(Интервју) Кен Лоч: „Ако не ја разбираме класната борба – не разбираме ништо“

Британскиот филмски режисер Кен Лоч е еден од најславените кинематографски гласови на нашето време. Длабоко ангажиран уметник, и еден од грстот режисери кои се здобиле со престижната Златна Палма двапати, Лоч често се занимава со социјални и политички теми во неговите дела. Неговиот опус вклучува приказни за Шпанската граѓанска војна (Земја и Слобода), штрајкот на хигиеничарите од Лос Анџелес (Леб и рози), окупацијата на Ирак (Рута Ирска), ирската војна за независност (Ветерот што го вее јачменот) и принудувачката страна на социјалната држава (Јас, Даниел Блејк). Додека овој таканареч „популистички револт“ предизвика огромна дебата за улогата на економската нееднаквост и социјално исклучување, Кен Лоч останува еден од најголемите наратори на свеста на работничката класа и нејзините трансформации во неолиберализмот.

Во овој разговор со италијанскиот писател и политички активист Лоренцо Марсили, Лоч се навраќа на улогата на уметноста во моменти на политичка трансформација, на еволуцијата на работничката класа, на значењето на класната борба денес, и на неуспехот на левицата да инспирира радикална промена.

Ова интервју беше направено за време на снимањето на ДЕМОС, документарен филм во кој Лоренцо Марсили патува низ Европа истражувајќи ја интернационалната солидарност 10 години по финансиската криза.

Лоренцо Марсили: Дебатата за улогата на уметноста во политичките промени има долга историја. Денес очигледно е дека поминуваме низ мигови на големи геополитички трансформации и глобална дезориентација. Која е вашата визија за улогата што креативноста може да ја одигра во вакви моменти?

Кен Лоч: Генерално мислам дека со уметноста само имате одговорност да ја кажувате вистината. Секоја реченица што започнува со „уметноста треба…“ е погрешна бидејќи се темели на имагинацијата или на перцепцијата на луѓето кои ги сликаат или пишуваат или опишуваат различните улоги што уметноста може да ги одигра. Ние мора да ги зацртаме фундаменталните принципи преку коијшто луѓето можат да живеат заедно. Улогата на писателите, интелектуалците и уметниците е овие принципи да ги гледаат како суштествени. Ова значи да се има долгиот преглед на историјата, на борбата, за во оние околности кога морате да направите тактичко повлекување, да сте свесни дека тоа е сепак повлекување, и да ги имате предвид суштествените принципи. Луѓето кои не се инволвирани во секојдневните тактики можат да го прават ова.

ЛМ: Во вашите дела, човечкиот елемент не е само илустрација на оваа теорија, туку вистински ја отелотворува и станува политички. Дали би се согласиле дека уметноста има моќ да покаже дека, на крајот на краиштата, постојат луѓе позади големите економски и политички процеси?

КЛ: Апсолутно. Политиката живее во луѓето, идеите живеат во луѓето, тие живеат во конкретните борби на луѓето. Таа исто ги предодредува и изборите кои ни се достапни – а изборите, пак, предодредуваат какви луѓе ќе станеме. Начинот на кој семејствата функционираат не е само некој апстрактен концепт за мајка, син, татко, ќерка – тој има врска со економските околности, нивните работни места, времето кое го поминуваат еден со друг. Економијата и политиката се поврзуваат во контекстот во кој луѓето ги живеат нивните животи, но деталите на тие животи се многу човечки – често многу смешни, или многу тажни, но дефинитивно полни со комплексности и контрадикции. За писателите со кои сум работел, и за мене, врската помеѓу личната комедија на секојдневниот живот и економомскиот контекст во кој тој живот се случува отсекогаш била многу значајна.

ЛМ: Значи постои дијалектичка врска помеѓу тоа како економските промени го трансформираат човечкото однесување, и како човечкото однесување, особено колективната акција, ги трансформира економските релации.

КЛ: Земете за пример еден работник. Неговото или нејзиното семејство функционира, или се обидува да функционира, но индивидуално тие немаат сила бидејќи немаат моќ. Тие се едноставно створ на ситуацијата. Но јас сепак мислам дека чувството на колективна сила е нешто многу важно. Туку станува малку покомплицирано. Не е лесно да се раскаже приказна каде колективната сила е веднаш очигледна. Од друга страна, често е грубо и глупаво да се заврши секој филм со тупаница во воздух и со милитантен повик за акција. Ова е константна дилема: како да ја раскажете приказната на семејство од работничката класа, трагично уништено од економските или политичките околности, а да не ги оставите луѓето во очај?

ЛМ: Нешто што мене ме исполнува со надеж дури и во таков мрачен филм како Јас, Даниел Блејк е дека го забележуваме коерзивниот апарат на државата, но сепак ја гледаме и непокорливоста на некаква човечка солидарност: сиромашните си помагаат, а луѓе на улица застануваат и ракоплескаат кога Даниел Блејк остава пркосен графит на ѕидот од Бирото за вработување. Тоа ни вели дека сепак не сме тотално трансформирани во homo economicus; дека сепак постои се уште отпор кон комодификацијата на сиот живот.

КЛ: Да, ова е нешто што критичарите од средната класа не го сфаќаат: Работниците… плукаат дури и кога се смеат. Во рововите постои горчлива комедија, и тука го гледаме отпорот, дури и на најмрачните места. Особено по подемот на банките за храна, каде бесплатна храна им е достапна на сиромашните ги гледате двете јавни страни на нашето општество. Во Јас, Даниел Блејк, кога жената и ја дава ќесата со храна на жена која нема ништо, таа не вели „Еве ви ја милостината“, туку вели „Може ли да ви помогнам со купувањето?“ Од една страна ја имате таа широкоградост, а од друга – државата, која свесно се однесува на најсуровиот можен начин, знаејќи дека ги доведува луѓето до глад. Капиталистичкото општество е вклештено во оваа шизофрена ситуација и од нас зависи како ќе ја организираме солидарноста.

ЛМ: Да, често изгледа како традиционалната економска алиенација да се трансформирала во алиенација од државата. Дали мислите дека тоа е во сржта на феномените како подемот на национализмот, ксенофобијата, можеби дури и Брегзит? Надвор од правењето жртвени јагниња од мигрантите, постои и она чувство дека „не постои некој кој може да се заземе за мене“.

КЛ: Да, мислам дека расположението кое го изнесе на виделина десничарскиот популизам е всушност пораз на левицата… како оној што се случи во 1920тите и 1930тите. Десничарските партии влегуваат во игра со многу едноставен одговор. Проблемот е всушност твојот сосед, соседот ти има различна боја на кожа, готви храна која мириса поинаку, ти ја зема работата, твојот сосед ти е во куќата. Опасноста е што ова е засилено преку масовните медиуми, толерирани и промовирано од емитувачи како Би-Би-Си на пример, кои му го дадоа на Најџел Фараж и на тие околу него времето во етерот кое го бараа.

Крај на првиот дел од интервјуто.

Извор: https://www.thenation.com/article/if-we-dont-understand-class-struggle-we-dont-understand-anything/

|2018-08-29T08:47:33+00:0029 август 2018|Актуелно, Култура, Свет, Став|