата ти да завршиш како сиромашен, доколку буквално се „ождребиш“ од „„трудење““ и „„„работа““““ можеби ќе скокнеш некој социјален и интелектуален степен, но голема е исто така шансата да завршиш во затвор. Имено, околу 90% од затворениците во Македонија, па и во регионов потекнуваат од сиромашни семејства. Истиов принцип може да се аплицира и на останатите „дадености“, или како би кажале егзистенцијалистите „фрлености“. Доколку сте жена, и доколку имате склоности кон жени, а притоа сте родени во ромско етничко семејство, голема е веројатноста дека ти, како жена, ромка, со лезбејски афинитети, да бидеш дискриминирана на скоро сите основи, а патем перспективата на животниот „пат“ да ти биде или да завршиш како „сексуална работничка“, или во поправителен дом, или во затвор, или да бидеш пронајдена некаде по кејот на некоја од реките на кој било град, или во најдобар случај да ти падне бинго и да ја напуштиш државата. Полесно на среде улица ќе ти падне клавир над глава, отколку ова последното дека ќе се случи. Значи, нашите одлуки како луѓе се темелат на перспективите коишто се врзани за многу предиспозиции за коишто не сме одлучувале ние.

Во конзервативно општество какво што е нашето, наркоманијата (консумирањето на дрoга) јас ја врзувам со прогресивен чекор на непослушност кон постојниот систем на вредности и правно-легислативен норматив. Но не само тоа, тоа е отпор кон сите архетипи на доминација коишто уште од најмали нозе ни стојат над глава како сатор, а воедно не дисциплинираат во однос на сите перспективи кои според доминацијата се погрешни. Овие принципи на доминацијата се кроени од страна на доминацијата којашто секогаш понира на тоа да докаже дека „мнозинството“ е такво и дека тоа (мнозинство) решава. И во политичка смисла, мнозинството според некои демократски одредби е тоа коешто ги креира воглавно политиките во општеството, а со тоа често и моралот, воспоставува нова традиција и егзекутива. Со тоа, целокупниот политички, општествен, социјален, економски, културен, интелектуален, итн., живот е организиран и се воипостасува во контурите на потребите на мнозинството. Мнозинството изгледа вака: најчесто е маж, но и жена, потекло носи од белата раса, тој е стрејт (хетеросексуалец), тој е образован, работоспособен, нема никакви инвалидитети, неговото тело е секогаш спремно да се соочува со премрежјата со коишто се соочува и неготово општество и заедница, па и држава, тој е често и патриот, верник, следбеник на некоја месна или национална навивачка група, тој не ги сака слабостите, тој често оди на теретана, вежба, има девојка, има деца, примерен ученик на школо, просечен студент на факултет. Се тоа што не влегува во оваа рамка, претставува одлика и карактеристика на слабоста и на рудиментираноста на една индивидуа. Замислете како тоа мнозинството од граѓаните би имале потреба од помошни скали (косина) или некои помошни лифтови за луѓе со попречености, на кои им требаат колички за да бидат одведени до самото место коешто ги вклучува и предмалку споменатите (косина и лифтови. Тогаш во општеството мнозинството граѓани би биле лица со попречености. Поентата ми е, поради причина што лицата со попречености претставуваат многу мал процент во општеството, токму затоа нивниот „хендикеп“ не е земен предвид дури ни во архитектонско-урбанистичките проекти како нужен, како што се земени регуларните скали. Доколку човекот можеше да лета, претпоставувам дека немаше да има ниту потреба од скали и регуларни лифтови.

Наркоманијата, или употребата на дроги, претставува социјална појава. Ќе илустрирам со еден пример. Имено, вие сте млад човек кој припаѓа на најниската социјална класа. Вашите другари, па и вие, сте желни за експеримент, како и секој млад човек. Посегате по дрога. Некогаш тоа посегање, знае да се мултиплицира. Другарите твои се лица од постабилните социјални слоеви и тие доколку посегнат по дроги кои создаваат зависност како хероинот, нема да бидат доведени во ситуација да го кршат условно кажано законот и да влезат во социјална агонија. Вие, доколку зацапате во таа бара (за којашто како што предмалку кажав не сте одлучиле самостојно затоа што самостојната одлука е невозможна), многу ќе ви биде тешко да се рехабилитирате, но исто така доколку сакате да продолжите со консумирање на дрога ќе ви биде тешко и да доаѓате до истата. Имено, од една страна државата е таа којашто гради однос на забрани на користење и произведување дрога. Од друга страна, (јавна тајна е) челници на која било влада во светот се вклучени во нелегално производство и трговија со наркотици. Вие сте мала рипка, доколку посегнете да произведувате за консумирање нема да ви избега затвор. Приморани ќе бидете да купувате наркотици од „овластените“ дилери на политичарите и административците. Во секој случај не ви бега затвор.

Доколку се обидете да се рехабилитирате, стигмата којашто сте си ја произвеле со тоа што сте „наркоман“, никако нема да може да ви се тргне од вратот. Имено, ниту еден нема да сака да другарува со вас, ниту ќе ве вработи, ниту па за зет ќе ве посака (колку и да изгледа смешно). Траекторијата на вашиот живот ќе има заклучена врата во однос на опциите кои вие ќе можете да ги одберете како перспектива. Сте почнале со дрога од 16 години, условно кажано средно училиште. Оттогаш до сега поминале десет години. Не знаете ништо да работите. Дискриминацијата врз вас ќе биде голема, а вие тоа нема да можете да го препознаете. Општеството ќе ве обвинува за тоа дека сте „наркоман“ и дека не ве бидува за ништо. Опција ќе ви остане или да се самоубиете или повторно да се вратите онаму каде што ќе најдете заедничарење. Старите друштва носат и стари навики. Ќе се вратите повторно на дрога.

Тука се соочуваме со феноменот на двојна виктимизација. Од една страна некој те обвинува дека со твоето „наркоманизирање“ ти правиш смртен неморален чин. Кога престануваш, тие повторно не те интегрираат, но овојпат поради загубената „доверба“. Најчесто разлозите се: „ќе ти украде нешто“, иако овој/ти веќе не чувствуваат зависност од дрога или слични супстанции.

Ни на крај памет не ми е да го осудувам чинот на употреба на дрога. Верувам во тоа дека човек гради својствен начин на релација со супстанциите коишто ги консумира во секојдневието, гради култура околу нив, се до метафизички однос. Јас лично еден одреден период имав таков однос со цигарите, потем со кафето, сега со сувите сливи. Верувам дека овие луѓе имаат посебен однос со хероинот, метадонот, бупренорфинот итн., слично како оние кои примаат инсулинска терапија. Па оттаму, при најмала промена на производител на инсулин се разочаруваат и се незадоволни од производот, затоа што супстанцијално е променет истиот. Корисниците на дрога се сосема нормални и луѓе коишто треба да се интегрираат во општеството како такви.

Значајно е да се каже, дека „мнозинството“ за да си го тргне овој „паразит“ од вратот има создадено начини на третман и на „лекување“ на оваа „„болест““. Како што и претходно кажав, мнозинството ги создава и законите за „малцинството“ според сопствена мера, за да можат да бидат заштитени нивните имагинарни интереси. Една од тие програми за заштита претставува и онаа на бупренорфинската терапија. Таа програма, консумирачот на т.н. терапија, односно „наркоманот“ ја користи како супститут на тоа дека истиот доколку не ја користи неа, а нема пари да си снабди хероин, ќе биде штетник за нас останатите „нормалните“, со тоа тој ќе кради од нас и ќе биде неработоспособен. Океј, до тука е јасно. Но, за да биде понижувањето уште поголемо, доколку некој сака да биде запишан на бупренорфинска терапија, истиот мора да се потчини на серија сеанци на редисциплинирање. При секој преглед кој се врши во една централизирана клиника во државава, тој треба да „носи“ со себе еден старател. Е сега, иако човекот може да е повозразен од 30-тина години, некој друг нужно треба да ја игра улогата на старател, затоа што терапијата не може да се земе автономно. Уште еден парадокс. Над 90% од корисниците на бупренорфинот, подолг период се веќе на таа терапија и веќе се во фаза на „нормализација“.
Зошто потребата од туторство и недоверба кон нив?

Продолжува со уште поголема дистописка стратегија, во која, старателот е должен да ја дава „терапијата“ дома. Со тоа, непослушниот ентитет целосно да стане предмет на промена и на прилагодување кон структурите на моќ и на доминација. Патријархот ќе биде тој што одлучува, а често патријархот се јавува во лицето на лекарот, на законот, на политичарот, на биолошкиот татко или на „импровизираниот“ старател кој игра улога на старател само околу ритуалот на земање на „терапијата“.

Оваа појава е доста честа во Македонија, но и доколку не би била сепак е вредна за соодветен третман. Наркоманијата, всушност претставува општествена и социјална стигматизација на луѓе коишто во одреден период од животот своеволно или не исчекориле од рамката на предвидената традиционална „нормалност“. Истите се персекутирани, апсени, малтретирани, отфрлувани, исмејувани и обезвреднети како луѓе. Општеството е конзервативно, не ги прифаќа и не ги интегрира, не создава со нив дијалог и однос кој ќе биде автентичен и не осудувачки, пред се не со намера за нивна промена како луѓе и приспособување нивно кон нас „нормалните“. Од друга страна општеството дури и кога истите ќе посегнат по некоја „нормализација“ пристапува со недоверба и законите коишто ги создава општеството произлегуваат само од интересите на „нормалните“ а не од интересите на двата ентитети „нормалните“ и „наркоманите“. Треба да престанеме со односот кон овие луѓе како ненормални и будали, односот кој ги поима овие луѓе како не-луѓе. Едноставно треба да престанеме со забраните, особено кога тие забрани се однесуваат на различностите кои не ни го загрозуваат воопшто нашиот „нормален“ живот. Наркоманијата претставува болест чиј корен е во општеството коешто дискриминира и забранува, па оттаму реакциите се такви какви што ги сведочиме.

Би сакал да дадам заклучно согледување околу искуствата поврзани со Португалија која во 2001 година ги декриминализираше сите опојни дроги. Слободниот пристап до таа супстанција, не ги „наркоманизира“ сите останати членови на општеството, напротив, студиите покажуваат дека откако Португалија го донесе овој закон, бројот на корисниците на дрога енормно е намален, буџетот е зголемен за одреден процент и стапката на криминал е за 80% опадната, но пред се, намалување на инфицирани од ХИВ (секоја година бројот на нови хив инфекции се намалува за 2000 инфицирани лица). Понатаму, истражувањата говорат дека меѓу Португалците можат да се пронајдат 3 смртни случаи од предозираност со дроги  на еден милион жители. Во споредба со Холандија каде има 44,6 смртни случаи од предозираност на милион жители, 126,8 на милион жители во Естонија, додека на ниво на ЕУ просечната стапка  стапка е 17.3 на милион жители. Овие трендови се последица на релаксираните односи кои државата ги стипулираше во законска рамка. Таа рамка не исклучува никого а импликациите се големи во општеството и истите имаат позитивен исход по животот на оние на кои се однесува користењето на дрогата, но и на опкружувањето исто така.

Автор: Мариглен Демири

|2019-05-18T09:52:06+00:0018 мај 2019|Актуелно, Став|