Аеродромци до Златко Марин: „да си даде оствака, бидејќи не го исполни ветувањето“

 

СКОПЈЕ, 08.10.2018 – Парцелата пред „Мајчин дом“ во Аеродром со површина од 3.538 метри квадратни денес е оградена со цел започнување на изградба на деветкатница. Токму стопирањето на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во предизборната кампања на сегашниот градоначалник на општина Аеродром, Златко Марин. „Златко Марин веднаш да се повлече од функцијата, затоа што не успеа да го исполни ветувањето кое го даде до аеродромци!“, порачаа граѓаните од иницијативата „Сакаме Аеродром да дише“.

Денес градежни работници со лимени тараби ја оградија парцелата за изградба на деветкатница пред „Мајчин дом“ во Аеродром. Жителите на општината гласно алармираа дека еден ваков објект ќе направи еколошка катастрофа затоа што ќе се гради на зелена површина, а за да се изгради паркинг пред предвидената зграда, урбанистичкиот план предвидува сеча на дрворед и уште едно уништување на зеленилото.

Оваа парцела со површна од 3.538 метри квадратни пред десетина години беше приватизирана, но без право на градење се’ до донесувањето на спорниот план лани во октомври, кога беше предвидена деветкатница. До тогаш како сопственик на парцелата фигурираше фирмата „Масив констракшн“, која се поврзува со бизнисменот Орце Камчев, но на крајот од минатата година се смени сопственоста, а како сопственик се појави Друштво за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги “ЗСФ – ком“ ДООЕЛ увоз извос Скопје, во сопственост на Фатмир Етеми, поранешен пратеник од ПДПА – НДП.

„Општината активно соработува со Уставниот суд, кадешто се доставени сите потребни документи во однос на ДУП И10, за кој се поднесени повеќе претставки. Уставниот суд до денес нема донесено никаква одлука за овој предмет, ниту го има ставено на мирување, ниту го има поништено ДУП И10

Во меѓувреме во Општина Аеродром е пристигнато барање за дозвола за градба на плацот пред „Мајчин дом“, кое Општината е законски обврзана да го процесира, согласно позитивните законски регулативи и параметрите на сè уште активниот ДУП И10“, се вели во вчерашната реакција од општина Аеродром“, се вели во реакција од општината.

Од друга страна токму стопирањето на овој објект и поништувањето на планот со кој е предвиден беше главниот адут во предизборната кампања на сегашниот градоначалник Златко Марин.

Тој во предизборната кампања на претходниот градоначалник му предлагаше да ги обесштети сопствениците на земјиштето со пари, или компензација со земјиште на друга локација, за да го заштити просторот од дополнително градење, како и да ги послуша жителите. Но, откако стана градоначалник, не само што самиот не ги примени овие работи, туку го смени мислењето и неколку пати се правдаше дека не може ништо да преземе, за да ја спречи градбата.

Граѓанската иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“ преку својот фејсбук профил порачаа:

„Златко Марин веднаш да се повлече од функцијата, затоа што не успеа да го исполни ветувањето кое го даде на аеродромци!“

| 2018-10-09T09:54:04+00:00 8 октомври 2018|Актуелно, Вести, Економија, Скопје|