Ангел Наков: „Изградбата на рудниците значи геноцид на 400.000 луѓе“

ВАЛАНДОВО, 07.12.2017 – Пред два дена во Струмица се одржа форум за југоисточниот регион со наслов „Рудници: да или не?“. Меѓу учесниците беа градоначалниците на Валандово, Богданци, Босилово и Гевгелија, еден претставник од иницијативите против рудниците, додека пак, немаше ниту еден претставник на земјоделците, ниту пак на некое еколошко здружение. За утре е најавен масовен протестен марш во Валандово, кој ќе започне во 12 часот, а по маршот следува конференција, на којашто ќе може да се слушнат искуства од стопирање на рудниците од активисти од Романија, Грција и Бугарија.

На форумот за југоисточниот регион кој се одржа пред два дена во домот на АРМ во Струмица, се отвори дискусија, на која меѓу другите, за тоа зошто рудници не треба да има аргументираше и Ангел Наков, претседател на здружението „Спас за нас“, кое ја водеше кампањата „Спас за Гевгелија“.

Според него, работата со рудниците е само почеток на како што вели, геноцид на 400.000 луѓе. Смета дека, концесиите коишто се дадени за изградба на рудници се однесуваат на места кадешто има чиста вода, а со изградбата на рудниците тие води ќе се загадат.

Во прилог следи целосниот аргумент на Наков.

Инаку, за утре е закажан масовен протестен марш против рудниците на смртта. Маршот, ќе започне во 12 часот, на булеварот „Првомајска“, пред автобуската станица во Валандово, кадешто, ќе бидат одржани граѓански говори, а организаторите ќе ги прочитаат своите барања. Во рамките на маршот што го организираат активистите, ќе бидат блокирани улици и крстосници во валандовскиот регион, во којшто е предвидена изградбата на рудникот Казандол.

Во склоп на овој масовен собир, во 15 часот ќе започне „Конференција на граѓаните против рудниците на смртта“, кадешто ќе може да се слушнат слични искуства од стопирање на рудници од активисти од Романија, Грција и Бугарија. Исто така, ќе има и дискусија на тема „Што од овие искуства ние како граѓани на југоистокот на Македонија можеме да искористиме во нашата борба против рудниците на смртта?“.

Активистите потсетуваат дека оваа борба не е е само на жителите од југоисточниот регион, туку и на сите оние кои посакуваат чиста еколошка средина и општество во кое ќе се почитуваат основните демократски начела и социјалната правда. Повеќе информации за повикот на марш, може да ги најдете на овој линк.

|2017-12-07T13:16:10+00:007 декември 2017|Актуелно, Вести, Видео / Фотографија|