(Видео) Антонио Китанов: „Планинарски дом на планинарите, а не на приватњаците!“

ПАПРАДИШТЕ (ВЕЛЕШКО), 20. 04.2018 – Планинарските домови во Република Македонија, од кои најголем дел се градени со самопридонес од народот се под закана од приватизација за профит. Дел од нив преку тендери поминаа во рацете на приватни лица, а за други имало постојани обиди за истото. Со ваквата погубна стратегија, најмногу губат планинарите и сите лица кои искрено ја сакаат природата и искачувањето.

Планинарскиот дом „Чеплес“ кој се наоѓа на планината Даутица, на планинскиот масив Јакупица, во 2013 година беше продаден за 65 000 евра од страна на бившиот градоначалник на општина Чашка, Горанчо Панов, под изговор дека „нема пари за реновирање и затоа мора да се продаде“. Новиот директор на планинарскиот дом „Чеплес“, Љупчо Ѓоргиев, неодамна воведе нови политики во домот, со кои цените за едно ноќевање се зголемија на 400 денари во новиот дел и 250 денари во стариот дел. Исто така, тој го тргна целиот прибор за јадење и готвење, и сега готвењето таму е возможно само ако посетителите си носат свој прибор и садови. Згора на се’ беа тргнати сите корпи и сега секој планинар треба го носи ѓубрето со себе. Според домарот на планинарскиот дом Папрадиште и член на организацијата Грин Пауер,  Антонио Китанов, ваквите промени се нелогични, скапи и планинарите од нив страдаат.

„Во случајот (со Чеплес) цените се покачуваат, а услугите се намалуваат. За некои планинари, патувањето, храната, и општо трошковите, плус ноќевањето се премногу. Со тоа ние автоматски губиме буквално драгоцени финансиски средства“, изјави Китанов за Гласник.

И домот во Папрадиште не останал под радарот нa приватизирачкиот бран, но сега засега планинарите и еколозите од Грин Пауер успешено го бранат. За тоа да остане така, треба и Федерацијата на планинарски спортови во Македонија да биде повеќе активна и да ги преиспита овие злоупотреби.

„Пред 6,7, или 8 години, не сум сигурен колку поминаа, власта ја злоупотреби својата положба и изврши притисок, буквално, овој дом да се одземе од стопанисување на концесионерот Грин Пауер и да се даде на приватно физичко лице кое би го работело. Значи, тука се гледа, еве по мое убедување лично ќе кажам: неспособноста на Федерацијата за планинарски спортови на Р. Македонија за да се грижи за своите, односно нивните куќи – планинарските домови. Значи, сетоа тоа треба да се преиспита и веќе еднаш засекогаш да се стави крај на таквите дивјачки понашања и злоупотреби на силата на власта кон домовите“, додава Китанов.

Проблемите и решенијата на планинарските домови, најдобро можат да ги детектираат и имплементираат самите планинари, затоа што тие се во постојан контакт со нив. Заедничките напори на планинарите во зачувување на домовите се најдобриот рецепт за опстанок кој гарантира отвореност и инклузивност за сите. Таков е примерот со планинарскиот дом Папрадиште.

„Подобро е планинарите да си се грижат за планинарскиот дом, бидејќи тие подруго гледаат на домот од оние физички, приватни лица кои би го стопанисувале, бидејќи, еве конкретно ќе кажам јас за планинарскиот дом Папрадиште кој го стопанисува еколошката организација Грин Пауер – овој дом е непрофитабилен. И сите пари што се заработуваат од ноќевањата од домот, одат буквално за тековни одржавања на домот. Значи, немаме никакви буквално профити од домот, а сепак сите со жар и ентузијазам влегуваат во негово одржување тековно. Тимската игра, тој планинарски тимски дух кој не држи заедно, ни овозможува овој дом и сега да биде наш и мотивација за во иднина да се бориме да не го изгубиме, бидејќи, сепак нашата филозофија е: планинарски дом на планинарите а не на приватњаците!“, нагласи Китанов.

Планинарските домови кога беа изградени со заеднички напори, беа замислени за една цел, да служат на целиот народ, и за  лицата со ниски примања да можат да ги посетат и преноќат во нив. Но со константното покачување и приватизирање на истите, тие стануваат се’ помалку достапни за мнозинството.

|2018-04-20T09:09:49+00:0020 април 2018|Актуелно, Вести, Видео / Фотографија|