Апасиев: „Остануваме на ставот за Бојкот, а на новинарите им останува да истражат каде и кој ги повикувал судиите на разговор и влијаел на одлуката“

СКОПЈЕ, 19.09.2018 – Уставниот суд денес ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум донесена во Собранието на Република Македонија (РМ). Поднесени беа две иницијативи, едната од страна на политичката партија Левица, а другата од Светскиот македонски конгрес.

Со седум гласа „против“ и два „за“ Уставниот суд изгласа дека судот не изразува сомнеж за неуставноста и незаконитоста на оспорената одлука.

Судијата известител Елена Гошева претходно предложи да се поведе постапка за одлуката за распишување референдум и да се изрече времена мерка и запирање на сите активности на извесен период.

Според неа, одлуката содржи повеќе правни недостатоци. Прашањето за референдумот, како што рече, е манипулативно, видот на рефередумот не е јасен, а не е наведен и целосниот назив на договорот од Преспа. Гошева смета дека одлуката за референдумот не содржи четири од седум елементи за референдум. Според неа, референдумското прашање е двосмислено, нејасно, содржи 8 можни одговори и треба да е поделено на три прашања.

Судиите Дарко Костадиновски и Осман Кадриу, кои беа предложени за уставни судии од претседателот Ѓорге Иванов сметаат дека одлуката ги содржи сите потребни елементи и дека барањата за нејзино оспорување се неосновани. Судијата Костадиновски рече дека има правни недостатоци, но оти тие не се суштински и не се причина за поведување постапка.

Судијата Јован Јосифовски пак обзнани дека со седумте судии кои гласаа за отфрлање на иницијативата претходно бил извршен разговор и тие под притисок го смениле мислењето, па праша, зошто не биле викнати и тој и Гошева, кои имаат различен став, да им кажат како да гласаат

Претставникот за иницијативата на Левица, Димитар Апасиев кој беше присутен на расправата во судот за медиумите изјави дека ова е срамен ден за владеењето на правото во РМ.

„Денес е погребана правната држава преку политичка, а не правна одлука на судиите. Според нас, бојкотот останува како единствено масовно средство за враќање на правната држава. Тоа значи доколку нема нова одлука за преименување на државата останува во сила старата одлука од 1991 година“, рече тој.

Апасиев апелираше до истражувачките новинари да го испитаат можното сценарио, коешто еден од уставните судии, односно Јосифовски го кажа на седницата, дека уставни судии кои гласаа да не се поведе постапка претходно биле повикувани на разговори.

„Наше е како јавност да видиме каде тоа и кој тоа ги повикувал судиите и се обидувал да влијае врз исходот од оваа иницијатива. Според нас, остануваме на ставот за бојкот, како последно демократско дејство за самоодбрана на народот, за зачувување на правото на самоопределување и неговото уставно име кое е Република Македонија“, потенцира Апасиев.

| 2018-10-04T08:19:09+00:00 19 септември 2018|Актуелно, Вести, Скопје|